Колегите го изненадија Николовски: Да играме оро на министерска свадба!

by Fokus
Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство завчера го прослави својот 34-ти роденден. По тој повод, неговите колеги од кабинетот решиле да му приредат изненадување, и по завршувањето на работното време, му донеле вкусна роденденска торта.
 
Бидејќи Николовски е сеуште ерген, велат дека покрај желбите за здравје, среќа и успеси, му посакале оваа година да му заиграат и на свадба.
 
,,Ние колегите на министерот од кабинетот и неговите блиски соработници, му посакавме годинава да ираме оро на министерска свадба. Со еден скромен гест му изразивме почит и го обележавме неговиот роденден со роденденска торта, која што беше изненадување за него. Останува да видиме дали и тој ќе не изненади и ќе рипне во тавче оваа година’’ – ни раскажаа вработени во неговиот кабинет.
 
Младите министри и политичари, кои се ергени, отсекогаш биле интересни за јавноста, посебно за понежниот пол. Неретко во минатото дел од нив добивале отворени јавни понуди за дружба од згодни и познати девојки, најчесто фолк пејачки или модели.
 
Така на пример, пред повеќе години, кога министер за образование беше Панче Кралев, фолк пејачката Џесика Палашоска преку медиумите му порача ,,да ја земе’’бидејќи и бил многу симпатичен. Дури и синот на претседателот Ѓорѓе Иванов, Иван, и покрај тоа што не е политичар, доби отворена понуда од моделот Билјана Стоиловска, која порача дека сака да биде снаа на претседателот.
Во времето кога беше актуелен Субрата Рој, позната манекенка испрати апел дека сака подобро да го запознае, бидејќи бил многу шармантен. И фолкерката Ирена ХХ јавно ги искажа своите симпатии кон Бранко Црвенковски. Поп пејачката Девана Нардели на Диме Спасов, во времето кога беше ерген, му порача дека ќе му посвети песна. Фолк пејачката Сања Барби, пак, им посвети песна на сите министри, во која пееше дека многу ги сака, бидејќи биле ем млади,ем бистри.
 
Од наши извори дознаваме дека Николовски е во врска, но сепак неговата избраничка не е дел од музичкиот или пак моден свет. Околу тоа, дали годинава ќе имаме министерска свадба,не успеавме да добиеме одговор, бидејќи министерот не беше достапен на мобилниот телефон.
За време на владеењето на Никола Груевски, имавме повеќе министерски свадби. Дел од неговите политичари, дури успеаја да се оженат, да се разведат, и по втор пат да стапат во брак.
Вики Клинчарова

Поврзани новости