Македонија денес го празнува Денот на антифашистичкото востание

Република Македонија денеска одбележува 74 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Tрадиционално по повод празникот денеска во Собранието на Република Македонија ќе бидат врачена државната награда „11 Октомври“.

Бројни делегации ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.

Во Прилеп кадешто и започнува антифашистичкото востание ќе биде одбележан празникот со низа манифестации. Честувањата започнаа уште во петокот, а централната манифестација ќе се одржи денеска со импровизиран напад на градот и огномет, а ќе им биде оддадена и достојна почит на дејците, борците, народните херои и жртвите што градот ги дал во народноослободителната војна.

Седумдесет и четвртата годишнина од македонското народно востание вчера беше одбележана и со свечена академија во Македонскиот народен театар, на која се обрати претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.