Купувачите во земјава разочарани: Не сме дораснати ни за Црн петок!

by Fokus

Американскиот феномен Црн петок, кој ја најавува предбожиќната сезона на купување со големи попусти во трговските ланци, и се случува првиот викенд по празникот познат како Ден на благодарноста, веќе неколку години наназад станува се поактуелен и кај нас.

Голем број на трговски марки се приклучија кон американската традиција, кога се нудат производи на попусти од 20, па се до 90 проценти. Но, во Македонија, очигледно дека трговците не го сфатиле вистинскиот смисол на Црниот петок, па наместо очекуваните големи попусти, купувачите наидоа на разочарувачки цени во продавниците.

– Купив дуксер од познат трговски бренд пред еден месец, по цена од 1.200 денари. Кога за викендов повторно влегов во истата продавница, истите дуксери наместо здиплени на полиците, беа ставени во еден кош, а над нив со големи бројки испишана цената со попуст, која верувале или не, беше сосема иста од пред еден месец. Очигледно трговците сметале дека ако ја стават робата во кош, ќе ни остават впечаток дека е на распродажба. Ефтини финти за наивни потрошувачи – раскажува нашата соговорничка за искуството во шопинг центар во Скопје.

И на социјалните мрежи деновиве се упатија голем број на критики по повод наводните неверојатни попусти. Потрошувачите се жалат дека единствено на попуст се ставени производи од пред неколку години, застарени модели, а и тие попусти не се ништо спектакуларно, туку само мало намалување од околу 20 проценти од редовната цена. Се појавија и фотографии на кои потрошувачи ја фотографирале новата цена со наводен попуст на производот, а под неа, етикета со редовната цена, која е сосема иста со таа, прикажана како големо намалување.

-Има разлика од обичен викенд, до овој, за Црниот петок. Се состои во тоа што ако пазарите за Црн петок, ќе треба да се туркате, да чекате ред пред касата, додека во обичен ден ќе можете да пазарите без сите овие гужви, речиси за истите цени – се жалат купувачите.

И покрај тоа што владее општо незадоволство од малите и нереални попусти, сепак голем број на граѓани деновиве ги посетија шопинг центрите за кои беше најавено дека ќе се вклучат во американската традиција. Па така, кога веќе се решиле да излезат на купување, многу од нив завршиле купувајќи нешто што воопшто не им е потребно, колку да не се враќаат со празни раце. Трговците сепак, со добар маркетнишки трик, успеаа да привлечат голем број на купувачи. Со релативно просечни попусти, ги наполнија продавниците со посетители, кои за разлика од Америка, каде излегуваат со полни раце ќеси, во раце носеа едвам по една ќеса.

-Се додека кај нас нема вистински попусти, ќе одиме на пазарење во Солун, соседна Грција. Таму, не мора да чекаме Црн петок. Во време на сезонските намалувања, во познатите аутлет продавници може да се купи брендирана гардероба и обувки по смешно ниски цени. За сто евра, со кои овде ќе купиме еден пар спортски обувки, на наводен попуст, од таму компленто ќе се опремиме со неколку ќеси брендирана облека – коментираат разочараните купувачи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости