Минаа 10 години од сомнителната приватизација на НПК на Груевски!

by Фокус

Текстот е објавен на 25 февруари 2011 година во неделникот „Фокус“.

Пишува
Владо АПОСТОЛОВ

„Веќе станува бесмислено да се споменува процесот на приватизација на општествениот капитал, кој се уште не е завршен ни по 14 години, и кој стана огромен катализатор на криминал и корупција“. Ова е извадок од книгата „Корупцијата во Република Македонија“ на денешниот министер за правда Михајло Маневски, која излезе во печат во 2005 година.
Тоа е нешто повеќе од 12 месеци пред Маневски да стане новиот министер во владата на Никола Груевски и многу одамна пред тој да ја добие неофицијалната титула министер за неправда, и пред Европската комисија воопшто да го дознае неговото име и презиме!

Понатаму, Маневски во книгата беседи дека кршењето на законите во овој долг процес на транзиција е најочигледен белег на овој период, а за неефикасноста и недоволната работна ангажираност се прават обиди да се камуфлираат со претерани објективни тешкотии. Како тешкотии да немале другите земји кои отидоа понапред од нас!?

Многу фирми во Република Македонија беа приватизирани со груба повреда на законите, а испитувањето на законитоста на таквата приватизација е ставено на маргините како безначајно, ќе поентира Маневски во својата книга како тогашен многу активен член на Антикорупциската комисија!

НПК ЗА МАНЕВСКИ БИЛА НЕЗАКОНСКИ ПРИВАТИЗИРАНА?!

Велат дека луѓето што имаат слични ставови, многу полесно интимно се поврзуваат. И, за да ви докажеме дека Маневски има иста душа како многу од обичните граѓани, само ќе го пренесеме заклучокот што тој го напишал подолу во поглавјето од книгата во кое говори за приватизацијата.
Продажбата на општествениот и државниот капитал се вршеше под различни влијанија и притисоци, често во спрега со власта, ќе напише Маневски, а ние ќе почувствуваме дека оваа реченица е излезена од дното на нашата граѓанска совесна душа.

Дека Маневски и Антикорупциската комисија, која тој ја водеше во еден мандат, не мелат само празна слама, покажува и листата на иницијативи за поништување на приватизациите кои тие ги поднеле, а Маневски уредно ги запишал во книгата.

Па така, веднаш погодувате дека министерот за правда не пропуштил да се пофали со ред иницијативи меѓу кои е нормално и онаа за Фершпед, ама на крај на памет не ви дошло дека Маневски во тој краток список на приватизации кои треба да се поништат ја вброил и Националната платежна картичка (НПК)!

За ова неодамна го потсети неговата поранешна соработничка во Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева, во интервјуто за нашиот неделник пред две недели.
„Случајот НПК заслужува внимание, затоа што станува збор за многу голема материјална штета и редица злоупотреби од страна на лицата кои тогаш биле во власта. Вклучително и незаконското трошење на кеш пари од буџетот“, рече тогаш Тасева.

Со оглед дека Маневски ја спомнал оваа приватизација како спорна во својата книга, веројатно се согласува со фактот дека фирмата која беше одвоена од поранешниот Завод за платен промет во 2001 година, подоцна била незаконски приватизирана.

Или можеби само ги набројувал активностите на Антикорупциската комисија, а не се согласува дека имало криминал во приватизирањето на акционерското друштво кое го раководел синот на неговиот голем пријател Јордан Мијалков, денешен советник во Царината и прв братучед на премиерот Груевски?! Нормално, станува збор за Владимир Мијаков, кој истовремено е и помалиот брат на Сашо Мијалков, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР, каде што на почетокот на 1990-тите главен беше нивниот татко Јордан.

Интересно е денес да се чуе, што Маневски размислува за приватизацијата на фирмата во која улога имале и министерката Гордана Јанкуловска и нејзиниот колега Миле Јанакиевски, а богами и денешниот претседател на Советот на општина Центар, Владимир Здравев. И сето ова во периодот кога со реформата на ЗПП во НПК раководел лично тогашниот министер за финансии и носител на титулата ерген на годината – Никола Груевски!

Со оглед дека до сега ретко е пишувано за Националната платежна картичка, ќе се вратиме назад на самите почетоци на оваа идеја и на нејзината реализација.
Не знаеме какви се читачките апетити на тогашниот министер за финансии Никола Груевски, ама неговата реформа на ЗПП некако соодветствува со прогнозите во футуристичкиот роман на американскиот писател Едвард Белами.

Имено, овој Американец со велшко презиме уште во 1887 година предвидел дека во 2000 година, на прагот од новиот милениум, ќе постои таканаречена платежна картичка со која граѓаните ќе плаќаат во продавниците.

Дополнително, пред десетина години се верувало дека токму поради воведувањето на еврото многу од граѓаните во Европската унија ќе плаќаат со картичка, бидејќи нема да можат така лесно да се преориентираат на новата валута и дека тоа е тренд кој треба да се следи. Промовирањето на Националната платежна картичка пред десет години имало и еден прост економски мотив, а тоа е да се олесни трошењето на пари, она што е двигател на потрошувачкото општество во кое и денес живееме!

АСТАЛА ВИСТА ПРОЦЕСИНГ

Имајќи го сето ова на ум, според пишувањата на домашните медиуми, на 1 јануари 2001 година владата на Љубчо Георгиевски донела одлука да се укине тогашниот ЗПП и да се формира НПК. Медиумите тогаш пренесуваа дека реформата била зачната уште во 1998 година и дека за тој период биле консултирани сите искуства од Словенија, Данска и од Холандија, која наводно се понудила и да донира одреден број на банкомати.

Националната платежна картичка била замислена како акционерско друштво кое ќе го формира државата, а подоцна ќе ја преземат банките кои и би имале ќар од ваквото управување. Логиката била јасна – требало да се подготви фирма која ќе го овозможи плаќањето преку платежни картички, инвестиција која за секоја банка поединечно би била голем залак.

Со дополнување на Законот за платниот промет се поставени задачите на ова акционерско друштво. Така, НПК имала за задача да им ги отстапи банкоматите и уредите за плаќање со картичка (попознати како пост-терминали) на сите банки кои ќе се вклучат како акционери во оваа фирма.

Понатаму, НПК требало да биде компанијата преку која ќе одат трансакциите и која ќе ја чува целокупната документација на луѓето што ги поседуваат картичките. Националната платежна картичка, меѓу другото, требало и да ги печати и да ги изработува картичките, како и да ги одржува пост-терминалите во продавниците и банкоматите.

Тогашната влада на чело со двоецот Георгиевски и Груевски, ветила дека ќе им издаде картички на вработените во администрацијата, кои во тоа време беа околу 100.000 и дека ќе проработат 75 банкомати и 5.000 пост-терминали во целата земја. Георгиевски беше и првиот човек што ја искористи оваа картичка и подигна илјада денари од банкомат пред медиумите.
Преку картичките, административците требаше да ја подигаат платата. Сепак, работите не одеа баш како што тогашната власт замислувала, а дел од причините, зошто тоа не се случило, ги дава ревизорскиот извештај од 2004 година.

Овој документ, кој и ден-денес е достапен на интернет-страницата на Државниот ревизор, покажува низа неправилности и сомнителни тендери кои се случиле во периодот од формирањето на ова акционерско друштво, а наше е да потсетиме дека сето ова се случува за време и по воениот конфликт во земјава, кога очите и ушите на домашната и на светската јавност беа насочени кон прекинување на војната и кон потпишување на фамозниот Рамковен договор.

Да почнеме со ред. Ревизорот забележал дека Националната платежна картичка се финансирала од државниот буџет, кое како акционерско друштво и било забрането со закон, но, како и секогаш, најинтересни се јавните набавки, т.е. начинот на кој се трошени овие пари што НПК не смеела да ги добива од државата.

Ревизорот, имено, со проверка на државниот буџет од 2002 година, увидел дека Министерството за финансии исплатило речиси три милиони евра на фирмата „Виста процесинг – Скопје“, за набавка на хардвер, софтвер и за набавка на 20 банкомати. Она што е интересно во оваа зделка е дека парите се платени врз основа само на профактури, т.е. немало крајни фактури, немало испратници и немало единствен царински документ!?

Кажано на прост македонски јазик, воопшто немало документи со кои може да се потврди дека опремата што ја платило министерството вистински пристигнала во НПК!

Згора на се, лани СДСМ на прес-конференција обвини дека тендерите за набавка на банкоматите и друга опрема ги доби фирма која била формирана истиот месец кога стартуваше и НПК. Не знаеме дали опозицијата мислела на скопската „Виста процесинг“, но, доколку ја побарате оваа фирма на Гугл, нема да најдете никакви информации за неа, што ќе се сложите малку е чудно за компјутерска компанија!
Единствено може да најдете американска фирма со иста дејност и со исто име, која барем денес нема свој претставник во Македонија!

 

ПРЕРОДБАТА ОТСЕКОГАШ ЉУБЕЛА ИТАЛИЈАНСКИ ФИРМИ

Ревизорскиот извештај распослан на четири страници густо чукан текст вади на виделина и други поситни недоследности. Па така, според ревизорот, НПК дала аванс на Македонски телекомуникации – МТ ком – Скопје за модеми кои го чинеле акционерското друштво некаде околу 10.000 евра. Првично, рокот за испорака на модемите бил две недели, па со анекс на договорот е сменет рокот на три месеци, за, на крајот, ревизорот да установи дека до денот на ревизијата овие модеми не биле испорачани!?

Тоа е само дел од големиот број на набавки во кои се потрошени неколку десетици илјади евра на набавка на мебел и друга опрема!
Градежна фирма од Скопје била почестена со анекс на главниот договор за сума од околу 7.700 евра, нешто што е строго забрането според Законот за јавни набавки. Понатаму, за консултантски услуги се потрошени околу 40.000 евра, а на тендерот за оваа услуга е избрана компјутерска фирма која според ревизорот не ги исполнувала условите на јавниот повик. Потрошени се дополнителни 34.000 евра на канцелариски мебел, иако ниту еден од понудувачите немал комплетна техничка документација!?

Ревизорот наведува дека, спротивно на Законот за јавни набавки, не била исклучена понудата на една скопска фирма за безбедносни врати, која немала целосна документација. Напротив, оваа фирма не само што не била исклучена од тендерот, туку и ја добила јавната набавка во вредност од 17.500 евра. Слично се набавени и кујнски и канцелариски мебел во вредност од нови 7.700 евра!
На ревизорот се надополнува и ланското соопштение на СДСМ во кое тие тврдат дека други набавки во НПК се вршени од фирма чиј сопственик во истиот период бил член и на Управниот одбор на Македонска банка, која веднаш потоа стана еден од мнозинските акционери на НПК!

И, така, лека-полека стигнуваме до најсомнителниот дел на приказната за НПК, во делот во кој се спојува трошењето на парите со приватизацијата на ова акционерско друштво. Повторно се повикуваме на ревизорскиот извештај во кој се вели дека на средина од летото во 2002 година, НПК објавила тендер за избор на консултант. На повикот се јавиле четири понудувачи, меѓу кои и „Сервизи Интербанкари-Милано-Италија“, чија понуда, интересно, била доставена на денот на отворањето на понудите!

Тендерот вреден 120.000 евра го добила токму оваа италијанска фирма, а договорот со НПК го потпишала на 19 септември 2002 година, четири дена по изборите на кои победи СДСМ на чело со Бранко Црвенковски, кој тогаш ветуваше по еден вработен од секоја фамилија.

Нејсе, сепак најинтересниот момент во врска со Италијанциве допрва следи. Имено, истата фирма од Милано купува акции на Националната платежна картичка само нецели две недели откако од истата НПК добила пари за консултантски услуги!? Уште поинтересно е дека Италијанците купиле 2,6 отсто од акциите на НПК и за нив прво платиле нешто повеќе од 77.000 евра, на 27.09.2002, а само четири дена подоцна, верувале или не, уплатиле точно 120.000 евра!?

Неверојатна коинциденција е фактот дека тие на 19 септември добиле 120.000 евра од НПК, за по десетина дена исто толкава сума да платат за акции во НПК!
Тогаш ревизорот побарал, ама никој до сега не ја преиспитал регистрацијата на оваа италијанска фирма, нешто што не е лошо да се направи и за италијанската фирма од Фиренца, која ги изработува спомениците во проектот Скопје 2014, идеја што ја спроведува истата структура на политичари.
Сепак, Фиренца е далеку од Милано само колку што Охрид е оддалечен од Скопје!

 

ПРИВАТИЗАЦИЈА ИЛИ БАГАТЕЛИЗАЦИЈА НА НПК?

Се уште сме на 19 септември 2002 година, неколку дена после фамозните избори после кои власта ја загуби ВМРО-ДПМНЕ. Токму на тој ден, во медиумите одекна информацијата дека Националната платежна картичка преминува во сопственост на Македонска и на Балканска банка. Понатаму, во веста на А1 телевизија се вели дека низ пет трансакции на берзата, реализирани во последните 20 дена, овие две банки купиле вкупно 45,7 проценти од Националната картичка и дека во тој момент 26,7 отсто од акциите се во сопственост на Балканска банка, а 19 отсто од капиталот поседува Македонска банка!

НПК била продадена на берзата откако пропаднала продажбата по пат на тендер, а Владата, иако на двапати го продолжувала рокот, сепак не успеала да ги заинтересира банките да ја купат НПК, која била проценета на нешто повеќе од седум милиони евра.

Интересно е дека во медиумските анализи тогаш се говореше дека Македонска и Балканска банка со аквизицијата на НПК на берза си обезбедиле попуст од 56 проценти. Банките го добиле попустот, бидејќи во тоа време можеле да ги платат акциите со т.н. конвертибилни сертификати издадени за штедачите на ТАТ, оти тогаш вредноста на сертификатите не била поголема од 44 отсто од нивната номинална вредност!
Па така, тогашните медиумски анализи покажаа дека Балканска и Македонска банка за акциите на Националната платежна картичка, кои вкупно вределе 3,3 милиони евра, користејќи ги сертификатите, платиле околу 1,5 милиони евра!

Кратко потоа, двете банки имале вкупно 70 отсто од акциите, за потоа бугарската компанија Прва инвестициска банка од Софија да го купи доминантниот пакет акции од Балканска банка и со тоа да стане сопственик на уделот што оваа банка го имаше во НПК!

Бугарите потоа ги купиле и акциите на НПК во сопственост на Македонска банка, па, така, денес оваа фирма работи како приватна фирма во Македонија под името Касис!
Во меѓувреме, Балканска банка стана Уни Банка, додека Македонска банка беше ликвидирана по наредба на гувернерот Петар Гошев, а мораме да споменеме дека за таа ликвидација воопшто не се побуни премиерот Груевски, ниту некој друг вмровски кадар!

Ревизорот има што да каже и за продажбата на акциите во тоа време.
Сомнително е тоа што ревизорот не можел да направи увид во договорите што владата ги склучила со двете банки при купопродажбата на акциите. За потребите на својот извештај, тој во февруари 2004 година побарал од Агенцијата за приватизација да му достави копии од договорите за купопродажба на акциите, а и месец дена подоцна ревизорот останал без каков било одговор. Токму затоа, тој препорачал да се обезбедат документите и да се преиспитаат условите на продажба на акциите кои биле во сопственост на државата.

За овој случај се изјаснила и Антикорупциската комисија во својот извештај за 2004 година, токму во периодот кога член на комисијата бил Михајло Маневски.
„Во однос на сопственичката трансформација на НПК, Комисијата констатира дека таа е спроведена во спротивност со Законот за платен промет, каде е предвидено дека ова акционерското друштво се основа од Владата на Република Македонија, со можност да се продаде на банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет согласно со закон. Со непочитувањето на оваа законска одредба, преку неколку трансакции на Македонската берза е создадена ситуација во која сега странско физичко лице е сопственик на акции во НПК“, се вели во извештајот на Антикорупциската!

svrgovski32

КОЈА Е УЛОГАТА НА ШВРГОВСКИ?

Очекувано, најконкретни во обвинувањата се тогашните, а и сегашните политички противници на Груевски.
„НПК, која била проценета токму од страна на Груевски на 7,3 милиони евра, била продадена за 1,5 милиони евра, и тоа не во пари, туку во конвертибилни сертификати. Со други зборови, од оваа продажба Република Македонија не видела ниту евро, а Груевски потрошил 7,3 милиони евра на НПК. Капак на се, купувачите на НПК се двете банки најблиски до ВМРО-ДПМНЕ, и тоа – Балканска Банка, во која Груевски ја почна својата кариера, и Македонска Банка, криминалното чедо на неговиот ментор Љубчо Георгиевски”, се вели во ланското соопштение на СДСМ.

Со желба да дознаеме, до каде е работата на случајот со приватизацијата на Националната платежна картичка, се обративме кај јавниот обвинител Љупчо Шврговски, и тоа поради две причини. Првата, како сегашен прв обвинител, тој би требало да знае што се случува со овој предмет, а втората причина поради која ни беше потребен состанок со Шврговски е информацијата која до сега ја објавија неколку медиуми, дека тој на времето како заменик-јавен обвинител за Скопје ја одбил токму оваа иницијатива на Антикорупциската комисија.

Дополнително, сакавме да го прашаме и за информациите кои исто така кружат во медиумите, дека тој е близок пријател со Мијалкови, односно, дека бил близок и со Владимир Мијалков поранешниот директор на исто така поранешната НПК!

До затворање на весникот, сепак не добивме никаква повратна информација за можна средба со Шврговски. Само ни се јави службеничка која не информираше дека за овој случај треба да ја погледнеме „одлуката на резолуцијата“!?

Баш така, одлука на некоја резолуција, без да ни каже ниту за каква одлука станува збор, ниту за каква резолуција таа говори. Замоливме да добиеме објаснување, кое не го добивме. Се разбира, состанок побаравме и со Владимир Мијалков, но, ниту во Царината немавме повеќе среќа!

Пред неколку години, колегите од „Форум плус“ имале можност да контактираат со Обвинителството и од таму им кажале дека не нашле ништо спорно во врска со приватизацијата на НПК и дека немало основа за кривична постапка, додека оној дел каде што можело да се спроведе прекршочна постапка, едноставно – застарел. Пу, јазк..!

Ние, пак, не сме големи познавачи на правото, ама, колку-толку помниме дека лани истото ВМРО-ДПМНЕ, чија креација беше НПК, ја одби понудата на Црвенковски да се смени уставот и со тоа да не се дозволи да застаруваат кривичните дела поврзани со приватизацијата. Никогаш нема да дознаеме, дали тоа било токму поради случајот со картичката!

 

ВМРО-НПК

mile janakievski zbori na telefon i svitkana glava a drzi list vo rakaВажно е да ја објасниме и шегата, како тоа ВМРО-ДПМНЕ стана ВМРО-НПК. Интересно е дека до 20 август 2002 година, претседател на Управниот одбор на НПК била никој друг ами министерката Гордана Јанкуловска, а дента кога била разрешена, тогашниот премиер Љубчо Георгиевски за член на тој УО го назначил сегашниот министер Миле Јанакиевски, кој дотогаш работел во Министерството за финансии.

Повеќе информации за луѓето од НПК се добиваат од Службениот весник од декември истата година, кога Црвенковски од позиција на нов премиер го разрешува Миле Јанакиевски од УО, заедно со Владимир Здравев, денешниот претседател на Советот на општина Центар и до неодамнешен вмровски директор на МЕПСО!

И, тука нема многу-многу спорно, освен што е интересно дека сите овие кадри во некој период соработувале со Груевски како министер за финансии, а подоцна добиле улога во НПК.
Е сега, освен министерката Јанкуловска, ниту Јанакиевски, ниту Здравев во своите биографии достапни на интернет не напишале дека некогаш биле дел до Националната платежна картичка!?
Ова не потсети на фактот дека Јанкуловска и повторно Јанакиевски, исто така во своите биографии не споменуваат дека некогаш, пред изборите во 2006 година работеле за контроверзната фирма Аналитико АИ!!!

Кога сме кај криењето на информациите во си-вињата, овој пат мора да го спомнеме и човекот кој стоеше зад реформата на ЗПП во НПК, а денес стои највисоко над сите нив. Имено, колегите од „Утрински весник“ објавија дека во трите биографии на Груевски, различни се информациите за неговиот ангажман во „Балканска банка“, фирмата која на крајот испадна сопственик на НПК!

Според „Утрински“, во 1998 година Груевски навел дека во 1995 година се вработил во оваа банка на позицијата директор на хартии од вредност, план и анализа. Во биографијата, пак, од 2006-та, стоело дека Груевски работел во „Балканска банка“ од 1994 до 1998 година и дека во 1998 бил директор на секторот за ликвидност.
Во последната биографија немало никакви информации за неговиот ангажман во „Балканска банка“. „Балканска банка“ ја нема во биографиите на Груевски ниту на сајтот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на владата!?

Човекот, кој ја составувал оваа биографија, во неа напишал дека Груевски има силна верба во Бога, ама веројатно писателот самиот не верувал толку многу во Севишниот, оти, ете, прекршил една Божја заповед. Лажно сведочел за ближниот свој!

Груевски веројатно сметал дека искуството во Балканска банка не му е потребно за од тоа да прави чалам во Македонија, ама, затоа, годините поминати во оваа фирма не ги крие кога оди во странство. На сајтот на Светскиот економски форум може да се најде неговото кратко си-ви, во кое јасно се читаат годините поминати во Балканска банка!!!
Сето ова до сега кажано, горе-долу е познато, ама ние веруваме во максимата дека повторувањето е мајка на знаењето. Оти, кога човек убаво ќе се потсети, веднаш му текнува дека Знаењето е сила, знаењето е моќ!

Трошаџии
КУПУВАЛЕ ЛУКСУЗНИ ТЕЛЕВИЗОРИ?!

Луѓето што се разбираат во бизнисот со бела техника велат, ако чуете некое чудно име на некој телевизор или на некој музички засилувач, тогаш таа марка е екстра квалитетна или станува збор за ѓубре-производ. Скопските бизнисмени се потсетуваат дека токму пред десет години луѓето од Националната платежна картичка набавиле телевизори од една не многу позната марка, чии производи и денес се неколкукратно поскапи од најдобрите модели на познатите марки на пазарот!
Што е уште поинтересно, тогаш, пред десет години, наводно се купувани плазма телевизори, кои и денес важат за луксузни апарати, а да не зборуваме за тоа колку вределе на почетокот од овој милениум!

Приватно си е приватно
ПОВЕЌЕ ОД 40 ЛУЃЕ ОСТАНАЛЕ НА УЛИЦА?

Откако НПК преминала во рацете на Бугарите, без работа останале нешто повеќе од 40 вработени, а нивните отпуштања биле возможни, бидејќи за новите газди не важела клаузулата – вработените да се сигурни на своето работно место во наредните пет години. Клаузула, која инаку важела за другите субјекти кои произлегле од ЗПП!
Медиумите тогаш пренесувале дека министрите за финансии во сдсмовската влада ветувале вработувања во државната администрација, но, според извештаите, тоа никогаш не се случило!

Поврзани новости