Кога Груевски ќе се разбуди од сонот дека е премиер?

by fokus

Иако веќе две години не е дел од извршната власт, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, продолжува да се однесува како премиер и да става камен темелници, да отвора фабрики и да најавува вработувања и инвестиции.

Груевски и денеска, еден ден откако стана официјално дека нема да се врати на премиерската функција, продолжи да ја „ора“ Македонија. Имено, тој најави отпочнувањето на градење на нова инвестиција во месец јули во Македонија.  Како што објасни поранешниот премиер, станува збор за турската компанија „Чагатај Кабло“ за производство на кабли и електрични инсталации за автомобили.

-Станува збор за инвестиција која ќе се простира на 6 илјади и 700 метри квадратни, а истата компанија во Турција има фабрика од 14 илјади метри квадратни, а сега во во Македонија ќе започне градба од 6.700 метри квадратни. Ќе инвестира шест милиони евра и ќе вработи 200 луѓе во прва фаза. Ова е првата фаза од инвестирање а тие веќе размислуваат и за втора фаза, објаснуваше Груевски.

Според пратеничката Ивана Туфекџиќ, Груевски наскоро не само што ќе мора да се соочи со реалноста дека повеќе не е премиер, туку ќе мора да се соочи и со одговорност за сите криминали.

-Никола Груевски не е никаков фактор за да најавува било што, ниту пак нешто зависи од него. Покрај со реалноста, тој треба да се соочи и со одговорноста за злоделата кои и ги стори на Република Македонија. Имаме ново парламентарно мнозинство, мандатар за состав на нова Влада, така што за брзо ќе биде принуден да сфати дека времето на корупција, криминал, кршење на човекови права под негова палка завршило, изјави Туфеџиќ за „Фокус“.

Дел од јавноста очекуваше дека по доделување на мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за формиње влада, Груевски ќе престане да се однесува како да е премиер. Но, тоа не се случи, иако стана јасно дека иден премиер ќе биде Заев, кој го доби мандатот од претседателот Ѓорѓе Иванов.

Катерина Смилева

 

 

Поврзани новости