Навален билборд им се заканува по безбедноста на Охриѓани

by Fokus

Во Охрид имаме клупа за потенцијални самоубијци – велат вработени во угостителски локал во центарот на градот, покрај шеталиштето на кејот, покажувајќи кон клупата над која надвиснал огромен билборд, кој во секој момент може да се сруши.

,,Ако некому му се смачил животот, слободно нека седне на неа, посебно кога времето е ветровито. Секој миг може да му се случи да биде удрен од тешкиот билборд, и да си замине на другиот свет’’ – додаваат тие. 

„Билбордот стои вака, полуоткорнат, веќе извесен период. Никој од надлежните служби не доаѓа да го отстрани, или пак да го прицврсти, а на клупата секојдневно седат туристи, деца… Значи, може секој момент да падне, а не веруваме дека некој би го преживеал ударот’’ – раскажуваат охриѓани, кои секојдневно ја гледале потенцијалната опасност за нечиј живот, и тоа во центарот на градот, кој е под заштита на УНЕСКО (Организација за образование, наука и култура на ООН).

Освен опасниот билборд, во Охрид не може, а да не се забележат и ,,мртвите’’ палми, кои ги има во изобилство. Без ниту еден лист, тие се грда слика на градот. Сепак, никој не ги отстранува и санира. Стотици млади палми беа засадени во Охрид пред околу четири години. Во времето кога се садеа, дел од акцијата беше и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.

Тогашниот директор на ЈП Македонски Шуми, Жарко Караџоски, тогаш појасни дека влакнестата палма успева во климатски услови какви што има кај нас, и издржува температура од десет степени под нулата. Ветуваше дека доколку има пониски температури, надлежните ќе преземат мерки за поголема заштита со специјална фолија.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости