Македонија во портокалова фаза, пијте течности на секои два часа!

by fokus

Македонија од денеска и за време на викендот, ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза. Утринската температура ќе се движи од 11 до 19 степени, а дневната од 31 до 41 степен. УВ-индексот ќе има вредност 9, најавуваат од УХМР.

До средината на следната недела нашето подрачје ќе биде под влијание на сува и многу топла воздушна маса. Ова ќе предизвика период на претежно сончево, многу топло и суво време. Во поголем дел од земјава максималната температура ќе достигнува над 35, а на места вдолж Повардарието ќе надмине и 40 степени.

Министерството за здравство препорачува од денеска до недела од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Од Министерството за здравство препорачуваат да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

Поврзани новости