Кој треба да се плаши од прашината на Милчо Манчевски?

apostolovИако Милчо Манчевски директно не го спомнува проектот „Скопје 2014“, ниту, пак, конкретно му се обраќа на некој политичар, од неговото интервју во „Капитал“ јасно се чита дека ја критикува барокната епидемија. Вели дека вулгарниот малограѓанин се срами од својата вистинска историја бидејќи таа е рурална и со тоа различна од западните урнеци и затоа се обидува да измисли свои историја, култура и традиција, кои не постоеле.

За него ова е тема за психолози и за психијатри, а не за уметници и кога на овие реченици ќе го додадете неговиот фејсбук-пост, фотката од старата владина зграда и пораката RIP (почивај во мир), станува јасно дека Манчевски конечно го видел лудилото што го живееме.

Не сакам да му судам на режисерот зашто конечно сега прогледа, веројатно релацијата Скопје – Њујорк и не му дозволува вивисекција на „барокните“ политики, кои, ако секојдневно ги чувствувал на своја кожа, веројатно одамна ќе ја напишел дијагнозата на малограѓанинот.

Помнам дека неколкупати, прашан за „Скопје 2014“ ја менуваше темата и загатнат за мегаломанскиот проект одговораше со контратеза за урбаната мафија во Дебар Маало од времето на транзицијата.

Ние новинарите ја имаме „честа“ многу побрзо од другите да сфатиме какви се луѓето што ја водат државата и не поради тоа што сме најумни, ами зашто почесто контактираме со политичарите. Затоа, ако нам уште во 2009 ни беше јасно дека ѓаволот ја однел шегата, веројатно за Манчевски, кој не е секој ден во Скопје, требаше лудилото да се материјализира во барокна грдосија за да го види.

И ако Милчо поради ова не ми бил омилениот лик, филмот „Прашина“ ми е еден од фаворитите. Ми се допадна и „Пред дождот“, иако повеќе музиката отколку филмот, а „Сенки“, рака на срце, ме разочара. Меѓутоа, затоа „Мајки“ е филмувано новинарско ремек-дело со кое Манчевски ишамара доста умислени журналистички величини во Македонија.

Затоа се изненадив кога актерот Тони Михајловски „ничим изазван“ реши да му се реваншира на Милчо, токму преку неговите дела. Немам намера да ја коментирам вулгарноста на популарниот Шанац, и тоа искрено не ме изненади, но она што ме фрапира е начинот на кој актерот ги опиша филмовите на Манчевски.

Неколкупати го препрочитував фејсбук-постот и просто не верувам дека еден актер може да каже дека „Прашина“ е филм во кој Милчо ни објаснил оти „каубоите нѐ спасиле од отоманското ропство и дека сме неспособни сами да се избориме за својата слобода…“

Филмот е далеку повеќе од една приказна за каубојци, војводи и Турци и сѐ си мислам оти на Михајловски тоа му е сосема јасно, знае дека филмот е посложена приказна со неколку слоеви и со повеќе пораки, меѓутоа само тој знае зошто филмот го претстави како епизода од некоја турска серија.

Меѓутоа, ако ова на Тони и на неговите пријатели по барок им е кристално јасно, повеќе од сигурен сум дека не ги сконтале баш сите пораки во „Прашина“.

Филмот почнува со црномурестиот провалник, кој влегува во еден стан и растура барајќи пари. Додека претура по фиоките, наоѓа стара фотографија од отоманско време, на која се гледа Тучин со фес, качен на коњ со подигната десна рака, а со левата се удира по челото. Подигнатата рака не му е целосна, му ја нема дланката – излегла од кадарот. Подолу во филмот режисерот ја разјаснува чудната композиција на фотографијата. Имено, Турчинот во десната рака ја држи пресечената глава на војводата и додека го чека блицот, по челото му лази мува, која ја отепува со левата рака.

Значи, во кадарот останало убиството на мувата, ама не влегла погибијата на војводата. Историјата запомнила дека Турчинот усмртил мува, но не и дека го обезглавил бунтовникот, и тоа пред очите на жената, која носи негово дете.

Ова е една од најмоќните метафори за историјата, барем јас така ја толкувам. Манчевски убаво им кажува на сите што претендираат да ја испишуваат историјата дека тоа не е нивна работа и оти времето е многу помоќно од нив.

Затоа Тони би требало да се праша дали историјата ќе помни дека на Фејсбук го „обезглавил“ ставот на Манчевски за „Скопје 2014“ или историјата ќе запомни само дека утепал еден куп пцовки! А слична дилема треба да си постават и тие што ни го донесоа барокот – треба да се прашаат дали историјата ќе ги помни како луѓето што ја обезглавија комунистичката Македонија или како тие што утепаа еден куп пари за стиропор.

Поврзани новости