Карев, претседателот на комисијата за субвенции на домашната музика, ги нападна новинарите дека пишуваат како под команда

by Фокус

Коста Карев, неколкукратен член и претседател на комисијата која одлучува по конкурсите за доделување на стипендии во износ од 512 илјади евра годишно за поддршка на домашната музичка продукција, реагира дека финансиската поддршка е потребна. Според него, новинарите кои деновиве известуваа на темава околу новонаградените музичари пишуваат без размислување, без консултации и носат заклучоци брзоплето.

Имено, списоците на кои беа објавени имињата на музичарите и насловите на песните за кои добиле субвенции за развој и поддршка на домашната музика деновиве предизвикаа бурни реакции во јавноста. Се работи за суми од 3.000, па и 4.500 евра од песна, а досега ретко која од наградените песни станала популарна кај народот, но за волја на вистината, дури и голем дел од наградените пејачи се анонимни за пошироката јавност, или пак се музичари кои биле популарни пред десет и повеќе години.

Веднаш по реакциите на јавноста се огласи и Министерството за култура, од каде соопштија дека подготвиле предлог –закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го доставиле и побарале мислење и од МРТВ. Од таму пак, им одговориле дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Министерот Роберт Алаѓозовски вчера изјави дека незаконски биле донесени одлуките по конкурсите за финансирање на песни според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, чиј носител била Македонската радио телевизија, и притоа кажа дека истите ќе бидат поништени.

-Интересни ми се луѓето кои се нарекуваат себеси новинари, а кои како по команда започнуваат да пишуваат за определена општествена појава, носат заклучоци брзоплето, без студиозно истражување, размислување и консултации, а потоа, повторно како по команда престануваат да пишуваат на таа тема. Денес актуелни се резултатите од два квартални конкурса спроведени според Законот за поддршка на домашната музичка продукција кои ги истакна на својот сајт МРТВ, па, новинарите како во договор и како по команда пишуваат еднолични површни текстови во кои оркестрирано се напаѓа конкретниот закон, комисиите или изведувачите што добиле поддршка. Не кажувам дека не треба да се пишува на оваа тема. Самиот, веќе неколку години, ја побудувам критичката јавност да увиди дека има проблеми, неправилности, па дури и незаконски постапувања од страна апликанти (изведувачи и продуценти) и членови на комисиите – е наведено во дописот кој ни го испрати претседателот на комисијата, Карев.

Помеѓу останатото, тој признава дека повеќето од композициите кои добиле финансиска поддршка не стигнале до јавноста, некои изведувачи и нивните продукции не се ни помачиле да ги однесат видеозаписите по медиуми, туку ги донеле само во архивата на МРТВ за да се отчетат за добиените пари. Сепак, и покрај тоа убедува дека законот не треба да се укине.

-Сега слушам дека Министерството за култура размислува да го укине Законот заради тоа што истиот „не придонел за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија“ „Повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии“ пишува во експликацијата на Министерството до Владата. Да, навистина голем дел од композициите кои добија поддршка не стигнаа до јавноста, некои изведувачи и нивните продукции не се ни помачиле да ги однесат видеозаписите по медиуми, туку ги донеле само во архивата на МРТВ за да се отчитаат за добиените пари; претпоставувам дека намерата на таквите продуцентски тимови и изведувачи била само да извадат што повеќе пари од предвидените за поддршка. Некои од аудио и видеозаписите имаа ниска, или немаа никаква естетика, но тоа што таквите композиции добија поддршка е последица на одредбите на Законот. Но, не се согласувам дека Законот треба да се укине. Тоа е лесно но непродуктивно решение – тврди Карев.

Тој додава дека постојат повеќе причини за постоење на законот, и наведува:

– Не постои самоодржлива македонска музичка индустрија, која ќе биде отпорна на надворешни влијанија;

– Постои премала продукција на музика;

– Поради нискиот економски стандард музичките уметници не можат да си дозволат да и се посветат на музиката професионално (ова посебно се однесува на уметниците кои создаваат авторски дела);

– Помеѓу консументите на музика владее перцепција дека домашната музика не заслужува да биде слушана и купувана;

– Продажбата на носители на звук е минорна; – Музичките фестивали се присвоени од лукративни кланови

Тој на Министерството за култура му предлага наместо закон за укинување на Законот, да осмисли закон за измена на Законот, со кој ќе се отстранат можностите за злоупотреба, а ќе се создадат подобри механизми за поддршка на домашната квалитетна продукција. На новинарите, пак, им порача, ако го критикуваат постапувањето според законот, првин да го прочитаат и да го разберат. Исто така, порача и дека им стои на распологање на медиумите за дополнителни информации на темата. Токму поради тоа, ,,Фокус’’ му постави три прашања – колку изнесува неговата месечна плата или хонорар како претседател на комисијата, колку членови има комисијата и колку изнесуваат нивните месечни примања, и колку од неколкуте стотици песни кои добиле субвенции станале хит во земјава, се вртат во етерот и се нашле на врв на музичките топ листи?.

-Учеството во комисија се наградува со еднократен хонорар од 10 илјади денари, од кои на сметка добиваш 9.000, оти ти задржуваат персонален данок. Хонорарот е пропишан во Законот. Законот не прави разлика дали некој член од комисијата е нејзин претседател. Во однос на бројот на членови во комисијата законот пропишал 5 до 7. Значи не е работата во несразмерно плаќање на членови на комисијата, какви се примерите со изборната комисија или со регулаторната комисија, ако на тоа алудирате. Нам дури не ни се платени ниту патните трошоци, па јас последниот пат потрошив околу 6000 денари од хонорарот за превоз (морав да фатам такси од Гевгелија за да стигнам во Скопје за два часа, како што бараа од мене тие од МРТВ). Јас не учествувам во комисијата заради финансиски интерес, туку за да ги евидентирам неправдите што се прават во однос на изведувачи и продукции, кои не можат да дојдат до поддршка, додека други го цедат буџетот (и самиот како изведувач аплицирав на скоро сите досега спроведени конкурси и ниеднаш не добив поддршка). Во однос на тоа колку песни биле до сега субвенционирани, колку од нив се објавени и колку од објавените стекнале популарност не можам да имам информации, потребно е да се истражува. Сега правам документ во ексел во кој ќе ги сумирам сите податоци од спроведените конкурси, па ќе може збирно да се види кој аплицирал и кој добивал – одговори Карев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости