Македонците полека ги напуштаат црвените линии, се зголемува бројот на оние кои би прифатиле промена на уставното име

by fokus

Се повеќе Македонци би прифатил промена на уставното име со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО. Според анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје, 38,2 отсто се изјасниле во декември минатата година дека доколку биде постигнат компромис за прашањето за името, би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО.

Анкетата се однесува на декември 2017 година. За споредба во март 2016 година десет отсто помалку, или 28,3 отсто би прифатиле промена на уставното име. Што значи дека полека се изедначува бројот на оние кои се „за“ и оние кои се „против“ промена на уставното име. Според анкетата 47 отсто не би прифатиле, но тоа е многу помалку од 2016 година, кога 64 отсто одговориле дека нема да прифатат промена на уставното име.

Анкетата покажува дека Македонците се релативно реални во врска со евроатланските интеграции. Повеќе од половина или 53 отсто од нив сметаат дека Македонија не би можела да биде примена во ЕУ и НАТО без да го смени уставното име, додека 27 отсто сметаат дека постои таква можност.

За 60 отсто од испитаниците е многу важно спорот да се реши веднаш, а за 17 отсто тоа е донекаде важно. Само 15 отсто сметаат дека тоа не е воопшто важно или дека е донекаде важно.

49 отсто сметаат дека спорот може да се реши набрзо, а 42 отсто сметаат дека спорот за името би можел да биде решен до крајот на 2018 година.

Иницијативата на Владата да се подобрат односите со Грција ја поддржуваат околу 57 отсто од граѓаните, додека 23 отсто не даваат поддршка.

По однос на прашањето кога сметаат дека Македонија може да добие покана за прием во НАТО и да ги започне преговорите за членство во ЕУ, 25 отсто се оптимистични дека тоа може да се случи во 2018 година, додека 19 отсто типуваат за 2020 година. Седум отсто сметаат дека тоа нема да се случи никогаш.

Истражувањето на Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) беше направено во периодот помеѓу 16 и 21 декември 2017 година на 1113 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.

Поврзани новости