Кризата е пред кулминација, а не пред решенија!

by Фокус

djelalПишува
Џелал ХОЏИЌ

Најголемата криза во која се наоѓа Македонија и понатаму не ја добива вистинската загриженост и третман од јавноста. Веќе почнува да се шпекулира со решенија, иако кризата уште ја нема доживеано својата точка на кулминација.

„Бомбата“ на опозицијата околу опремата од Израел имаше чудна реакција. Од една страна, бројот на луѓето што ја следеа во живо, на преносот, беше помал од вообичаено, а од друга страна, реакцијата на режимот беше многу панична, како на ниту една до сега. Некако добивам впечаток дека режимот сериозно се ниша, но очигледно дека јавноста уште не е спремна, а уште помалку организирана, за пресврт, кој така очајно му е потребен на ова општество.

Знам, комплицирано е и контрадикторно, но го живееме тоа. Странците веќе се свесни дека „стабилократијата“ им се руши до темел, како кула од карти, па сега трошат време на изнаоѓање решение кое ќе биде безболно за државата, но и за нив.

ЦЕНАТА НА ГРУЕВИЗМОТ

Луѓето кои со години им укажуваа во што се претвора груевизмот, сега се со право дополнително загрижени од збунетите странци, кои бараат безболно решение на една толку длабоко болна криза. Нема да има безболно решение, едноставно Македонија е осудена скапо да го плати груевизмот, многу скапо, што целата радост ќе ни биде сведена на тоа дека го преживеала.

Во иднина искуството од преживеаниот ураган, именуван како „Груевизам“, веројатно и ќе биде многу позитивна работа за нашето општество. Oна што нема да Ве убие – Ве прави посилни! А некои мои пријатели ќе кажат дека конечно ќе знаеме да си ја цениме слободата и државата, зашто независноста ја добивме на тацна.

Но, до преживувањето на кризата имаме месеци, кои ќе ни бидат долги како години. Пред да зборуваме за решенија на кризата, треба да разбереме во какви околности тие се градат.

Прво, по сите оние криминални разговори, политичките кариери на Груевски, Мијалков, Јанкулоска, Јанакиески и Ставрески се погребани. Тие луѓе во нормална ситуација немаат политичка иднина. Затоа треба да се има на ум дека тие не се борат да останат на власт, туку за да останат на слобода. Нивното паѓање од власта за нив ќе значи дека им следуваат долги години затвор.

Која е штетата која сега се спремни да ја направат е главното прашање. ДПМНЕ почна со митинзи низ Македонија, а режимските труби почнаа сѐ погласно да трубат дека преодна влада не е можна, ДУИ сака да седне на преговарачка маса, значи сите карти на режимот се ставени во функција на градење на што подобра позиција за преговарање.

Што правиме ако груевизмот оцени дека преку преговори не може да ги оствари своите замислени позиции и се одлучи на дополнителна радикализација, на пример со етничка криза? Кој може да каже дека властодршците не сакаат да си заминат како херои, наместо како криминалци со спуштени глави и гаќи?!

КАПКАТА ШТО ЌЕ ПРЕЛЕЕ

Деновиве слушаме и за загриженоста дека Заев ќе биде уапсен. Убеден сум дека Груевски нема да си дозволи таква грешка. Зошто? Од повеќе причини: Прво, тоа нема да го спречи објавувањето на „бомбите“, туку тие ќе добијат дополнителна разорна моќ.

Второ, тоа ќе биде капка која ќе ја прелее чашата кај Западот, па ќе биде повод за соодветна нивна реакција, која досега успешно знаеше да ја одбегне.

Трето, тоа ќе значи враќање на Бранко Црвенковски во битката, а со него и десетици илјади на улиците, таму каде што застана „Отпорот“, а се тоа вкупно за Груевски значи побрз крај и уште помал простор за пазарење. Груевски ќе направи сѐ само да не си замине со наведната глава!

Какви ќе бидат решенијата на кризата, ќе зависи од тоа на која страна ќе сврти режимот, онаа конструктивната или онаа радикалната, и дали опозицијата ќе го даде својот максимум за што повеќе да им го скрати маневарскиот простор. Дека „бомбите“ сериозно го нишаат режимот е евидентно. Дека кулминацијата е пред нас можете да заклучите по паничните реакции на власта и тенденцијата дека секоја следна „бомба“ е по разорна за режимот.

Затоа е рано да се зборува за решенија. Она што е важно е да се убеди опозицијата да почне да организира масовни собири по улиците, за да можат решенијата да се градат во подобри услови за сите нас, а полоши за режимот.

Поврзани новости