Матурантка од Неготино го продава својот роман за помош на болната другарка

Драгица Иванова со матурантката Филева и волонтери

Матурантката Елена Филева од Неготино ќе ги донира средствата од продажбата на својата втора книга ,,Камо денес да беше вчера’’ за помош на нејзината сограѓанка Драгица Иванова, која боледува од церебрална парализа.

Хуманитарната продажба на романот на Филева ќе се случи во сабота, со почеток во 13 часот на градскиот плоштад во Неготино.

,,Со Драгица се запознав неодамна, и многу ме трогна нејзината животна судбина. Таа живее со родителите и помалото братче, кое исто така има церебрална парализа. Неодамна имаше операција, но е полна со живот и многу сака да се дружи, и покрај сите препреки што ги има во животот. Утре е нејзиниот роденден, па сакав да и го честитам на мој начин, со продажбата на романот, и се надевам дека хуманите граѓани ќе излезат во голем број и ќе помогнат да се соберат што повеќе средства. Инаку, и за операцијата што таа ја имаше, помогна хуманоста на граѓаните, кои што несебично донираа’’ – раскажува Елена.

Таа додава дека со Драгица минуваат часови во дружба, и дека многу и значи тоа што младите сакаат да и помогнат, не само финансиски, туку и со внимание.

,,Во сабота, за време на хуманитарниот настан, Драгица прв пат по подолг период ќе излезе од дома. Поради операцијата, мораше да се чува извесно време, и можам да кажам дека со нетрпение, како таа, така и јас ја чекам закажаната дружба на градскиот плоштад’’ – вели Филева, која својот прв роман ,,Дај ми шанса да ти докажам дека можам’’ го промовирала минатата година, додека била ученичка во трета година во СОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Неготино.

Вториот роман пак, излегол во печат во јануари годинава.

Настанот е во организација на граѓанската иницијатива ,,И јас сум’’ која има за цел преку креативен активизам да придонесе за зголемување на општествената и граѓанска одговорност.

Вики Клинчарова