Кривичен суд: СЈО го претвори правосудниот систем во шоу парада

Основниот суд Скопје 1 откако го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за замрзнување на сметките на фирмата „Финзи”, опфатена во случајот „Трезор”, се пожали и од неговата работа.  Судот обвини дека СЈО и „квази експертите” го претвориле правосудниот систем во шоу парада и го деградирале судот.

-По јавните прозивки на квази експерти и „професионалци“ во нивното „професионално работење“ и гостување по најразлични телевизиски шоуа го претворија правосудниот систем во шоу парада, а истите Основниот суд Скопје 1 – Скопје со своето „длабоко незнаење“ го претставуваат дека има двојни аршини. За двојните аршини на СЈО и квази експертите сама нека процени јавностa зошто судот ваквиот предлог и сите предлози доставени од нивна страна дури по три пати ги враќа на нивна корекција како би можел да одлучи – стои во соопштението на судот.

Инаку, барањето за блокирање на сметките на „Финзи” судот го одби бидејќи предлогот бил некомплетиран, односно не биле наведени сметките и банките на фирмата.

Претходно, кривичниот суд го одби барањето на СЈО и за изрекување на мерка притвор за Горан Груевски, а не се изјасни ниту за барањата да им изрече мерки на претпазливост и на останатите осомничени во „Трезор”.

Одбиено беше и барањето за изземање на една судијка од случајот, со образложение дека тоа било трето барање за изземање судија од страна на СЈО и го обвинија дека намерно ги одолговлекува постапките.