Кавадарчанец ја нашол изгубената кобила преку соопштение на радио

По осум дена исполнети со макотрпни потраги, кобилата Ружа од Раец, Кавадарци денес безбедно беше вратена дома. Нејзиниот сопственик Димче Костов, откако таа исчезнала минатиот петок, не знаел што да прави и каде да ја бара, па посоветуван од пријател чиј коњ се изгубил пред неколку години, се јавил во едно кавадаречко радио и дал соопштение, во кое што апелира за помош за пронаоѓање на Ружа.

,,Знам дека на сите во Тиквешијата соопштението за изгубената кобила им беше чудно, можеби и смешно, но навистина имав голема мака овие денови. Некои помислиле дека се работи за шега, не им се верувало дека се бара преку радио изгубена кобила. Ружа ја чуваме четири години, многу ни помага, со неа превезуваме дрва. Цели осум дена бев во паника, ги поминав сите планини и долини во околината. Добив безброј телефонски повици, откако го пуштив соопштението на радио, и луѓе започнаа да ми јавуваат каде ја забележале. Но, штом ќе пристигев на местото, таа мистериозно исчезнуваше, како да си играше мајтап со мене и да ми се криеше. Постојано ме надмудруваше! Ја поминав цела Тиквешија со џипот, ја довикував по ливадите, но Ружа успешно играше криенка. Дури денес, добив повик од луѓе кои што ја забележале, но и ја фатиле, па веднаш заминав да си ја земам’’ – вели кавадарчанецот.

Тој додава дека Ружа некако успеала да се одврзе и да побегне во тек на ноќта. Местото на кое што била пронајдена било околу 20 километри оддалечено од нивниот дом.

,,Еден мој пријател го изгуби коњот пред неколку години. Го пронајдоа исто така, со помош на оглас на радио, а побегнатиот коњ од селото Дреново стигнал дури до селото Мрежичко. Да не бил огласот, тешко дека ќе бил вратен кај сопственикот. Ружа ни направи едно добро патешествие, но среќен сум што се заврши добро. Во одлична состојба е, не е изгладнета, значи добро се снашла овие осум денови’’ – раскажа Костов.

Вики Клинчарова