Македонската ракометна репрезентација на стартот на Европското првенство во Хрватска ја совлада третата селекција во светот – Словенија со еден гол разлика (25: 24).

Македонија тешко го почна мечот, со оглед дека првиот гол од игра го постигна дури во 13-тата минута од натпреварот, откако претходно Кире Лазаров со два гола од пенал не дозволи Словенија да се одлепи на поголема разлика од два.

Клучниот потег го направи тренерот Раул Гонзалез откако го извади Борко Ристовски и на голманската позиција го стави Никола Митревски, кој со серија фантастични интервенции им даде крилја на нашите ракометари.

За разлика од првиот дел, ракометарите имаа одлично отварање на второто полувреме, ја продолжија серијата без примен погодок и му дадоа уште четири гола на противникот за низа од 7-0 и водство од 15:11.

Словенија првиот гол во второто полувреме го даде дури во шестата минута од натпреварот во момент кога Македонија имаше тројца исклучени ракометари.

Словенците влегоа во мини серија и резултатски се изедначија, натпреварот повторно влезе во неизвесен тек.

Со многу тензија, напнатост и игра на нерви се до самиот финиш на натпреварот во кој нашата репрезентација беше поуспешна и дојде до победата од 25:24.

Најефикасен во Македонија беше Дејан Манасков со осум голови, седум постигна Кире Лазаров, а Никола Митревски беше еден од хероите на мечот, нанижувајќи девет обрани.