Кои се политичарите и јавните фаци кои донираа за лекување на малата Николија?

Откако минатата недела ,,Фокус’’ го објави апелот за спас на деветмесечната Николија Динова од Неготино, која моментално се наоѓа во Есен, Германија, каде треба да започне со лекување на “Porenzephaler”, дефект на мозокот, поради кој се наоѓала во доста лоша состојба, хумани граѓани се вклучија со свои донации, со цел да се собере потребната почетна сума за поставување на прецизна дијагноза и започнување со соодветна терапија.

Според клиниката во Есен, родителите треба да уплатат 11.000 евра, за да може да се започне со постапката. Со дозвола на дел од донаторите, ги објавуваме нивните имиња. Помеѓу првите кои што веднаш по објавата на апелот донираа е Митко Јанчев, сопственик на ,,Кожувчанка’’ и кандидат за градоначалник на Кавадарци од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Во акцијата се вклучи и Зоран Шапуриќ, министер без ресор, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, кој донираше како физичко лице.

Со своја донација помогнаа и приватните компании ,,Мотоцентар’’ и ,,Кит – Го’’, а министерката Мила Царовска, од Министерство за култура вети дека ќе донираат 30.000 денари, веднаш по завршувањето на изборите, според законските регулативи. Илчо Захариев, актуелниот градоначалник на Штип, вети дека ќе ги донира средствата собрани од телевоутингот на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест’’ кој се одржа викендов во Штип. Според него, собраните средства ќе бидат префрлени на сметката за лекување во најбрз можен рок, веднаш по завршувањето на потребните формалности од страна на мобилниот оператор.

Поп пејачот Зоран Илиев, кој го освои првото место на ,,Макфест’’ со дуетската песна со Анабела, ,,Од утро до вечер’’ исто така изјави дека со неговиот тим решиле дел од наградата да одат за лекување на Николија. Покрај овие јавни личности кои помагаат да се собере потребната сума за лекување, и голем број на граѓани се вклучуваат со свои донации. Според родителите на Николија, единаесетте илјади евра сеуште не се собрани. Тие апелираат сите кои што се можност да донираат за спас на Николија, можат да го сторат тоа на жиро сметката 200001907750984, Трајче Динов, со назнака донација, или пак на телефонскиот број за донации VIP 143461.

Вики Клинчарова