Како требаше Иванов да му го честита изборот на Ердоган

by fokus

Со ептен голем мерак го начув аберот дека турската раја Ви ја даде изин и Ве бендиса за чауш на Турција. Во баш свое име и во име на рајата на Македонија, ви упатувам срдечен ашколсун за изборот и едно искрено алал-вера за тамам извршување на ептен битната функција, требаше да пишува во тефтерот што претседателот Ѓорге Иванов му го испрати утринава на новоизбраниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган, а не како што тој рече:

Со големо задоволство ја примив веста дека турските граѓани Ви ја дадоа довербата и Ве избраа за претседател на Турција. Во свое лично име и во име на граѓаните на Македонија, Ви упатувам срдечни честитки за изборот и искрени желби за успешно извршување на одговорната функција“

„Дајте ми изин, честити Царе, во оваа лезетска пригода, да го изразам својот мерак од ептен високото дереџе на нашите адетски ортачки односи и „дај ми го – на ти го“ што си го имаме помеѓу нашите два вилаети. На мукает сум дека во наредниот период ортаклукот не само што ќе си тера, туку ќе се ептенизира во сите области во кои си го имаме муабетот, за што сакам да ја повторам мојата и на Република Македонија топтан подготвеност. Би сакал да искажам едно фала за поддршката без усул која Република Турција ѝ ја дава на Република Македонија на џадето кон евроатланскиот калабалак, како и да го истакнам асли ниетот дека иста ќе си тера и во претстојниот период“ – требаше да стои во честитката наместо напишаното од кабинетот на Иванов:

„Дозволете ми, почитуван Претседателе, во оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од исклучително високиот степен на традиционални пријателски односи и соработка меѓу нашите земји. Уверен сум дека во наредниот период соработката не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во сите области од заемен интерес, за што сакам да ја повторам мојата и на Република Македонија целосна подготвеност. Би сакал да искажам благодарност за безрезервната поддршка која Република Турција и ја дава на Република Македонија на патот на евроатлантската интеграција, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период“.

Поврзани новости