Малиот планинар Ване награден за подвизите: 12 врвови за една година!

by fokus

Десет годишниот Ване Бошев од Неготино е награден за своите планинарски подвизи во текот на годинава, по повод светскиот ден на планината, 10 декември.
Федерацијата на планински спортови на Македонија на пригоден начин ги прогласила најдобрите клубови и поединци кои оставија значаен белег во планинарскиот спорт, како за лична афирмација, така и за промовирање на Македонија.

Ване, кој е ученик во петто одделение во ОУ Страшо Пинџур Неготино е помеѓу наградените, со искачени 12 врвови во текот на годинава.

„Ване е нашата гордост. Оваа година ги искачи врвовите Брежник во Албанија, Чемерник и Стресер во Србија, Зелен Брег и Џена на Кожуф, Скала и Митикас на Олимп, Грција, Делчев врв на Серта, Милкин врв и Запка на Плавуш, Златов врв Прилеп и Караѓоз Серта. Се справува со предизвиците рамо до рамо со возрасните планинари и наредната година се подготвува за многу нови успеси во планинарењето и освојувањето на нови врвови“ – вели неговиот татко, Орданчо Бошев.

Во планинарските кругови Ване е познат како македонски Спајдермен. Започнал да ги освојува планинските врвови уште на свои три години. Има освоено голем број на награди и признанија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости