Мерлин на средба со малата струмичанка: Ако можеше да зборува, Верче ќе запееше со Дино!

by Fokus
Легендарната балканска музичка ѕвезда Дино Мерлин и го исполни сонот на десет годишната Верче од Струмица, која што е дете со Даун Синдром.
Вчера, за време на своето присуство во градот, во склоп на Струмица Опен Фест, Дино се запознал со својата мала обожавателка, се фотографирал со неа, и и подарил албум со неговите хитови. Верче, која што сеуште не збори, била превозбудена од средбата со пејачот со чии песни растела секојдневно, и целата треперела од радост, а нејзината мајка Анче Николова Туфекчиева ни раскажа дека настанот долго ќе го памети.
 
,,Во нашиот дом секогаш се слушала музиката на Мерлин. Со тек на време, Верче почна да ги препознава неговите песни, да реагира весело и позитивно на нив, секогаш кога ќе го забележеше на телевизија не се тргаше од пред екранот. Кога организаторите на фестивалот во Струмица објавија на својата интернет страница дека најсреќни пет учесници во наградна игра ќе имаат можност да се запознаат со пејачот, не се двоумев, веднаш ја пријавив ќерка ми’’ – раскажува мајката.
 
Таа додава дека Верче ја имала среќата да биде избрана заедно со уште четири други лица, и покрај тоа што во наградната игра учествувале илјадници фанови на Мерлин.
 
,,Кога заминавме на средбата, која се одржа во хотел во Струмица, првин на Верче не и беше јасно што се случува. Но веднаш штом го забележа Дино, таа се опушти и самата тргна кон него. Многу беше среќна! Не можам да ви ја опишам нејзината возбуда!  Мерлин се израдува на средбата, на позитивните реакции на Верче кон него, и ни остави впечаток на еден смирен, културен човек, полн со разбирање.
И покрај тоа што имаше премногу народ наоколу, и посвети внимание, со што на сите ни го разубави денот, ја направи Верче да се чувствува како мала принцеза. Бидејќи сеуште не збори, среќата можевме да и ја видиме во очите, и знам колку би сакала и самата да можеше да запее со Дино, оти неговите песни и се посебно омилени’’ – вели Анче.
 
Таа искажа голема благодарност кон организаторите на фестивалот, и ги пофали за интересната идеја, потенцирајќи дека вакви настани треба да има што повеќе.
 
,,Можеби некому ова му изгледа како нешто не толку важно, но за Верче настанот е нешто што секогаш ќе го памети. Восхитот сеуште и трае, еве дома постојано се пуштени албумите на Мерлин, кој што барем за кратко ни ги одтргна мислите од секојдневните проблеми и предизвици со кои се соочува нашето семејство’’ – изјави Николова Туфекчиева.
 
На фестивалот во Струмица во изминативе три дена настапија многу звучни музички имиња. Групата Галија, Дино Мерлин, Јелена Розга, Жељко Бебек, Јелена Томашевиќ, Ван Гог, Гаро и Тавтјан брадрс и многу други, ги забавуваа гостите од цела земја.
Вики Клинчарова

Поврзани новости