Колку литри пролеана крв во груевизмот тежи една функција?

Уверена сум дека и во редовите на “недокажаните” борци против груевизмот има квалитетни кадри кои можат да донесат промени на професионално ниво. Конечно, ние за квалитетот на Катица, Ленче и Фатиме дознавме откако добија шанса професионално да работат.

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Неодамна бев кусо во Македонија, патував натаму буквално ден по крвавиот четврток.  Настаните во тие денови се редеа како на филмска лента, со соодветна интерна бура од емоции, преку страв и крајна неизвесност за иднината на земјата, гнев кон насилниците, сочувство со жртвите, до чувство на слобода кога стана јасно дека во манир својствен за партијата, незапаметено насилство врз пратениците спроведено во однапред планирано сценарио и логистичка поддршка на институциите кои ги окупираа, ДПМНЕ си ја запечати ерата на насилно владеење.

Сплет на добри околности во лошото сценарио или божја воља сеедно, но среќа сите останаа живи, со лузни, физички, но и психички, за кои ќе треба време да се залечат.

Но без оглед што се уште не беше доделен мандатот, воздухот стана поинаков и почна да мириса на слобода. Конечно.

Пред заминување, кај локалната фризерка случајно налетав на ваква конверзација:

Х: Твоиве конечно победија, фала богу да се стави крај на лошото владеење.

О: Да, фала богу и ние аир да видиме, бевме утепани до сега.

Х: Сигурно нешто ќе видиш ќар?

О: Па да ме стават на … (некоја позиција, не ја чув), платата е 500 евра месечно и доволно ми е.

Малку бев затекната, бидејќи низ глава ми поминаа изминатите 10 години терор, при што како новинар бев жртва на лошите практики на режимот и сведочев на уривањето на сите вредности и принципи на кои би можело да се темели едно цивилизирано општество, меѓу кои клучен негативен принцип беше преку лојалност кон партијата да се дојде до позиција или некаква привилегија, наместо со конкурентност на сопствените потенцијали на пазарот.

Целта и предизвикот да се вратиме во нормалноста и одново да воспоставиме демократија која ќе се темели на непартиски институции, правна држава и одговорно управување со јавните пари се многу големи, и многу поголеми од личните приказни и апетити на луѓе кои можеби навистина неправедно биле малтретирани како “невмровци” од досегашниот режим.

Без оглед дали во спомената конверзација се работи за жртва на досегашниот режим која верува дека била обесправена поради воспоставениот систем на вработување по принцип на партиска лојалност, која носи просперитет во кариерата и која нема врска со компетенциите или, пак, на едноставно очекување како верен партиски член дека по истиот принцип ќе дојде до привилегирана позиција, таквиот начин на размислување е штетен по очекувањата за темелно реформирање на државата.

Еден од клучните предуслови за менување на состојбите е воспоставување на систем на компетенции при вработување во институциите, на враќање на правото и правната држава и не помалку важно, казнување на корупцијата и криминалот во фер судски процеси. Верувам во цврстата желба на поединци, носители на политичката сила која се залага за темелни промени кон демократизација и цивилизациски развој, но се прашувам дали има доволно човечки потенцијал во Македонија да ја разбере и понесе таа многу важна промена?

Ова е особено важно затоа што и пред ерата на груевизмот, владејачките партии давале незаслужени привилегии на своите членови, но за време на Груевски, таквиот систем беше воспоставен на најгруб можен начин, проследен со стравична корупција на гласачкото тело и на лојалните поддржувачи.

Основната дилема ми е всушност, дали ние како граѓанство сме подготвени на промена во начинот на размислување, дали сме подготвени да пораснеме и созрееме во одговорни индивидуи кои нема да очекуваат некаков “татко” на нацијата да им даде нешто, туку работат на сопствени компетенции и однесување да ги развијат своите потенцијали?

ГРАЃАНИ – ДЕЦА НАСПРОТИ ГРАЃАНИ – ВОЗРАСНИ ИНДИВИДУИ

Тоа повторно ме враќа на размислувањата за едукативниот систем кој раѓа граѓани – деца, наспроти граѓани – возрасни единки. На пример, системот на едукација во развиените земји ги учи своите граѓани на одговорност и индивидуализам од мали нозе. На една обука за финансиски менаџмент разбрав дека децата во Германија од прво одделение ги учат на рационално управување со сопствениот џепарлак. Така, им се гради свеста за влијанието на сопственото поведение во остварување на зацртаните цели.

Нашиот едукативен систем уште од времето на Југославија нѐ учи дека треба некој друг (авторитет) да одлучи за нас, дека треба да слушаме наместо критички да мислиме, а така се создава граѓанство кое не успева да порасне во одговорна единка која е свесна дека со своето однесување влијае на моделирање на општеството. Затоа во развиените земји, граѓаните бараат отчетност од владејачката елита, а во земји со граѓани – деца, тие мислат дека зависат од добрата или лошата воља на вледетелот.

Уверена сум дека ако во Македонија имаше доволно граѓани со изградено критичко размислување, интегритет, поточно возрасни луѓе, груевизмот немаше да најде толку поволно тло за процут и отпорот ќе беше многу поширок. Очекувањата дека некој друг ќе реши за нас, дека некој друг треба да ни каже што да правиме, дека некој друг треба да побара отчетност, некој друг да ја води битката, треба да се замени со свеста дека демократија – тоа сум јас, граѓанинот.

Многу честите оправдувања во времето на груевизмот дека “ние ништо не можеме да смениме”, дека “треба да се игра според воспоставените правила на Груевски затоа што опозицијата била слаба”, дека “секогаш ќе биде исто затоа што и другите така ќе прават” се типични за непораснато граѓанство. Таа насушна потреба за патронство е голем камен на сопнување на патот кон здраво општество.

Тој принцип на мислење и делување, всушност, доведе до востоличувањето и опстојувањето на режимот, кој потоа стекна моќ и насила го смени ликот на главниот град, ги ограби граѓаните, ја извитопери историјата, ги уништи професионалните медиуми, направи незапаметен грабеж, ја востоличи корупцијата и создаде послушна привилегирана партиска војска со ексклузивно право на подобар живот.

Оттука, до големата цел – да создадеме демократски амбиент, институции од доверба кои ќе работат во корист на граѓаните, систем во кои правото и правдата ќе бидат подеднакво достапни и загарантирани за сите, може само да се стигне со граѓани кои се свесни дека тие треба да бидат носители на промените, а не консументи на еднострани одлуки на политичарите.

Човечкиот капацитет во Македонија е сега најважен за да се исчекори кон цивилизациски напредок, а тоа е можно само со граѓани кои се свеси за големата цел, за предизвикот и кои ги сакаат тие промени.

Ако некој мисли дека сега како член на СДСМ има можност да му покаже кој е кој на досегашниот шеф од ДПМНЕ, таквиот личен “триумфализам” би бил погубен по важниот процес на промените. Ако поддржуваме корупција (во пари или функции сеедно) прифаќајќи ја, тогаш не сме подготвени да го поместиме општеството кон поквалитетен живот.

ЗАСЛУГИТЕ ЗА БОРБА ПРОТИВ РЕЖИМОТ НЕ СЕ НА КАНТАР

Секако дека луѓето кои не покажале компетенции, кои работеле спротивно на интересот на граѓаните и на јавноста, а во корист на партијата што ги поставила, ќе мора да заминат и на нивно место да дојдат компетентни луѓе, во правосудството, во институциите, во образованието и во медиумите. Во спротивно, нема да има суштествена, туку само кадровска промена во институциите. Исто така, за лошите практики и принципите кои не доведоа до овде да не се повторат, единствен пат е преку праведно судење, сите кои злоупотребиле функција, прекршиле закон, повредиле нечии права или влегле во масовниот систем на корупција, да одговараат! Тоа е прв и основен услов за промените на свеста и поведението.

Но, мерење на заслугите според тоа колку некој страдал во груевизмот или се борел против него и барање соодветна награда е погрешно. Прочитав критики дека на пример, Никола Димитров не можело да биде министер за надворешни затоа што бил дел од режимот, член на ДПМНЕ и слично. Во време кога во Франција новиот претседател Емануел Макрон поставува за премиер истакнат член на десницата, ние ќе ги жртвуваме целите да имаме квалитетна дипломатија затоа што потенцијалниот кандидат не страдал доволно?!?

Мислам ако има кандидат со поголема компетенција во ред, но ако е критериум кој колку дал во борбата против груевизмот, дали за тоа има некој посебен критериум? Дали ако некој само изгубил работно место поради тоа што не бил дел од режимот има помала шанса да напредува од оној кој лежел и во притвор или трпел и физичка тортура на пример?!? Има ли критериум колку литри крв си пролеал од режимот за да станеш функционер? И конечно, се додека на функцијата се гледа како на привилегија и можност за богатење, а не како на обврска и можност да ги поместиш работите кон подобро, ние нема да созрееме за повисок степен на развој.

Уверена сум дека и во редовите на “недокажаните” борци против груевизмот има квалитетни кадри кои можат да донесат промени на професионално ниво. Конечно, ние за квалитетот на Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи дознавме откако добија шанса професионално да работат.

Се разбира, критериум е да не биле дел од коруптивно – клиентелистичкиот систем на управување. Ова особено се однесува на претставници од ДУИ каде има многу компромитирани кадри од консумирањето на бракот со ДПМНЕ.

Ако не ја гледаме големата цел, од Македонија да направиме праведно општество, туку  својата лична приказна и аспирации ги ставаме на прво место, ќе ја пропуштиме оваа суштинска шанса од темел да ги промениме состојбите кон подобро општество, праведно за сите.

Ова го пишувам имајќи сознанија за редици луѓе кои чекаат прием и фаќаат врски на Бихаќка да дојдат до некоја функција, дури и од мојата професија, луѓе кои цела деценија се криеле во глувчешки дупки, кои биле загрижени единствено за својот комфор во ерата на Груевски. Тоа навистина предизвикува непријатно чувство, но повторно велам, ниту може да нема такви луѓе, ниту заслугите можат да се измерат, ниту пак да се состави листа од идеални кадри. Битна е целта, каде сме и каде сакаме да стигнеме.

Дали ќе има кадровски грешки? Секако дека ќе има. Дали сите новоизбрани ќе бидат најквалитетните луѓе? Секако дека не, но во еден систем на “checks and balances”, на соодветна институционална контрола, каде јавноста ќе биде сензибилизирана дека ако некој не ја врши својата работа одговорно, ќе мора да одговара, каде цивилниот сектор и медиумите ќе бидат во служба на јавноста како “watch dog”, контролори на потезите на оние кои носат одлуки за граѓаните и управуваат со нивните пари, тогаш нема простор за грижа дека во тек на управувањето со јавните добра, таквиот систем ќе исфилтрира што поквалитетни кадри.

Значи, темелната промена на општеството бара широк граѓански консензус дека ние сакаме демократско општество со еднакви и достоинствени услови за сите граѓани.

Конечно, заслугата и наградата на сите нас кои се боревме против режимот, кои сме ги загубиле професионалните медиуми, кои сме излегле од комфор зоната и поминале низ разни премрежија, сме поднеле жртви, но сме опстојале во битката за подобро општество е слободата.

Таа е многу поголема цел од личните приказни и за да живееме навистина во слободно општество, треба да се насочиме кон поддршка на “големата слика”. Да ни биде на сите добро.

Конечно, светлите страници во историјата ги испишале оние кои имале доволно храброст, знаење и интегритет со сопствените активности да ги поместат состојбите кон подобар свет, без оглед на личната жртва. Сите тие лични битки оставаат печат врз колективното сведоштво за една борба, за слобода и напредок.