Манчевски: Новата Влада има вработено вкупно 96 лица, додека претходната само во последните неколку месеци вработила 7.708 лица

by fokus

За два месеца новата Влада вработила вкупно 96 лица, бројка која се однесува на сите институции. Една третина од нив или 32 се советници на министрите, информира денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Тој информира дека во периодот од распишување на изборите до назначување на новата Влада, претходната Влада незаконски вработила 7.708 лица од кои 3.033 лица се вработени со договор на дело авторски договор или волонтирање.

Министерот појасни и дека според законот секој министер може да вработи шест советници и тоа 3 советници кои доаѓаат од администрацијата и кои остануваат да работат по мандатот и 3 надворешни посебни кабинетски советници.

„Единиците на локална самоуправа во кои градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ, вработиле 300 лица што јасно зборува за тоа кој ја партизира администрацијата“ рече Манчевски.

Манчевски соопшти дека е во тек изработка на функционална анализа на администрацијата по која ќе следува прераспределување на административците, нивна понуда на приватниот бизнис, но како што рече, нема да има отпуштање од работа на ниту еден административец и нема да им се врши притисок да се определат за двосменско работење или префрлање во приватен бизнис.

Во врска со зголемениот буџет на Министерството за информатичко општество и администрација со ребалансот, Манчевски појасни дека тие пари ќе бидат искористени за покривање на радиодифузната такса која се укинува.

Поврзани новости