Текстот е објавен на петти декември 2008-та во неделникот „Фокус“ број 701

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Клучот за разбирање на улогата на актуелниот премиер во случајот ОКТА се фамозните писма од 16 и 26 ноември 1999 г. на тогашниот министер за трговија Никола Груевски до рафинеријата, во кои тој во име на Владата бара ОКТА да престане да купува нафта од Мамидакис, а раскинувањето на договорот да го правдаат со ваквите негови инструкции кои ќе се сметаат за „виша сила“.

Веќе 9 години случајот ОКТА не престанува да ги зоврива политичките страсти во Македонија. Обвинувањата за корупција против Владата на Љубчо Георгиевски поради продажбата на рафинеријата на државната грчка компанија „Хеленик Петролеум“, до денешен ден останаа само за изборни и дневнополитички пресметки меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Попусто се лицитираа многумилионски суми долари и евра како штета што ја трпи Република Македонија. Против актерите на продажбата никогаш не беше покренат никаков судски процес, иако од 2002-2006 г. се сменија три влади на СДСМ. Никогаш, за волја на вистината, не беше направена ниту кост-бенефит анализа, за да се поткрепат или отфрлат спротивните тврдења на актерите на продажбата, дека Македонија, кога сѐ ќе се сведело, како што велеше Георгиевски, на крајот сепак остварила добивка од зделката – од изградбата на нафтоводот, платите на вработените, даноците за државата од работењето на ОКТА итн.

ПРЕМИЕРОТ ТУЖИ

Како што е познато, поради неостварувањето на склучениот договор за купопродажба, Грците ја тужеа Македонија, а лани ни беше испорачана сметка од Арбитражниот суд во Париз во висина од 50 милиони долари или сосе камати околу 74 милиони долари. ВМРО-ДПМНЕ тогаш ја обвини СДСМ дека штетата досудена во Париз настанала поради тоа што токму сдсмовската власт престанала да ги почитува обврските од купопродажниот договор – не купувала мазут од ОКТА, па затоа дошло до пресудата за отштета. Владата на Никола Груевски се обиде да ја затвори епизодата со Договор за порамнување со рафинеријата, договарајќи исплата на 40 милиони долари, кои од државниот буџет тивко легнаа на сметката на ОКТА. Но СДСМ и натаму не престана да вреви дека и со најновиот договор за порамнување, за сметка на намалувањето на отштетата, власта ѝ овозможила на рафинеријата уште долго да нѐ труе со производството на нафтени деривати кои не одговараат на еколошките стандарди на ЕУ.

Отворањето на раната неодамна навистина беше болно. Блокадите на жителите од селото Миладиновци на скопската рафинерија поради труењето што таа им го приредува во континуитет, повторно ја потсетија јавноста на последиците, во случајов еколошки, што ни останаа како наследство од купопродажниот договор за ОКТА. Владата повторно се обиде брзопотезно да ја затвори приказната на тој начин што договори со грчките сопственици да ги прифатат барањата на локалните жители, иако не е јасно какви на крајот ќе бидат ефектите од спогодбата.

Но, некако во исто време, се погоди и почетокот на судскиот процес по тужбата на премиерот Никола Груевски против Љубомир Фрчкоски за колумна објавена во весникот „Дневник“ во септември 2007 г. Во колумната, одговорноста за случајот ОКТА и за штетата што била предизвикана, професорот ја лоцираше и кај актуелниот премиер и поранешен министер за финансии во Владата на Георгиевски. Груевски, како што е познато, во процесот кој е во тек, бара 100.000 евра отштета од Фрчкоски поради тоа што овој меѓу другото во колумната го напишал следното:

„Вториот вид одговорност се состои од прашањето дали е склучен штетен договор и дали е тоа направено од глупост, корупција или двете заедно. За утврдување на монополските погодности за ОКТА критичен е еден од анекс-договорите склучен од Владата во 2000 година, кој не е доставен за увид на парламентот, а кој го има потпишано тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер. За содржината на тој анекс, која можела да биде најразлична (дури и независно од основниот договор), а која е мошне штетна за нас, директно се одговорни премиерот и потпишаниот министер“.

Договорот со ОКТА, како што неколкупати беше објавено во јавноста, имал 7, а некои велат дури 9 дополнителни анекси. Никогаш не беше обелоденета содржината на сите анекси ниту пак тоа дали и каква штета тие ѝ нанеле на државата. Во секој случај, правдата што сега сака да ја истера премиерот со тужбата за клевета, навреда и понижување против Фрчкоски, според него, се темели на уверувањата дека во случајот ОКТА, тој не потпишал ништо штетно за државата. Всушност, од доаѓањето на власт на Никола Груевски во 2006-та, основната преокупација на неговата партија е да се заштитат неговите лик и дело, чест и углед. Но, што да се прави, факт е дека Груевски на медиумите им беше единствениот омилен министер од Владата на Георгиевски, па оттаму беше логично да се претпостави дека тој не би можел да има врска со ништо што ѝ нанело штета на Македонија во случајот ОКТА. Како некој воопшто би можел да помисли такво нешто, кога Груевски самопрегорно се жртвува за нашата иднина.

Но, дали е навистина така?

Стефчо Јакимовски, екс министер за економија во Владата на Бранко Црвенковски, е еден од ретките кој случајот ОКТА го истражувал професионално. Причината за тоа е што во времето додека тој бил министер (2005) се одвивал судскиот процес на „Хеленик Петролеум“ против Република Македонија пред Арбитражниот суд во Париз. Јакимовски неколкупати досега во јавноста излегуваше со ставови дека Груевски имал своја улога во случајот ОКТА, поради што државата претрпела голема штета.

Клучот за разбирање на улогата на сегашниот премиер во случајот ОКТА се фамозните писма од 16 и 26 ноември 1999 г. на тогашниот министер за трговија Никола Груевски до ОКТА, во тоа време веќе во сопственост на грчката државна компанија „Хеленик Петролеум“.

ДРЖАВНО АЛИБИ

Содржината на овие две, речиси идентични писма, е инструкција од Владата на Република Македонија, поточно од министерот Груевски до ОКТА, да го прекине договорот склучен во 1993 г. за купување на сурова нафта и за транспорт и експедиција на сурова нафта од страна на компанијата на грчкиот нафтен магнат Мамидакис, „Мамидоил Џетоил“. Причината за ова, според писмата на Груевски, е значењето на снабдувањето со нафта за Република Македонија, како и фактот што Мамидакис, по влегувањето на „Хеленик Петролеум“ во рафинеријата, одбил да испорачува нафта по цена прифатлива за ОКТА.

Со првото писмо, Груевски во име на Владата всушност се обидел да му обезбеди „државно алиби“ на новиот газда на ОКТА, грчката компанија „Хеленик Петролеум“ да ја прекине набавката и транспортирањето на сурова нафта за потребите на рафинеријата од страна на Мамидакис. Имено, Грците кои ја купиле ОКТА, очигледно барале начин како да го раскинат договорот со Мамидакис, зашто за нив било нелогично тие да купуваат нафта од друг, кога тоа можат да го направат самите. Со писмото, Груевски „ги подучил“ во „Хеленик Петролеум“ да набавуваат нафта од таму каде што е поповолно за нив и да се повикаат на ваквите инструкции од Владата, како на „виша сила“, поради која го раскинуваат договорот со „Мамидоил Џетоил“.

Во второто писмо, пак, Груевски само појаснил зошто Владата инсистира ОКТА да престане да набавува нафта од Мамидакис, задржувајќи се на причините за високата цена.

– На овој начин младиот министер ја внесува Владата во чисто комерцијални односи меѓу две фирми, грчка и македонска, односно ја вовлекува Република Македонија во нешто што подоцна ќе ѝ нанесе штета на државата – вели Стефчо Јакимовски.

А што се случило? Мамидакис, како што е познато, поднесе тужба против ОКТА до надлежниот суд во Лондон поради раскинувањето на договорот и побара 17 милиони долари отштета. Судот во Лондон потоа донесе пресуда со која ОКТА ја прогласи за виновна, задолжувајќи ја да му ја плати на Мамидакис бараната сума.

Интересно е да се напомене дека Никола Груевски се појавил како сведок во интерес на „Хеленик Петролеум“ пред Лондонскиот суд.

Впрочем, еве што се вели во неговото сведочење:

„Целта на писмото од 16-ти ноември 1999 година беше да ја спречи ОКТА да купува сурова нафта од или да манипулира сурова нафта преку компаниите на г-дин Мамидакис, бидејќи бев убеден дека тоа би ги загрозило односите со Хеленик Петролеум и грчката Влада, која обезбедува испорака на сурова нафта по цена која е многу поповолна за Македонија.

– Значи, Груевски во сведочењето признава дека целта му била да не ги загрози односите со „Хеленик Петролеум“ и со грчката Влада. Чии интереси тогаш тој бранел, прашува Јакимовски.

ПОГРЕШНО ВЕРУВАЊЕ

Но, Груевски смета дека ги бранел интересите на Македонија, поради што и наведува дека „оваа компанија обезбедувала испорака на сурова нафта по цена која е многу поповолна за Македонија“. Плус тоа, во сведочењето, како образложение зошто го напишал и второто писмо, додал:

„…повторно потенцирав дека треба да се прифати снабдување со сурова нафта манипулирана од партнер кој е најповолен за нашата држава, и кој не би имал негативно влијание врз вкупните економски текови во државата.“

Со други зборови, Груевски сведочел дека ја спречил ОКТА да купува нафта од Мамидакис, за Македонија да има поефтина нафта. За жал, неговото сведочење воопшто не помогнало во процесот. Напротив, аргументот за „виша сила“ судот го отфрлил.

– Двете негови писма се цитирани во пресудата на Лондонскиот суд како аргумент во прилог на „Хеленик Петролеум“, меѓутоа тие не му помогнале во спорот со Мамидакис – вели Јакимовски.

Но, не само тоа. Како што ќе се покаже во текот на судењето, за писмото што го потпишал тогашниот министер за трговија всушност претходно драфт-верзија подготвиле адвокатот на „Хеленик Петролеум“, г. Потамитис и правниот советник на Владата, г. Гале Галев.

Впрочем, еве што за ова се вели во точката 16 од пресудата на Лондонскиот суд:

„… Финалната верзија на писмото била одобрена од премиерот таа вечер (16 ноември 1999 – н.з.) и подоцна во текот на денот била потпишана од министерот за трговија г. Груевски, кој очигледно кога го потпишал писмото верувал дека Хеленик снабдувал нафта поефтино од Џетоил. Ова верување беше погрешно“. (sic!)

Македонија во истиот момент го платила цехот за дел од пресудата. Од escrow сметката на Република Македонија на која претходно легнале парите од продажбата на ОКТА на „Хеленик Петролеум“, „Мамидоил Џетоил“ повлекол околу 3,3 милиони долари, зашто немало повеќе пари. Останатиот износ до 17 милиони долари останал како долг на ОКТА. Но и другиот дел од отштетата што „Хеленик Петролеум“ му ја должел на Мамидакис, ќе падне на товар на РМ.

ГРУЕВСКИ НЕ САКАЛ ДА СВЕДОЧИ

Во тужбата која во 2004 г. „Хеленик Петролеум“ ја покрена пред Арбитражниот суд во Париз, покрај другото, ги побара и 13-те милиони долари што му останаа како долг кон Мамидакис.

– Се сеќавам дека тогаш формирав тим во Министерството за економија кој единствено се занимаваше со таа проблематика, а до судот во Париз државата достави повеќе од 4.000 страници документи и материјали. И покрај сѐ, Македонија го загуби тој процес. Но интересен е еден друг момент. Министерството за економија го повика Груевски како сведок, а тој не се отповика на поканата. Испраќавме и дописи до партијата, до Собранието, но Груевски не се јавуваше. Значи, можеше да сведочи пред Лондонскиот суд во корист на „Хеленик Петролеум“, но не и пред Арбитражниот суд во Париз, во корист на Република Македонија, констатира Јакимовски.

Арбитражниот суд во Париз донесе пресуда во која, покрај другото, ја задолжи Република Македонија на „Хеленик Петролеум“  да му ја надомести штетата во висина од 13,9 милиони долари поради изгубениот спор со „Мамидоил Џетоил“. И овој суд исто така ги цитира писмата кои ги испратил Груевски до ОКТА (се цитира и дополнително писмо со слична содржина од министерот Бесник Фетаи), кои се главниот аргумент за донесување на пресудата во тој дел.

Вака, на пример, тоа се објаснува во точката 420 од пресудата на Арбитражниот суд:

„И покрај неоспорниот факт дека Република Македонија не била страна на договорот од 1993 (ОКТА – „Мамидоил Џетоил“ – н.з.), ниту во спорот пред англиските судови, таа покажала интерес за резултатите од спорот, со доставување на писмо до ОКТА на 16 ноември 1999 година, преку министерот за трговија, г. Никола Груевски, во кое се вели дека ОКТА не е усогласена со договорот од 1993 год… Ова писмо… од македонска страна се сметаше како причина за виша сила за ОКТА за да ги избегне своите обврски согласно договорот од 1993 година.“

Претходно, пак, во чл. 404 се констатира дека одбраната на ОКТА за „виша сила“ во процесот против „Мамидоил“ била крајно неуспешна. А во точката 406, пак, прецизно се наведува дека ОКТА ги претрпела штетите поради Владата:

„Како заклучок, ОКТА треба да ја плати глобалната сума од УСД 17.538.687 од која нејзе, од ЕСКРОУ сметката, и беше надоместен износот од УСД 3.362.865, и затоа износот, односно УСД 13.905.822 се штети кои ги претрпе ОКТА поради прекршување на ДКАК (договорот за купопродажба  – н.з.) од страна на Републиката…“

– Делот од штетата кој Македонија требаше да му ја надомести на „Хеленик Петролеум“, зашто по нејзина сугестија е откажан договорот со „Мамидоил Џетоил“, е втор по големина во пресудата на Парискиот суд, потенцира Јакимовски. 22.718.000 долари изнесува отштетата поради мазутот, а 13.905.822 долари се за долгот кон Мамидакис.

И ете, тоа е отприлика крајот на приказната за улогата на Никола Груевски во случајот ОКТА. Наместо да се расфрла со тужби, премиерот треба да објасни каква е користа за државата од двете негови писма до ОКТА? Кои и какви интереси успеал да заштити со инструкциите кои им ги дал на грчките сопственици на рафинеријата? Зошто судот во Лондон не поверувал во неговиот аргумент за виша сила и зошто неговото убедување дека „Хеленик Петролеум“ снабдува поефтина нафта од Мамидакис, судот го оценил како погрешно?! Премиерот треба да каже и дали чувствува каква било одговорност поради тоа што неговите писма се споменуваат како аргумент во двете пресуди на Лондонскиот и Парискиот суд, за што потоа државата е задолжена да плати отштета од 17 милиони евра. Сето тоа, се разбира, има врска со заштитата на неговата чест и углед.

Што и пишал Груевски на ОКТА?
ПРЕСТАНЕТЕ ДА КУПУВАТЕ НАФТА ОД МАМИДАКИС!

Во првото писмо на Груевски до ОКТА (преведено од англиски јазик), се вели:

„Информирани сме од грчката компанија Мамидоил Џетоил… дека постои писмен договор помеѓу оваа компанија и ОКТА (од 5 март 1993 г., со последователни амандмани) кој се однесува на ограничување на вашата можност да ја транспортирате суровата нафта која ја купувате. Меѓутоа, врз основа на фактот дека со оглед на Вашиот договор со горенаведената компанија, вие сте побарале нивна помош за транспорт и експедиција на сурова нафта по цена каква што ви била понудена од страна на друга грчка компанија, и која за вас била поповолна, горенаведената компанија не ја прифатила оваа цена. Оттаму, нам ни е јасно дека на овој начин таа го прекршила горенаведениот договор и затоа не може да ги ограничува вашите права на транспорт и експедиција на сурова нафта, која ја купувате за ваши потреби.

Имајќи ја предвид оваа ситуација и отфрлајќи го горенаведениот договор кој е прекршен од другата страна и имајќи го предвид значењето што набавката на сурова нафта го има за Република Македонија, а со оглед на екстремно негативното влијание на ваквото снабдување, ви даваме инструкции да продолжите да ја снабдувате рафинеријата со сурова нафта од партнер кој вие сметате дека е најповолен за вас. Имајќи ја предвид оваа ситуација, членовите од договорот не треба да бидат сметани како обврска за вас. Сметаме дека според условите на овој документ вие би требало да сте согласни со нашите инструкции, кои треба да се сметаат за виша сила (анекс на основниот договор – 06.03.93 пар. 4)“

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.