Љубчо и Бранко биле криви за сѐ, а Груевски останал-безгрешен!?

by Фокус

Текстот е објавен во 888. број на неделникот „Фокус“ на 6. јули 2012

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Најпосле се случи она што до вчера беше незамисливо. Љубчо и Бранко си пружија рака за заедничко рушење на власта. И Георгиевски влезе во опозицискиот блок, заедно со Тито Петковски, Стојан Андов, Андреј Жерновски, Стојанче Ангелов, Обединети на Бошкоски… Сите се, значи – на купче. Токму така, како што ги посакуваше Груевски во интервјуто со Роберт Поповски. Да, ги сакаше на купче, за сите заедно да ги збрише од политичкиот живот со еден удар. Но, откако го доби посакуваното, од владеачките редови стигна неочекувана реакција. Сета пропагандна машинерија реагираше молскавично. Изјави од експерти, аналитичари, дебати, прес-конференции… Не разбирам, чуму толкава жестокост кон посакуваниот противник!? Нели требаше да бидат сите на купче, за Пастирот да биде уверен во триумфалниот исход на ,конечната пресметка, која се најавува за локалните избори? Зар не беше доволна неговата почетна изјава за ,сликата што вреди 1.000 зборови,?! Се разбира, поткрепена со надмоќна насмевка, како што прилега на човек што верува во сопствената супериорност!

Вака, се создаде сосема спротивен впечаток. Наместо да ги израдува, власта како да се исплаши од ,непринципиелната, коалиција. Замислете, коалицијата била непринципиелна според ,принципиелниот, аршин на Груевски, Ѕинго и Амди Бајрам!? Да пукнат, ме изнасмеаја. Но, такви се спортокалените. Рака под рака со Ѕинго и Амди зборуваат за фалшлива приватизација, за шверц со нафта кон Србија, за криминали од севозможен тип… Чиниш, вчера се родиле, па не стигнале ниту П од принцип да скршат. Уште потрагично, сите нас нѐ третираат како вчерашни, кои не помнат што се случувало во Македонија ни пред 20 дена, а камоли години!!!

Тоа е, всушност, главниот проблем со оваа власт. Нон-стоп, 24/7, еве веќе седма година нѐ убедуваат во нивната безгрешност. За секој потег, и најглупавиот, имаат маестрално објаснување, кое, сто пати повторено, треба да нѐ убеди во нивната генијалност. Па, речиси до вчера тврдеа дека СДСМ бил на власт цели две децении. Откако им текна дека лупаат глупости, смалија на 15, иако самиот Груевски е во највисоката власт, како министер или премиер, точно 10 години, што е половина од историјата на самостојна Македонија. Но, тоа воопшто не е случајно. Кој смее и да помисли на четирите минати години во владиниот кабинет на ,предавникот, Георгиевски?!

Да, Љубчо е проблемот. Тој е клучниот сведок на нивното ,славно, минато. Затоа се случува оваа канонада по неговото усојузување со СДСМ. Ги плаши неговата одлучност, да ги каже и најнепријатните работи, без оглед на штетата што можат и нему да му ја нанесат. Како, на пример, епизодата со изборот на Груевски за негов наследник на вмровското кормило. Тоа предизвикува општа нелагодност, заклучно со Марјан Ѓорчев, кој мора постојано да признава дека немало ништо спорно во изборот, иако самиот Георгиевски тврди дека практично самиот го ,наместил, Груевски на челната партиска функција. Уште понепријатно, за тоа сведочат некогашните изјави на незадоволните од Љубчовото мешање, кои денес послушно го следат секој пастирски чекор!

Кој може да биде сигурен, до каде е подготвен Љубчо да оди? Што може тој да каже за ОКТА или НПК, доколку преку глава му дојдат обвинувањата за неговото криминално минато? Кој сака да биде потсетуван на годините кога ,безгрешниот, Груевски беше омилениот министер во кабинетот на ,озлогласениот, Георгиевски? Токму тоа го мачи прероденото стадо. За доброто е заслужен само Груевски, а за лошото – сите останати, кои во тој момент не му се по ќеиф. Тоа, богами, тешко може да се свари без удвоена доза пропаганда од сите можни медиуми!

Се разбира, Љубчо е непредвидлив противник. Своевремено, на своја кожа тоа го почувствува и самиот Црвенковски. За разлика од него, Георгиевски никогаш не инсистирал на чесноста во политиката. И затоа, во ТВ дуел ги кажа финансиерите на неговата партија. Нѐ финансираат истите бизнисмени, кои го финансираа и СДСМ додека беше на власт, му одговори тогашниот премиер Љубчо на опозиционерот Бранко, без око да му трепне за последиците што таа искреност ги создава по неговиот рејтинг. Ако таков бил додека ја имал практично сета власт во земјава, каков ли може да биде сега, растоварен од реален личен интерес во претстојниот натпревар за локалните функции?

Конечно, токму во тоа се состои вистинската вредност на Георгиевски во опозицискиот блок. Без оглед на успехот што портокаловата пропаганда го постигна во рушењето на неговиот имиџ, тој останува најверодостојниот свидетел на ,минатиот живот, на Груевски. Пастирот не може да остане безгрешен, а Љубчо и Бранко да бидат виновни за сѐ, доколку некогашната вмровска икона тргне на сѐ или ништо против забеганата власт. Тоа, пак, е чекорот без кој не се може против неа. Логично, се ќе биде поинаку, кога опозицијата конечно ќе успее да го сруши ореолот на совршеност, кој грижливо се негува крај ликот на Пастирот во сите овие години!

Воопшто не би се изненадил, доколку Георгиевски го отвори прашањето за шурувањето на Груевски и со самиот Црвенковски. Можеби ќе потсети на претседателските избори во 2004-та, кога Бранко стигна до победничкиот цензус благодарејќи на вмровскиот смс-повик во последниот половина час од гласањето, чиниш на Кедев му фалеа уште два-три гласа за победа. Не се знае, конечно, дали ќе ја премолчи и вратката во 2006-та, кога Груевски го победи Бучковски со помош на Црвенковски. Ќе биде многу интересно, доколку власта продолжи со обвинувањата кон Љубчо за предавството што го прави преку најавената соработка со вмровскиот непријател број 1. На крајот на краиштата, само таа опасност е доволна причина за Груевски никогаш да не прифати јавно соочување ниту со Георгиевски!

Едноставно, се наоѓаме на почетокот од најжестоката политичка пресметка во нашата историја. Во неа сигурно ќе се користат сите можни средства. Оти, ова не е обична битка за власт. Од нејзиниот исход не зависи само политичката, туку можеби и животната судбина на главните политички актери. За жал, ние сме веќе дел од земјите, кои имаат политички затвореници. Таа судбина лебди како опасност над оние што ќе се соочат со поразот, без оглед што одделни новинари мислат дека Љубе Бошкоски веројатно е во затвор од естетски, а не од политички причини. Но, така е тоа со луѓето што го помнат само она што им одговара. За нив, на пример, и Црвенковски излегол напрасно од нашиот стрип, а не затоа што му поминал редот. Како што се случи, впрочем, и со покојниот Трајковски. Нема, белки, да тераме шега со опозицијата при Ѓорге Иванов и Никола Груевски!?

Зар навистина има потреба од објаснување, дека Фокус бил и останал критички расположен кон секоја власт, која порано или подоцна губела контакт со реалноста? Да, доблесно е да се има критички однос кон Црвенковски, Георгиевски, Костов, Бучковски, Груевски… кога моќта е во нивните раце, а не отпосле, кога самите ќе признаат дека ја загубиле и поради сите оние што ги ,пушеле, најочигледните им глупости. Толку. Оние што сфатиле – сфатиле. Оние што не сфатиле – толку можат. Па макар ги убедувале уште 17 години!

Поврзани новости