Михајловски: Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати нашата декларација ако му биде дозволено да расправа

by Фокус

Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО ДПМНЕ е една можност подобро да ги искажеме нашите ставови, но најбитно – да ги истакнеме принципите, врз база на кои предлагаме да се спроведат суштинските реформи во партијата и да се изготви измената и дополна на партискиот Статут, изјави за Фокус Александар Михајловски, еден од предводниците на иницијативата за реформи во опозициската партија.

ФОКУС Каков епилог очекувате од оваа декларација, односно верувате ли дека Централниот комитет на партијата ќе ја прифати, дека таа ќе го зголеми бројот на вашите истомисленици и поддржувачи меѓу членството итн.?

Мијловски Веруваме дека доколку Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ биде доставена на разгледување пред членовите на Централниот комитет на партијата, ќе биде во целост прифатена, од едноставна причина што мнозинството во ЦК размислува како нас. Но, искрено, се сомневам дека ќе им биде дозволено да расправаат и да одлучуваат на таа тема.

ФОКУС Дали мислите дека принципите што ги наведувате во декларацијата врз основа на кои треба да се измени статутот, меѓу кои слобода на говор и мисла, рамноправност и сл., се загрозени сега, или, пак, се доведени во прашање многу одамна?

Михајловски Декларацијата е насловена како “Демократска ВМРО ДПМНЕ за демократска Македонија”, од причина што сме свесни дека тие принципи не се практикуваат на целокупната политичка сцена во Република Македонија. Се разбира, истите недостасуваат во ВМРО ДПМНЕ, особено последниве години од дејствувањето на партијата. Најважно е да изградиме консензус во однос на нив од страна на сите нас во партијата, и да започнеме со конкретни мерки за нивна имплементација. Тоа особено во процесот на дефинирање на конкретните измени на Статутот на ВМРО ДПМНЕ.

ФОКУС Во декларацијата барате и принцип на личен интегритет и на одговорност, па на колку од членовите на партиското раководство, односно од членови на партискиот Извршен комитет, овие принципи им дозволуваат и понатаму да бидат на високи партиски функции?

Михајловски Степенот на зрелост на едно лице е дирекно поврзан со неговата подготвеност да преземе лична одговорност за своите постапки. Единствено лица со личен интегритет може да изградат капацитетни органи на партијата. Досега се практикуваше на најистакнати позиции да се именуваат лица со тесен капацитет и без никаков личен интегритет. Тоа е една од причините што се дозволи таков степен на централизација и изградба на погрешни политики. Тоа мора да се менува и за кратко да стане минато како пракса во ВМРО ДПМНЕ.

В.С.

Поврзани новости