Меѓународните новинарски здруженија: Да заврши кошмарот за Кежаровски!

by Фокус

Македонските власти мораат да се осигураат дека сите апсурдни обвиненија против новинарот Томислав Кежаровски ќе бидат отфрлени за да може да преовлада слободата на изразувањето, порачуваат Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и Европската федерација на новинари (EFJ) во пресрет на утрешната седница на Апелациониот суд во врска со случајот.

– Томислав Кежаровски е неправедно казнет затоа што застанал зад својата професија и ги штити своите извори – изјави претседателот на IFJ, Џим Боумела кој ги посети Кежаровски и неговата фамилија во март годинава и му ја пренесе солидарноста на колегите од целиот свет.

– Бараме да се потврди правдата и Томислав да замине од овој кошмар како слободен човек – порача Боумела.

Меѓународната федерација потсетува дека во 2013 година скопскиот суд одлучи дека Кежаровски треба да одлежи 4,5 години затвор поради тоа што одбил да ги открие имињата на изворите што ги користел за серијалот истражувачки стории во магазинот „Репортер 92“.

„Во текстовите, Кежаровски откри дека заштитен сведок дал лажно сведочење за убиство. Кога беше повикан да сведочи во судот, судијата побара тој да ги каже имињата на своите извори. Тој ги откри имињата на неговите полициски извори, меѓутоа одби да ги каже другите извори“, потсетува IFJ.

Поради тоа, новинарот помина речиси половина година во затворска ќелија од осуме метри квадратни заедно со уште тројца затвореници, ќелија во која има мал прозор и тоалет. Оттогаш тој е во домашен притвор, невработен е и живее во тешки услови.

Поврзани новости