Колку е убаво да си политичар во демократија!

by Fokus

Пишува Денко МАЛЕСКИ

Политиката во либералните демократии, без сомнение, е најлесниот занает на светот. Можеш да доведеш држава до пропаст и никому ништо. Како ли би се однесувале политичарите кога влогот за нивниот политички ангажман би бил нивниот имот,  нивниот живот или животот на нивните најблиски?

Грчките политичари, на пример, ја „изедоа“ во корупција сопствената земја доведувајќи ја до просјачки стап. И, никому ништо. Македонските политичари сторија исто со својата држава, а со антиквизацијата и зададоа такви силни удари на младата македонска нација, што не знам како ќе се опорави. И никому ништо.

Најстрашното што ќе им се случи во животот е преселбата од извршната во законодавната власт. Таму, повторно почнуваат да работат за сопствениот личен интерес, а против интересите на народот. Како? Со опструкции, со  демнење и чекање на својата нова шанса повторно да дојдат на власт. Како ништо да не се случило. Политичарот во либералната демократија не зема на себе никаков ризик: може, скоро со сигурност, да очекува дека мирно ќе си умре во кревет.

А, не била политиката секогаш таква. Во времето на Макијавели, во средновековна Италија, ретко кој политичар доживувал мирна старост. Битката била страшна, а влогот бил животот на политичарот. Доволно е да ја видите физиономијата на Медичи во музејот во Фиренца, за да сватите за каков човечки карактер се работи. Скулптурата, имено, покажува свирепо лице, што се вели, како со пегла удрено. Тоа е лицето на „Владетелот“ на Макијавели. Всушност, карактерот на политичарите во средновековна Италија бил производ на карактерот на политиката во која бруталното насилство, отровот или ножот во грб биле признати и прифатени методи во политичката борба.

За ова размислувам гледајќи ги политичарите од претходната власт како мирно и спокојно, без око да им трепне, од позиција на пратеници, си ги бранат своите штетни политики. Насилството било основниот белег на италијанската политика во Средниот век. Тоа го дефинирало профилот на нивните политичари (владетели). Кој е  основниот белег на македонската политика кој го дефинира профилот на нашите политичари? Измамата.

Поврзани новости