Лакрдија од избори!

by lali

Првиот круг на претседателските избори личеше на сè, освен на фер и демократски избори! Неделата, денот на гласањето, потврди по којзнае кој пат дека Македонија не е демократска држава. Изборниот ден, 13-ти април, потврди дека режимот нема намера да организира регуларни избори.

Начинот на кој се однесуваше власта на изборите навестува дека и вториот круг на претседателските избори, а и парламентарните избори нема да бидат фер и демократски во иста мера како и првиот круг, ако не и полоши.

Прво, иако избирачкиот список изнесува 1.779.572 гласачи, што за многумина е огромна бројка, значителен дел од избирачите не можеа да гласаат затоа што ги немаше на списокот. А, посебна приказна е тоа што некои луѓе, кога одеа да гласаат, видоа дека некој друг веќе гласал во нивно име!

ЕКСТРЕМНО ПРОБЛЕМАТИЧЕН ИЗБИРАЧКИ СПИСОК

„Цивил“ – центарот за слобода откри гласачи на непостоечки влезови и непостоечки станови во населбата Кисела Вода. Замислете, има гласачи во станови под бр. 22, во првиот влез, и бр. 25 во вториот влез, а двата влеза имаат по само 17 стана. Или, замислете, има гласачи во влезови 3, 5, 6 и 9 во зграда во која има само два влеза! Ваков проблем со непостоечки влезови се откри и во Капиштец.

Ако сето ова може да се случува во урбаните делови на Скопје, тогаш можете да замислите што се случува во руралните делови од државата. Ако на ова додадете дека се забележани повторно гласачи од Пустец, кои кружат низ повеќе општини со повеќе лични карти, ако додадете дека има починати гласачи на списокот, тогаш доаѓате до заклучокот дека избирачкиот список е екстремно проблематичен.

Реален избирачки список нема додека прво не направиме попис. Од 2002 година до денес, структурата на населението е многу променета, па затоа избирачкиот список според стариот попис е нерелевантен.

Препораката, државата да се одвои од партијата, не профункционира. ОБСЕ нотираше дека актуелниот претседател и воедно кандидат на ВМРО-ДПМНЕ имал значителна предност во однос на ресурсите.

„Цивил“ нотира голем партиски активизам за време на изборниот ден и огромна злоупотреба на јавните ресурси. Недостигот од слободни и независни медиуми е уште еден огромен фактор кој придонесува за нефер атмосфера, а добар дел од медиумите придонесуваат и за недемократска атмосфера. ОБСЕ регистрирал 23 часа платени ТВ-реклами за Иванов, 7 часа за Поповски, а 3 за Пендаровски.

Јавниот сервис МРТВ уште еднаш потврди дека за него основните новинарски стандарди се непознати и, наместо државна телевизија, МТВ е партиско гласило на ДПМНЕ. Провладините медиуми изборите ги прогласија за најдобри досега, а ги игнорираа проблемите на избирачките места.

ПОТЦЕНЕТА УЛОГАТА И СИЛАТА НА РЕЖИМОТ

Кампањата пред првиот круг беше многу негативна. ДПМНЕ поттикнуваше национализам, ДУИ повикуваше на бојкот. Атмосферата произлезена од таквите политики на двете владини партии произведе тензија на теренот, а дефицит на демократска атмосфера.

Најсликовит опис за „фер и демократските“ избори е тешкиот инцидент во Шуто Оризари, каде што Амди Бајрам и неговиот син Елвис Бајрам, кој е и градоначалник  на Шуто Оризари, ја нападнаа Радмила Шеќеринска, која беше набљудувач на изборниот процес. Покрај нападот врз набљудувачот, беше нападнат и униформиран полицаец, кој се обидувал да реагира на самото место.

Ако на едно избирачко место, пред толку луѓе, може да биде нападната поранешна вицепремиерка, што тогаш да очекува обичниот граѓанин!?

Овие избори докажаа дека можете да го имате најдобриот изборен закон на хартија, но во земја во која нема владеење на правото тоа не е доволно. Посебно не во држава во која поделбата на власта е нарушена, а владата е над законот и судот!

За жал, Македонија е далеку од нормална земја. Резултатите од ваквите избори се второстепени. Опозицијата треба да размисли како ќе настапува понатаму. Опцијата за непризнавање на изборите мора да биде нејзина отворена опција.

А, бројките од првиот круг секако ќе бидат и отрезнувачки за тие од опозицијата, кои ги потценија улогата и силата на режимот. Се чини дека ДПМНЕ ќе се обиде со уште поголеми притисоци да извади што подобар резултат на парламентарните избори. Важно е опозицијата да се консолидира што побргу, потребна ѝ е на општеството.

Останува да се види дали меѓународниот фактор повторно ќе замижи пред уште една изборна лакрдија!

Поврзани новости