Кучиња нападнаа дете во Неготино: Дедото го спасил крвавото внуче од челуста на животните

by fokus

Вистински хорор се случил утринава во Неготино, кога четиригодишно дете било нападнато и искасано од две големи кучиња на улица, пред нивниот двор. Со голем број повреди, целото облеано во крв, во девет часот, веднаш по нападот било однесено во болницата во Неготино, од каде што било препратено на одделението за хирургија во кавадаречката општа болница.

„Родителите го донесоа детето утрово, преплашено, со многу повреди, целото крваво. Има четири рани, две на задниот дел на главата, една на левото рамо и внатрешниот дел на левата натколеница. Му укажавме прва помош и го препративме на хирургија во Кавадарци. Од информациите кои што ни ги дадоа преплашените родители, дознавме дека детето излегло пред дворот, каде што имало две големи бели кучиња. Немаме информација чии биле, ниту пак од која раса се, знаеме само дека не биле во сопственост на семејството. Детето сакало да си поигра со нив, при што го нападнале. Дедото и тетката први притрчале и токму дедото успеал на време да го откине детето од устите на животните’’ – ни изјави Др. Ангелина Јаќимовска од ЈЗУ Неготино, која што го примила детето.

Од одделението за хирургија од кавадаречката болница информираа дека е извршена интервенција врз детето, добило соодветна терапија и било задржано на хируршкото одделение.

Веста за нападот одекна низ целиот град и неготинчани се во шок, но и исплашени за безбедноста на своите деца. Познато е дека низ градот, посебно на градскиот плоштад со години наназад се собираат цели глутници на кучиња, кои што немаат сопственици.

Пред три години во Неготино, исто во месец март, куче од расата ротвајлер нападна мајка и бебе, кои завршија во болница со повреди, а бебето било спасено од случајни минувачи. Нападот го изврши куче, чувано во домашни услови кое што било во прошетка заедно со неговата сопственичка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости