Коце изгуби над 20.000 гласа од скопјани, Шилегов двојно повеќе од Макрадули во 2013

by fokus

Драстично е намалена поддршката за досегашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, кој на последните локални избори во споредба со претходните доби 23.000 гласа помалку, што му овозможи победа на неговиот противкандидат, Петре Шилегов, во првиот круг.

Се стопи поддршката кон Трајановски кој два мандати го предводеше Градот. Овој пат скокнаа гласовите за кандидатот на СДСМ. Наспроти Јани Макрадули кого СДСМ го кандидираше во 2013 година, а кој доби 76.390 гласа, Шилегов победи со 141.143 гласа.

Слична промена и во Аеродром, каде Ивица Коневски два мандати ја освојуваше победата. На претпоследните локални избори тој освои 25.814 гласа, додека во неделата седум илјади гласа помалку, или 18.707. Неговиот противкандидат, Златко Марин, 22.559 или десет илјади повеќе од кандидатот на СДСМ во 2013та.

Околу 5.000 гласа изгуби и градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба. Тони Трајковски во 2013та година доби 21.231 гласа, додека сега 16.552 гласа.

Со истата разлика Јохан Тарчуловски во Кисела Вода ги изгуби гласовите што ги доби Билјана Беличанец во 2013та година, или околу 5.000 гласа помалку.

Многумина велат дека расположението во Скопје ја одредува климата во остатокот од државата, па кога некоја партија добива во скопските општини тогаш и се зголемуваат шансите да ги добие и следните парламентарни избори. Во овој случај ВМРО-ДПМНЕ, партијата која редеше успеси на изборите една деценија, ја изгуби поддршката во општини кои претставуваа нејзин бедем.

Во Скопје ВМРО-ДПМНЕ изгуби речиси 24.000 гласа на овие избори споредбено со изборите од 2013та година. За разлика од нив СДСМ доби поддршка од околу 44.000 нови гласови. Во 2013та година за советниците на СДСМ во Град Скопје гласале 80.112 граѓани, додека во неделата советничката листа на СДСМ во градското собрание ја добила поддршката на 122.702 гласачи.

Промената кај гласачите е највидлива на ниво на цела држава. Во споредба со последните парламентарни избори, или за помалку од една година ВМРО-ДПМНЕ изгуби околу 120.000 гласа. Во загуба се и СДСМ, но далеку помалку. Нивните советници годинава добија околу 20.000 гласови помалку од нивните пратеници лани.

Поврзани новости