Концерт на Цеца во Скопје: Испробаниот трик со знамето и овојпат успешен

by fokus

Пишува: Вики Клинчарова

Балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ во саботата направи голем концерт во спортскиот центар ,,ВИП Борис Трајковски’’ и успеа со веќе испробан трик да ја воодушеви многубројната публика.

Имено, откако од публика и го дофрлија македонското знаме, таа го стави околу рамена и со тоа предизвика овации кај пристуните, според кои што ѕвездата покажала колку многу ја сака Македонија.

Но оние кои што редовно ги следат концертите на пејачката, знаат дека таа со помош на државни знамиња веќе со години наназад предизвикува делириум кај публиката.

На средината на март, на пример, на нејзиниот концерт во Софија, Бугарија, од публика и го дофрлија бугарското знаме, на кое што пишуваше ,,Цецо те сакаме’’ а таа го замота околу себе и продолжи да пее, додека обожавателите во занес аплаудираа. Исто така лани, на настап во Лондон, ОК, Цеца пееше пред македонска и српска публика,  ги вееше првин српското, а потоа и македонското знаме, кои што за време на концертот и ги дадоа од публиката. И тогаш се најде и во српските, но и во македонските медиуми, како голем поддржувач и на Србија, но и на Македонија.

И во 2015 година, на градскиот стадион во Несебар, Бугарија таа пееше веејќи го бугарското знаме. Истата година, и на  настап во дискотека во Москва, Русија, пејачката не пропушти да го развее српското знаме, и да се најде во медиумите како голем патриот. Во 2014 година пак, повторно на концерт во Софија, Бугарија, пред околу 15.000 публика, Цеца не само што го вееше бугарското знаме, туку и го избакна, а фотографиите од тој момент беа објавени во повеќе балкански медиуми.

На социјалните мрежи денес најзастапени се коментарите околу настапот на Цеца со нашето знаме. Многумина тврдат дека овој трик е специфичен и за многу други музички ѕвезди од светот, кои што во која земја и да настапуваат, го веат нејзиното знаме, со цел што повеќе да ја придобијат публиката, но и да покажат благодарност за гостувањето. Има и такви, кои што коментираат дека со оглед на високите хонорари кои што ги добива пејачката, таа треба не само да го развее, туку и да си го го истетовира нашето знаме.

Поврзани новости