Летувањето на политичарите не е повеќе табу: Нема зошто да криеме каде се сончаме!

by Fokus
Ако до неодамна, за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, јавноста се информираше околу тоа кој политичар каде летува со помош на папарацо фотографии, најчесто направени на некоја грчка плажа, бидејќи владините функционери ги криеја летните дестинации како змија нозете, новата влада на чело со Зоран Заев ветува транспарентност и на оваа тема.
Новите министри и пратеници отворено кажуваат дека нема потреба од манипулирање со народот, па дури и да се работи за летување во соседна Грција, нешто што со години политичарите го практикуваа, но и го премолчуваа.
Па затоа, од наградите кои ги нудеа одредени медиуми за папарацо фотографија од министер или пратеник на плажа, најверојатно нема да има ништо оваа летна сезона. Силвана Бонева, Коце Трајановски, Никола Тодоров и ред други беа само дел од ,,одморашите фатени на дело во бикини и летен шорц издание на грчкото приморје, и покрај тоа што секогаш одбиваа да дадат одговор на прашањата од типот – Каде ќе одморате, колку ве чини летувањето и слично.
Некои од нив, единствено преку службата за односи со јавност на Владата на Република Македонија, доставуваа кратко соопштение за дестинацијата на летување, а неретко тоа се случуваше дури откако во медиумите ќе се појавеа папарацо фотографии од истите. Типичен пример за тоа е летувањето на Никола Груевски пред две години во Израел, запаметено по папарацо фотографиите со брендираните наочари за сонце.
Сите нови министри и пратеници со кои разговаравме на темава, велат дека летувањето на политичарите не смее да биде табу тема за јавноста, ниту пак нешто кое што треба да се прави во тајност. Напротив, сметаат дека на одморот не треба да се гледа како на луксуз, туку на нешто достапно за секој граѓанин, без оглед на неговата функција.
Така на пример, министерката за труд и социјала, Мила Царовска, кога се летувањата во прашање, вели дека отсекогаш сакала да патува, и во животот патувала многу, и приватно и службено.
,,Сега, кога конечно ми е дадена можност да направам промена во системот и конечно социјалната заштита да ја унапредам во Македонија, последни на листата на приоритети ми се патувањата и одморите. Од кога станав мајка, односно во последниве четири години, за летен одмор избирам мирни места во Грција. Пред 2012 година, избирав места кои се подинамични, и никогаш не одев два пати на истото место. Оваа година, најверојатно нема да користам летен одмор – вели Царовска.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека за изборот на дестинацијата одлучувале неговата сопруга и децата.
,,Годинава сеуште немаме решено каде ќе летуваме, јас лично би сакал тоа да биде Албанија или Турција. Минатата година летувавме во Пиран, Словенија и имаме убави спомени од таму – изјави Таравари.
Пратеникот Стефан Богоев годинава не планирал подолго летување, туку продолжен викенд на море
,Летувањето оваа година е неизвесно и дали воопшто ќе го има. Ќе имаме многу набиена агенда во Собранието имајќи го во предвид распуштањето на Собранието пред локалните избори. Најверојатно ќе се спојат денови околу викенд и празник и ќе одам до Црна Гора или пак Албанија – тврди тој.
Роберт Алаѓозовски, министерот за култура, исто така не планирал класично летување, туку ќе искористел само некој викенд за одмор со семејството.
,,Годинава на летување – во кабинетот на министерот. Ни претстојат стоте дена, кога треба да се сработат неколку стратешки приоритети. Ако излезе некој продолжен викенд, би отишол со семејството на Охридското езеро или на најблиските крајбрежја – вели Алаѓозовски.
За разлика од него, премиерот Зоран Заев со семејството ќе заминел на летување најверојатно во Шпанија, кај пријатели, во август. Вели дека во изминатите години летувал во Грција и на Јадранското приморје, семејно. Исто така, ќе поминат неколку денови и во Охрид.
И Јани Макрадули не крие дека Грција е една од најчестите летни дестинации на македонците, каде планира да одмори летово.
,,Сега со новиот ангажман, сеуште не знам временски како ќе биде. Но, при првата прилика, ќе заминам во соседна Грција – изјави тој.
Заменик претседателот на владата Бујар Османи годинава сеуште не знаел дали воопшто ќе оди на летување, но во изминатите години заедно со сопругата и децата летувале во Албанија.
Министерот за земјоделие, Љупчо Николовски вели дека нема да има класично летување годинава, можеби само викенд прошетка до некое летувалиште, и додава дека никогаш не би криел доколку летува во Грција.
,,Минатата година бев на летување на Крит, пред тоа во Рабат, Хрватска. Ако годинава успеам да одвојам време дури и за краток одмор, нема тоа да го кријам од јавноста, па и да се работи за соседна Грција, дестинација која многу политичари ја премолчуваат, но и често ја посетуваат – тврди тој.
И министерот Зоран Шапуриќ вели дека нема фобија од летување или прошетка во Грција, но ова лето во план му било да помине неколку дена на планина, во Банско, Бугарија.
,,Веќе 12 години не одам на класично летување. Синот Бојан заедно со снаата Алиса живее во Америка, па често со мојата сакана сопруга Мери во лето минуваме време заедно во Флорида. Годинава може да прошетам за време на викенд во Охрид, Грција или Банско, најверојатно ќе биде Банско поради планинскиот воздух– изјави Шапуриќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости