Мијалков морал да го пријави пиштолот на скопскиот аеродром

by Фокус

Поранешниот шеф на тајната полиција и актуелен член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, кој е и прв братучед на премиерот Никола Груевски, бил должен пред полициските службеници на скопскиот аеродром да го пријави оружјето и муницијата што ги поседувал со дозвола, кога завчера патувал за Белград, каде бил приведен поради тоа што имал оружје во патната торба, предвидува Законот за оружјето.

„Преку државната граница државјаните на РМ и странците можат да ги пренесуваат само оние видови оружје и муниција што согласно со одредбите на овој закон можат да ги набавуваат, поседуваат и носат и за кое оружје и муниција е издадено одобрение од надлежниот орган. При пренесување на оружјето и муницијата од ставот 1 на овој член, тие се должни да го пријават оружјето и муницијата што го носат со себе и да го достават на увид издаденото одобрение од надлежниот орган на полицискиот службеник на граничниот премин каде што се преминува државната граница. Ако полицискиот службеник при преглед на физичкото лице, односно при преглед на превозното средство на лицето, пронајде оружје и муниција што не е пријавено, односно за кое не е доставено на увид издаденото одобрение од надлежниот орган, со решение привремено ќе го одземе оружјето и муницијата до завршувањето на прекршочната постапка или кривичната постапка, со правосилна одлука“, се наведува во Членот 61 од Законот.

Во овој Закон стои дека лицето кое при преминувањето на државната граница нема да ги пријави на надлежен орган оружјето и муницијата што ги носи со себе ќе се казни со парична казна од 500 до 1.000 евра.

 

Поврзани новости