Кочанец со нож и чекан ја убил својата сопруга, пред очите на децата, а потоа се самоубил

by fokus

Голема семејна трагедија се случи утринава во Кочани, кога кочанец најпрвин ја убил својата сопруга, а потоа се самоубил. Она што семејната трагедија ја прави уште по траорна е што крвавиот чин се случил пред очите на двете нивни деца.

-Утринава во 3.30 часот, по семејна расправија, сега починатиот Б.Л. неколкупати со нож ја ранил својата сопруга Л.Л. Откако увидел дека жртвата покажува знаци на живот посегнал по чекан и со него и нанел неколку удари во главата со намера да ја усмрти. Сведок на насилството биле децата на брачниот пар, 26 годишната ќерка и 13 годишното момче кое веднаш побегнало и се засолнило кај соседи. Ќерката, по безуспешен обид да го спречи својот татко во кој и самата претрпела повреди, го пријавила случајот во полиција, велат од обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека набрзо таткото се искачил на покривот од семејната куќа и од висина од околу 6 метри скокнал при што починал на лице место. По пристигнување на екипа на брза помош, констатирана е смрт кај двете лица.

-Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место заедно со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи. Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, издадени се Наредби за прибирање и вештачење на траги од лице место, за анализа на крв и урина од починатите и за вршење на обдукција на телата на починатите, информираат од обвинителството.

Поврзани новости