Кога слободата е избор на возрасните

by fokus

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

 

Никогаш не сум имала некои симпатии за Хилари Клинтон. Никаков шарм, секогаш формален говор, реченици премачкани со политичка глазура, едноставно сум ја доживувала како болно амбиоциозна „ладна кучка”. Мој фаворит беше Берни Сандерс, но ете, изгуби во внатрепартискиот двобој.

Америка ги одбројува часовите до гласањето на претседателските избори каде на Хилари и е противник Доналд Трамп. Кога го гледам и слушам, го доживувам како една карикатура и спротивност на сето она што цивизацискиот напредок треба да претставува. Во тој контраст на човечкиот напредок, Хилари дури почна да ми делува возвишено, како шанса да го обели образот на Америка поразувајќи го „Бозо”, како што Де Ниро го нарече Трамп. Популистичката реториката на Трамп, нерационалноста, празните ветувања, многу илустративно е опишана во едночинката на Гери Трудо во „Њујркер”, со наслов „Еар Трамп”:

Трамп: Летот што го одбравте е пребукиран, сите сакаат да бидат во мојот авион иако јас немам пилотска лиценца. Многу луѓе велат дека јас толку добро ќе летам што просто не е за верување. Никој не може да лета така како што јас, веројатно, можам. Но, прво треба да полетаме, а контролорите на летање се толку лоши, тотално одвратни, ок? Цел свет се смее на нашите контролори и нивната некомпетентност. Ок, одиме, што треба прво да направм Мајк?

Пенс: „На пример да се извиниш на контролната кула?”… Од нападите пак кон Хилари многу ми се смешни тие дека ја финансирала ИД и терористите се „нејзино чедо”. Во глобалната политика не е тајна дека Американците поддржуваа противници на Башар ал Асад како режимски лидер во Сирија. Слично низ историјата, глобалните политички потези секако му ги наместиле „коцките” на Хитлер, но не е чесно неговите недела да се стават на товар на политичките играчи што на некој начин, во глобалната игра го овозможиле неговиот подем.

Пренесено во македонскиот микропростор тоа е како некој да не обвини нас, новинарите кои сме пофалиле некои потези на Никола Груевски како министер за финансии и сме ја критикувале политика на корупција во владата на Бучковски, дека сме помогнале Груевски да дојде на власт и да ни ги „сместат” на товар неговите недела. Кога би била сега граѓанин на САД, утре уште рано наутро би чекала во ред да гласам за неомилената Клинтонка, за да понесам одговорност дека со мојот глас не би дозволила на Америка да и се случи и „најбизарното нешто”, како што Брајан Кренсон се изрази за можноста да победи Трамп.

Еден месец после денот Д за Американците, каде граѓаните треба да се „прекршат” дали се а цивилизирациски вредности или за „реалити шоу” државна политика, ќе дојде судбоносниот ден за нас, дали сме согласни да му ставиме крај на режимот или удобно ни е во држава водена од мафија која со помош на клиентелистичко коруптивни методи и пропаганда, сетоа платено со наши пари и пари позајмени во наше име, ја ограбува и разнебитува Македонија?

Претходно ВМРО ДПМНЕ, а вчера и опозициската СДСМ ги објави листите на пратеници. За да го образложам мојот став и околу лавината реакции за листата на СДСМ и за претстасјното гласање ќе се послужам со речникот на „Трансакационата анализа”.

Бунтовни и Адаптирани деца

Трансакциона анализа е психотераписки правец каде личноста на човекот не се гледа во класична Фројдовска мисла како составена од ИД, Его и Супер-его, туку на Дете, Родител и Возрасен.

Детето е делот од личноста на човекот каде се сместени емоциите, инстинктивните реакции, спонтаноста, смислата за хумор. Во зависност од воспитувањето, дали некој во детството бил растен и воспитуван во услови каде не се поттикнувала слобода, самостојност, туку се барало покорност и послушност, задоволување на барањата на родителите, како и обратно, се развиваат два типа на Дете во личноста кога ќе порасне:

„Адаптирано дете” кое следи наредби, послушно е и следи авторитети, без развиена индивидуалност и „Бунтовно дете”, кое е слободарско, реагира, бара, се бунтува. Ако се следи традицијата на воспитување во Македонија, во социјализмот и потоа, веројатно доминира начинот на воспитување на „адаптирани” деца. Родителот пак во нашата личност е најчесто интернализиран родител од нашето вистинско детство, односно нормите, вредностите, способноста за контрола на нагоните, или делот од личноста што влече некаква паралела со Супер-егото што го опишувал Фрјд на пример. Родителот може да се дефинира како „негувачки” или „критички”, во зависност какви биле родителите кон нас, дали не поттикнувале и не растеле со нега и разбирање или биле крути, барале дисциплина и сега таквиот модел е интернализиран и во нас.
Оттука велиме дека многу често луѓето стануваат верни копии на родителите кога ќе имаат сопствени деца. Возрасниот пак е рационалниот дел од нас, делот кој се потпира на факти во размислувањето, носи одговорност за своите постапки и е подготвен на акција и решенија. Поедноставено, Бунтовното дете е тоа во нас кое се радува, кое се лути, кое ужива во водење љубов, во животот.
Адаптираното дете е тоа кое има кочници во самостојно одлучување и бара да се потпре и „сокрие” зад некој авторитет. Родителот се нашите прекори кон самите себе, интернализирани норми на однесување, а возрасниот е тој што е чисто рационален и презема одговорност за своите постапки. Зрела личност би се сметала онаа која е во хармонија со сите свои аспекти и го „негува” детето во себе (без кое светот би немал „душа”), но кога е потребно да донесе одлука, знае да го„вклучи” возрасниот, да постапува рационално и застанува зад своите потапки, се разбира и грешки. Некои личности ретко вистински стануваат возрасни и ја преземаат одговорноста за сопствениот живот и одлуки. Тие не излегуваат од улогата на деца, веројатно во голем дел поради начинот на воспитување и систем на едукација кој не поттикнувал созревање, прифаќање на себе како индивидуа со свои предности и слабости и преземање одговорност. Ова се однесува и за Бунтовните и за Адаптираните.

Некои цел живот ќе бараат авторитет да одлучува во нивно име, а други ќе се бунтуваат и критикуваат, без да „препознаат” сопствена одговорност во процесите.

Се гледаме на 11 декември

Сега околу актуелната ситуација во земјата. Лично ми се допаѓа лавината реакции околу имињата на Лиле Поповска од ДОМ и Ферид Мухиќ. Таквите реакции покажуваат дека има демократска јавност во земјата која разликува лошо од добро, се залага за вистински вредности и препознава дека таквите две имиња ја оцрнуваат идејата за промени. Дека во земјава се воспитале доволно „бунтовни”, слободарски деца кои својот став го искажуваат јавно и препознаваат искривени вредности. Таквите реакции довоедоа самата Поповска да се повлече. Кога би правела некој груб психолошки профил на гласачите во Македонија тоа е на личности со Бунтовни деца во себе, кои се препознаваат во редовите на Шарените, во Студентскиот пленум, слободарската јавност, и Адаптирани деца, кои ја сочинуваат „војската” на ДПМНЕ.

Тие Адаптирани деца прифаќаат авторитетот што го одбрале да носи одлуки во нивно име, да му испорачуваат лојалност, а нивната награда е единствено да бидат “прифатени” и наградени за лојалноста. Проблемот е што тие не препознаваат дека во меѓувреме пораснале и дека имаат право на своја одлука, свој живот, свој став, свои грешки и да прифатат одговорност за сето тоа. Тие ќе останат Адаптирани деца со потреба некој да ги води. Од друга страна, без оглед што пак Бунтовните деца можат слободно да го кажат својот став, сепак и тие треба да разберат дека во меѓувреме пораснале и дека светот не се базира само на емоции туку треба да се согледа ситуацијата рационално и пошироко. А што вели рациото? Рациото вели дека идеални листи не можат да се состават од кои сите би биле задоволни.

На пример, за човек израснат во Скопје, најпрестижно би било местото бр. 1 во ИЕ 1.
Можеби Детето во Шеќеринска исто така се бунтува и вика „ама зошто Стево да ја води Единицата кога јас пред него сум во СДСМ, сум поминала подеми, падови, сито и решето и кога доаѓа момент на гратификација, јас сум во 5-ка?!?”.
Но, возрасниот ги става емоциите во втор план пред „големата слика”.

Јас се согласувам и со ставот на Софија Куновска да искаже легитимно незадоволство од позицијата на Лиле Поповска, но очекувам и дека возрасниот во неа разбира дека ова е поголема борба од место на пратенички листи, дека борбата е буквално за спас на државата каде емоциите се потребни, но разумот уште повеќе. Големата слика кажува дека добро организирана војска подмачкана со буџет од три милијарди евра не може да се победи со плачење, суети, онеправданост, туку со рационално проценување на ситуацијата и ангажирање на сите ресурси кои може да го поразат режимот. Засега, самото одвојување на Кекеновски, Љубе Бошковски, Левица и Либералите, кои секако нема да одземат гласови од војската на послушни и корумпирани гласачи на ДПМНЕ, туку од незадоволните и неопределените, е доволен ветер во едрата на Груевски.

Дополнителни разјадувања на ткивото кое е против режимот, само ќе не доведе сите во пораз. Зарем место на листа треба да биде гратификација за нечиј ангажман во борба против Груевизмот?!? Навистина, за тоа беше битката?!? Па ако е така, тогаш луѓе за реформи и за враќање на државата на здрави нозе ние немаме.

Јас на 11 декември ќе бидам на моето гласачко место во Скопје за да гласам за Коалцијата предводена од СДСМ затоа што проценувам дека таа партија има најголема моќ да стави крај на режимот. Очекувам сите кои кога ќе го вклучат Возрасниот во себе и емоциите ги стават малку на страна, па проценуваат колку оваа битка за пораз на груевизмот е важна, дека ќе се приклучат и ќе гласаат за Радмила, Заев, Стево, Павле и останатите од нивниот избор, велам несовршен. Сите нивни „грешки” ги сметам за споредна работа во однос на големата слика, а таа е борба за слободата!

Поврзани новости