Канческа-Милевска ја отвори новата Филхармонија, Владата треба да доплати уште 15,5 милиони евра

Околу 15,5 милиони евра треба да се доисплатат за изградбата на новиот објект на Македонската филхармонија, потврди денеска Министерството за култура. Изградбата на Филхармонијата чини околу 32,7 милиони евра.

Министерството за култура, додека министерка беше Елизабета Канческа Милевска која на 21 мај ја отвори концертната сала, на изведувачите исплатилo околу 17 милиони евра. Новото раководство на Министерството треба да доисплати уште околу 15,5 милиони евра или околу половина од вкупната сума.

Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека за изградбата на Филхармонијата биле склучени договори со градежната фирмата „Гранит“ која треба за 5,7 милиони евра да ги изведе градежните работи, и со австриската фирма „Штрабаг“ која за 27 милиони евра треба внатрешно да го уреди објектот. До први јуни на „Гранит“ му се исплатени 4,8 милиони евра, и кон оваа градежна компанија Министерството има долг од уште 900.000 евра. На австриски „Штрабаг“ му се исплатени 12,6 милиони евра, односно треба да се платат уште 14,4 милиони евра.