Кумашинот на Протуѓер „крка“ тендери во тетовската болница

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред парламентарните избори на 5 јули, 2006 година, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со изборна програма, која беше добитна за партијата. Во програмата наречена „Преродба во 100 чекори“, меѓу многубројните проекти испишани на црвена подлога со жолти букви, значајни симпатии кај граѓаните освоија ветувањата за унапредување на здравствениот систем, реконструкција и изградба на нови болници, зголемување на платите на лекарите и воопшто – подобро и поквалитетно јавно здравство за пациентите.

За разлика од ветувањата во сите досегашни изборни програми на владеачката партија, денес, речиси 11 години подоцна, само со една прошетка во болниците низ земјава можат да се забележат лошите услови во кои се наоѓаат 110-те јавни здравствени установи. Тие веќе неколку години се во финансиски колапс, со огромни долгови. Недостигот од медицински кадар – сестри и лекари е хроничен, нема основни материјали и апарати за работа, а партиските вработувања станаа неиздржлив товар. Пациентите, пак, заради кои се прават сите здравствени реформи, кога ќе влезат во болница, единствено ги води мотото – кој преживее, ќе раскажува!

Партијата на власт пред секои избори излегува со десетици страници отчет- колку пари потрошила за да ги подобри работите во здравството и што сѐ има намера да сработи и да изгради во иднина. Но, дел од реализацијата на крупните проекти никако да почне.

Меѓу првите на листата е Тетовската клиничка болница, која веќе неколку години ја тресат скандали, редовно ги полнеше насловните страници на медиумите и беше ударна вест на телевизиите, но не поради нова медицинска опрема, вработување лекари или, пак, воведување нова метода за лекување, туку поради зголемената смртност на родилките и новороденчињата, уривањето на покривот кој усмрти млада девојка, огромните долгови, лошите услови за работа, лекарските грешки, судските процеси…

СКАНДАЛИ ЈА ТРЕСАТ БОЛНИЦАТА

Тетовскиот клинички центар е единствената болница од таков вид во западниот регион, во која се лекуваат 200 илјади пациенти годишно, од кои само 900 пациенти дневно. Болницата е поделена на два дела, Здравствен дом и Клинички центар. Само во последните неколку години, во оваа јавна здравствена установа се пресекоа куп црвени ленти, се правеа фотосесии, а министерот за здравство Никола Тодоров промовираше медицински апарати во вредност од над 10 милиони евра.

Сепак, кога ќе се исклучи светлото на камерите и фотоапаратите, на површина излегува страшната слика во која се наоѓа болницата и која на некој начин ја нагрдува владината розова слика за јавното здравство.

Според лекарите, за сите овие 11 години пациентите се лекуваат во мизерни и крајно недостоинствени услови, почнувајќи од недостигот на основни средства за хигиена и лекови, па сѐ до лошите хигиенски услови, старите и руинирани згради, кои се во распад, просториите полни со мувла и различни видови инсекти, кои секојдневно им прават друштво на пациентите.

Состојбата во Клиничката болница во Тетово ја отсликаа и неколкуте фотографии објавени на социјалните мрежи, а кои ја прикажуваат незамисливата нечистотија и старата инфраструктура. Дел од зградите се стари и се распаѓаат, изградени уште од 1970-тите години. Според нашите извори, најалармантна е состојбата на Инфективното одделение и на одделението за Физикална медицина и рехабилитација, кои се сместени во бараки, а за чија реконструкција болницата веќе неколку години чека зелено светло од Министерството за здравство.

Условите за работа и лекување на овие две одделенија се под секое човечко достоинство. Се користат стари и загадени чаршафи, од кои пациентите лесно можат да фатат инфекции. Ништо не е поразлична ситуацијата и на другите одделенија. Болницата е во тотален распад. Сепак, се работи за регионална болница, која опслужува голем број пациенти – објаснува лекар кој сакаше да остане анонимен.

Колку била лоша и очајна состојбата во Тетовската клиничка болница покажува и страшното искуство од пред речиси седум години, односно во ноември, 2010 година кога од силниот ветар се откорна покривот на едното крило на болницата и ја усмрти 23-годишна Дафина Даци, студентка од Косово и повреди уште двајца други пациенти, кои баш во тој период се затекнале во дворот на болницата. Според Комисијата, која во тој период беше формирана од екс министерот Бујар Османи да го „истражува“ случајот, главната причина за несреќата била неквалитетната изградба на покривот, кој летна и директно падна врз главата на девојката, со што болницата го доби името „убиец“.

Но, како и секогаш кај нас, секое чудо за три дена. Во овој случај за кој беше покрената истрага, а кој беше смртоносен за 23-годишната девојка никој не понесе ниту морална, ниту кривична одговорност.

Иако оваа страшна несреќа се случи пред седум години, сепак и по толку време не е направена значајна промена во оваа клиничка болница, освен редовните најави на сегашниот министер за здравство Тодоров за нејзина реконструкција.

Покрај редовните најави за реновирање и изградба на болниците, тука е и главниот адут на владејачката партија за добивање гласови на изборите – набавката на медицинската опрема, кои ја олеснија сметката на Министерството за здравство за повеќе од 200 милиони евра. Откако пред неколку години беше промовиран грандиозниот проект за набавка на медицински апарати од 100 милиони евра,Тодоров во период кога се уште не е формирана нова влада прави незаконски тендер од уште 33 милиони евра, од кои со медицински апарати треба да се опремат повеќе од 100 јавни здравствени установи.

Тетовската клиничка болница се најде прва на листата, па Тодоров токму таму ја направи првата фотосесија, со која го најави новиот мега проект со кој само во таа болница треба да бидат набавени над 1.200 медицински апарати, за што ќе се олесни здравствениот буџет за околу 2 милиони евра.

Но, што од ветеното оствари ресорниот министер? По три месеци од спектакуларните најави, во болницата се набавени единствено само три апарати.

Јас колку што знам досега кај нас има набавено компјутерска томографија, магнетна резонанца и ангиограф. Што се случува со другата опрема не знам, а прашање и каде се потрошени парите – тврди во изјава за „Фокус“, лекар вработен во Клиничката болница во Тетово. Останува нејасно прашањето каде се другите медицински апарати, со оглед на тоа што целиот тендер чини повеќе од 2 милиони евра. Истото прашање го упативме и до ресорното министерство, но од таму не добивме одговор.

 

СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ЈА КОЧИ РАБОТАТА НА БОЛНИЦАТА

Буџетот на Тетовската клиничка болница за 2017 година изнесува 7,6 милиони евра што бележи благо зголемување во однос на 2016 година, кога сметката на болницата била тешка 7,4 милиони евра.

Откако челниците на ВМРО-ДПМНЕ седнаа на функционерските столчиња, тендер-бизнисите и фаворизирањето на одредени фирми стана нивен заштитен знак, па на тој начин, како што обвинуваа опозиционерите, болниците преку набавката на лековите и медицинската опрема се претворија во пералници на пари.

Познато е дека секоја од болниците работи самостојно, со свој буџет, а од година в година трошоците енормно се зголемуваат. Нашите извори коментираат дека буџетите на јавните здравствени установи не стигнуваат ни за првите шест месеци од годината, така што, дел од нив не можат ни да распишат тендери, додека пак, за дел од болниците, тендерската документација за основните материјали за работа е заглавена во Бирото за јавни набавки, со образложение дека проблемот е технички.

Со такви проблеми веќе подолг период се соочува и Тетовската клиничка болница, од каде што иако доставуваат тендерска документација, од Советот за јавни набавки им ја враќаат, затоа што сметаат дека е некомплетна.

Но, да одиме по ред. Секоја болница до Советот за јавни набавки доставува тендерска документација за набавка на лекови, инфузии, игли, гази и друг медицински материјал… Некои од болниците имаат од 10 до 15 тендери годишно, додека пак, други имаат повеќе од 100 тендери за последните неколку години. Се во зависност од потребите. За секој распишан тендер, болницата на стручните лица во Советот за јавни набавки им плаќа од 15 до 18.000 денари, а исто толку пари се даваат и кога истиот тендер се враќа неколкупати поради технички грешки.

Еден тендер ја чини клиниката 18.000 денари, а тој  може да се врати и до четири пати назад на клиниката, што значи дека само за него се потрошени 72.000 денари! Па, можете да замислете за колку пари се работи – велат нашите извори од Одделот за Абдоменална хирургија на клиниката.

Советот за јавни набавки е тело што го формира Владата и ги именува неговите членови. Нашите извори коментираат, дека секој од стручњаците во Советот, кој е задолжен да ги разгледува тендерските документи на клиниките добива надоместок од 100 евра. Тоа значи дека доколку тендерот се врати на повторно разгледување, дополнително се плаќа истата сума.

ТЕНДЕРИ ОД КУМАШИНОТ НА ПРОТУЃЕР

Со само еден клик на страницата на Бирото за јавни набавки може да се најдат набавките што во последниот период ги направила Тетовската клиничка болница за набавка на медицински потрошен материјал, за одржување и сервисирање на медицинска опрема, за набавка на медицински апарати за одделенијата за хирургија, гинекологија и очното одделение…

Според податоците на БЈБ, Тетовската клиничка болница склучила договор со фирмата за медицинска опрема „Соникс“ за набавка на апарат за анестезија со пациент монитор, пациент монитори и дефибрилатори. Договорот бил склучен на 14 февруари 2017 година во вредност од речиси 133 илјади евра. На тендерот биле пријавени седум фирми, а според податоците од склучениот договор, победничката фирма ја дала најниската цена. Во истиот период, болницата со истата фирма склучила уште еден договор за набавка на медицинска опрема за Одделението за гинекологија и Очното одделение. Според податоците на Бирото за јавни набавки, договорот бил склучен на 14 февруари 2017 година, а зделката изнесувала 86 илјади евра.

Кој стои зад фирмата за медицинска опрема која редовно добива државни тендери? Фирмата „Соникс ДООЕЛ“ е основана е на 10 декември, 1993 година, што значи дека на пазарот опстојува 24 години. Според податоците од Централниот регистар, како сопственик на компанијата се води Анастасија Дудеска, а во меѓувреме во документите може да се забележи дека досега се смениле неколку управители. Во периодот од 2005 до 2011 година, Дудеска се води и како сопственик и како управител на фирмата, додека историјатот на промени покажува дека од 18 октомври, 2011 година на управителското столче седнува нејзиниот син Кирил Дудески. По три години, на 13 март 2015 година, управител на компанијата за медицинска опрема станува неговата сопруга Весна Дудеска. За целиот овој период се менуваат управителите, но сепак се сѐ врти во кругот на семејството.

Во јавноста неколку години се врти муабетот дека фирмата наводно е блиска до партијата на власт, односно дека Дудески има блиски кумовски релации со Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на експремиерот Груевски. Нашите информации говорат дека Протуѓер бил кум на свадбата на Дудески.

ПОЧИНАТИ БЕБИЊА, РОДИЛКИ…

Црвениот аларм за тревога во Тетовската клиничка болница се вклучи пред седум години, во 2010 година, која го сруши црниот рекорд на починати родилки и новороденчиња низ породилиштата во државата. Во тој период, во рок од само три дена починаа три родилки, едната во Гостивар, другата во Прилеп, а третата во Тетово за што обвинението падна на адреса на лошо поставениот здравствен систем и лекарските грешки.

Но, тука не завршија скандалите поврзани со болницата во Тетово, па така во 2015 година на виделина излезе уште еден случај на почината родилка. Станува збор за 30-годишната Виолета Кировска, чие породување било извршено со царски рез. Според тврдењата на нејзината сестра за медиумите, првиот оперативен зафат траел 2,5 часа, по што пациентката почнала обилно да крвари, а медицинската екипа која била на смена таа вечер не презела ништо за да го стопира крварењето.

Дури по пет часа лекарите се одлучуваат за втор оперативен зафат, хистеректомија, односно отстранување на матката, но по наше инсистирање ја префрлија на КАРИЛ, а нејзината здравствена состојба се повеќе се влошила. За жал, од преголем губиток на крв, мозокот на мојата сестра останува без кислород и на докторите на скопската клиника не им беше оставен многу простор за интервенција. По запаѓање во длабока кома после пет дена од првата операција, мојата сестра почина. Ни искрвари пред очи – раскажуваше тогаш нејзината сестра Силвана Ѓорѓевска.

Сепак, со ова не завршија трагедиите во семејството Кировски, со оглед на тоа што само шест месеци по смртта на мајката почина и нејзиното бебе.

За овој случај, тетовското Јавно обвинителство лани во февруари поднесе обвинителен акт против лекарот за несовесно постапување при пружање на лекарска помош, при што е предизвикана смрт на едно лице. Семејството истовремено побара суспензија за лекарот, како и на обвинетиот да му се изрече споредна казна „забрана за вршење професија – лекар“. Но и по две години оттогаш лекарот продолжува нормално да работи во болницата и да ги извршува своите професионални обврски.

Сепак, ова не е единствениот случај што се товари врз грбот на гинекологот, за кој медиумите пишуваа дека направил повеќе лекарски грешки, а за тоа јавно сведочеа неколку родилки. Една од нив е и пациентката С.Р. од тетовското село Мала Речица, која поднела тужба против лекарот, а според раскажувањата претрпела големи трауми при породувањето. Таа за медиумите тврдеше дека по интервенцијата на гинекологот повеќе не може да раѓа. Но, според обвинувањата на повеќе пациентки, уште пострашно е дека лекарот има повеќе вакви случаи во својата кариера.

Дел од гинеколозите, со кои поразговаравме на оваа тема тврдат дека секаде во светот се случуваат и интрахоспитални инфекции и лекарски грешки, но колку побрзо властите се соочат со причините и со бројките, толку побрзо ќе се решат проблемите.

Треба да се кажат проблемите, за да се решат. Факт е дека проблемот е системски. За тоа во светот веднаш ќе се реагира, ќе се отворат дебати, ќе има оставки. Само кај нас никој од здравствените власти ништо не го интересира. За се е виновен лошо поставениот здравствен систем – вели гинекологот Гоце Чакаровски.

Од друга страна, во последните три години, според директорот на болницата Флорин Бесими бројката на починати бебиња е намалена, со оглед на тоа што сите комплицирани случаи и бебиња над 34-недела според протоколите се праќаат на скопската Клиника за гинекологија. Бројките покажуваат дека во 2015 година од 2221 раѓање, починале вкупно 4 бебиња, додека една година подоцна, во 2016 година, од 2021 раѓање во болницата, починале исто така четири бебиња. Но, за разлика од овие две години, оваа бројка во 2017 година се зголемува, па така ,од 583 раѓања досега починале три бебиња.

Тетовскиот клинички центар е една од болниците каде што се случуваа најчудните скандали. Меѓу нив е и мртвото машко новороденче, кое во ноември, 2015 година беше пронајдено во тоалетот на интерното одделение во болницата. Овој случај падна во рацете на обвинителството, но до ден денес во јавноста нема информации што точно се случило и чие било бебето?

Останува отворено прашањето – дали некој воопшто ќе сноси одговорност за сите случувања што беа кобни за животот на пациентите во болницата?

Рамка:

НЕМА АНЕСТЕЗИОЛОЗИ, ИНФЕКТОЛОЗИ, ГИНЕКОЛОЗИ, ПЕДИЈАТРИ

Еден од најголемите проблеми во Тетовската Клиничка болница, според вработените е недостигот од лекари и медицински персонал. Според нив, не се потребни само убави згради и медицинска опрема, туку некој кој ќе работи со неа.

Ние имаме потреба од анестезиолози, инфектолози, гинеколози и педијатри. Мора да има лекари што ќе работат, не можат пациентите сами да се лекуваат – тврди абдоминален хирург во болницата, кој сакаше да остане анонимен.

Рамка:

Флорин Бесими, директор на Тетовска клиничка болница

ИМАМЕ ДОВОЛНО ЛЕКАРИ ДА РАБОТАТ СО НОВИТЕ МЕДИЦИНСКИ АПАРАТИ

Директорот на болницата, Флорин Бесими, кој на директорското столче седна во 2010 година, на јавноста и е познат како брат на екс министерот за економија од ДУИ, Фатмир Бесими. Со директорот поразговаравме на повеќе теми, а неговите одговори ви ги пренесуваме во целост:

– Во програмата на Владата во 2104 година имаше точка да се доопреми Дијагностичкиот центар и да се изгради нов објект, како две нови капитални инвестиции. Новиот тендер за набавка на медицинска опрема што оди преку Министерството за здравство се уште е во фаза на евалуација на документите. Од досегашните тендери од МЗ, во болницата има магнетна резонанца, компјутерска томографија, мамограф, ехо, факоапарат, ангиограф… Меѓутоа, ние вложуваме и наши средства за да ја средиме болницата.

Во однос на случајот со гинекологот, кој беше обвинет за смртта на родилката, надлежните институции го преземаа случајот и целата работа е во нивни раце, а лекарот кој извесно време беше суспендиран повторно е вратен на работа со цел пациентките да добиваат подобри здравствени услуги.

Ние работиме со полн капацитет,  имаме веќе 30 лекари на субспецијализации и 50 лекари на специјализации. Во министерството досега кажавме дека имаме потреба од нови објекти, опремување, но досега од ресорното министерство не е преземено ништо. Одделението за физикална терапија и инфективното одделение се во лоша состојба, но дел од физикална е префрлена на друго место за пациентите да добиваат квалитетни здравствени услуги. Секогаш имаме доволно материјали за работа и лекови.

Поврзани новости