Мијалков и Груевски под истрага за перење пари во Србија

by fokus

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покрена предистражна постапка против поранешни македонски високи функционери за перење пари во Република Србија. Како што велат од таму истрагата е покрената по допрен глас, а следува по изјавата на претседателот на Народна партија од Србија, Вук Јеремиќ, кој пред една недела изјави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, переле пари преку српските власти.

„Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и претседател на Народната партија во Република Србија, Вук Јеремиќ. Изјавата се однесува на наводно перење пари во Република Србија од страна на високи македонски функционери и нивната поврзаност со физички и правни лица од Србија и Чешка“, велат од Основнотојавно обвинителство.

Од таму додаваат дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејствија и координација со  институциите надлежни за откривање на овој вид на кривични дела. За понатамошниот тек на постапката, додаваат, јавноста континуирано ќе биде известувана.​

Јеремиќ, инаку, неодамна ги повика истражните органи да ја испитаат врската меѓу поранешната македонска власти и  Воислав Спарвал, директор на фирмата СЦМГ која го купила крупевачкиот „14 октомври“. Како што рече тој, чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври оваа година преку белградската фирма СЦМГ ја купила централата на крушевачката фабрика за четири милиони евра и тоа преку директна спогодба, без јавна лицитација.

Тој наведува дека по законот, директните спогодби за купопродажба важат само во специјални случаеви, а „специјално во овој случај е што оваа година во Македонија е соборен диктаторски и длабоко корумпиран режим на Вучиќевиот политички брат близнак Никола Груевски“.

– Тогаш луѓето од тој режим, а пред сите Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и десна рака на Груевски, панично почнаа да извлекуваат пари од стечајни корумтивни фирми во Македонија и да ги пласираат по разни шеми, преку рајски острови, Холандија, а во случајот „14 октомври“, преку Чешка – вели лидерот на Народна партија.

Јеремиќ додава дека во Македонија се води крајно сериозна истрага во која учесвтуваат и меѓународни органи, за Мијалков и други луѓе од поранешниот македонски врв, и ги повика српските истражни органи да истражат за „14 октомври“.

 

Поврзани новости