Лозано и Савка ја раскинаа свршувачката: По девет години љубов, се разделија пејачот и манекенката!

Поп пејачот и Евровизиски претставник на Македонија во 2013 година, Влатко Лозаноски – Лозано, и моделот Савка Грачанин ја раскинаа свршувачката.
Убавата валандовчанка, со која популарниот пејач беше девет години во врска, уште пред неколку месеци се отселила од станот во Скопје, каде живееја заедно изминативе години.

Негови блиски пријатели велат дека се изненадени од нивната одлука, и како наместо непријатните вести за прекинот на врската, очекувале покани за свадба.

,,Влатко е многу затворен тип, не сака да открива приватни детали. Претпоставуваме дека подолг период имале проблеми со Савка, иако навидум изгледаа како доста стабилен пар. Сигурно имале добра причина за прекин на свршувачката, бидејќи се познаваа со години, живееја заедно, зрачеа со љубов’’ – открива за ,,Фокус’’ извор близок до пејачот.

Имено, кога пред околу една година и двајцата на своите Фејсбук профили ја објавија веста за запросувањето, и започнаа да добиваат честитки од пријателите и фановите, Влатко изјави дека во нивниот однос нема да се менуваат многу работи, бидејќи долги години биле во врска, живееле заедно, и прстенот на раката на Савка не значи промена во нивниот начин на функционирање. Исто така, тој тогаш најави дека планира свадбата да се случи во неговото родно Кичево.

,,Нема што да се каже, не сме повеќе заедно со Савка. За повеќе детали од приватноста не би коментирал’’ – изјави тој за ,,Фокус’’.

И, ако на љубовен план не му цветаат рози овој период, на професионално поле Влатко имаше доста успешно лето. Неговата песна ,,Ова лето ќе се памти,, е една од најслушаните песни во клубовите, и се најде на врвот на топ листите на радио станиците во земјава. Исто така, веќе започнал и со подготовки на новиот албум.

,,Работам со мојот докажан тим, авторите Лазар и Магдалена Цветковски, имам договорени снимања на нови песни и спотови. Добив понуди и за неколку турнеји надвор од Европа, за кои сеуште размислувам дали да ги прифатам’’ – вели тој.

Лозано и Савка се запознале за време на едно модно шоу, а потоа тој ја поканил да му гостува во спот. Љубовта им се родила за време на снимањето на спотот ,,Обичен без тебе’’ и неретко во интервјуа за разни медиуми раскажуваа дека се сродни души.

Вики Клинчарова