Кривичниот суд ги отфрли „бомбите“ како доказ во уште шест предмети, од СЈО најавуваат жалби

by fokus

Кривичниот суд ја продолжува праксата да ги отфрла „бомбите“, односно забранува нивна употреба како доказ во случаите на СЈО. Откако неодамна ги отфрли прислушуваните разговори како доказ во предметите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“, судот деновиве решил да ги отфрли овие докази и од предметите „Титаник“, „Титаник 2“, „ТНТ“, „Тенк“, „Тревник“, и „Тифани“.

Од СЈО, пак, велат дека во законскиот рок ќе ги обжалат овие решенија.

Апелација претходно постапувајќи по жалби на СЈО за отфрлање на бомбите како доказ во случајот „Триста“, но и во случајот за „Насилството во Центар“ веќе донесе поволни одлуки за обвинителството. Затоа е нејасно зошто останатите судии од Основниот суд Скопје 1 наместо да ја следат оваа судска пракса, одлучија и понатаму да замижуваат пред прислушуваните разговори.

Апелација во одлуките наведе дека прислушуваните разговори се дел од доказниот материјал, бидејќи со формирањето на Специјалното јавно обвинителство аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија.

Отфрлањето на бомбите на СЈО се случува во фаза на оценка на обвиненијата, која што за најголемиот дел од нив, уште трае. Според распоредот кој беше објавен на веб-страната на Основниот суд Скопје 1, на судијката Моника Бахчовановска за оценка и се паднале „Тревник“ и „Тифани“ и „Титаник“, на судијката Верка Петковска – „Титаник 2“, на Лидија Петровска – „Тарифа“, а во рацете на Ленка Давиткова е распореден предметот „Топлик“.

Според Законот за кривична постапка, оценувањето на обвинителните акти ги врши судија поединец кога е запретена затворска казна помала од десет години, а кога се заканува поголема казна тогаш на потег е советот на судии. При оцената, судијата поединец или советот можат да одлучат да го одобрат обвинителниот акт, да го отфрлат или доколку утврдат технички грешки да го вратат назад кај обвинителот на поправка.

Доколу обвинението е одобрено, главната расправа се закажува во рок од 30 дена од приемот на обвинителниот акт, или 60 дена доколку станува збор за дела од организиран криминал.

СЈО кон крајот на јуни до Кривичниот суд достави 17 обвиненија, за 18 предмети, во кои главните обвинети се од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости