Како полициска местенка, „аџиевци“ ја претвораат во лустрациски материјал!

by fokus

Веста за најновиот дострел на лустрациската комисија, по моделот „аџиевка“, при што сум почестена да добијам сертификат на кодош, налага барем на дел од јавноста да и објаснам – зошто сум се нашла на тапет! До другиот дел од јавноста тешко допираат факти и аргументи.

Во емисијата „Без наслов но со повод“ имав дуел во кој спротивставија ставови д-р Јован Донев ( актуелен амбасадор на Р.Македонија во Лондон, а во тоа време претседател на градската организација на СДСМ) и извесен Цеков којшто беше на линијата дека Македонците се Бугари. Ова шокираше дел од јавноста, а особено од власта. Знам дека раководството на МРТВ имаше притисоци да ме суспендира, ама имаа рбет да издржат. И така преживеав без казна. Мојот пристап беше дека не смее да има табу теми, туку сите тези што се сметаат опасни треба да се поразат на јавна сцена.

Арно ама, веднаш потоа во нашата редакција почна интензивно да доаѓа дотичниот организатор, и уште поагресивно да нѐ провоцира дека сме ти биле Бугари и се во тој стил. Нам првично  ни беше смешно, но сериозно се загриживме кога почна да доаѓа во редакција и кога имавме емисија, со многу гости а тој држеше говори во свој стил. Сметавме дека ова е веќе полициска провокација, која што има за цел да нѐ тестира или да нѐ претстави како некакво „дувло“ (така, нели, се викаше и акцијата за штабот на ВМРО-ДПМНЕ),  коешто шири негаторски тези за македонската нација.

И сосема транспарентно, како редакција и јас како уредник на емисијата реагиравме и до „провокаторов“ и официјално до надлежните во МТВ, па и на колегиум.. Да појаснам, не реагиравме на она што го зборува, неговите ставови беа општо познати, туку неговите провокации насочени кон „обележување“ на редакцијата „Без наслов но со повод“, што потоа би резултирало со наше или барем мое суспендирање. Реагирав и до  министерот Фрчкоски и до шефот на УБК, Величковски – дека ни прават полициски местенки. И тоа беше официјално, со поддршка на редакцијата ама и главниот уредник.

И потоа провокациите престанаа. Но, она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денес, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за којшто знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење! Патем, дотичниот организатор немал никакви последици од сето тоа, не бил жртва на целава драмолетка. Напротив, сега јас треба да станам жртва по вкусот на џелатите на преродбата,

Зарем не е веќе кристално јасно колку Фокус е систематски третиран од фамилијата на власт! Не ги задоволи смртта на Никола Младенов и згаснувањето на дневен Фокус. Продолжија да нѐ гонат пред нивните судови и судии. И тоа не им ги насити ниските страсти, веројатно затоа што ја преживеавме казната … и еве ја смислија лустрацискава комедија.

Сепак, кога ќе се сетам на сите мафијашки пораки кои јавно ги истрелаа нивните мегафони, дека оние што дадовме изјави за британски АлЏезеира, меѓу коишто бев и јас, треба да завршиме во канализација или со бетон врз нас, тогаш можам да бидам среќна што вака лесно поминав само со лустрација …Барем за сега, нели! Нивните пораки имаат и симболика- одлуката за лустрирање да биде со датумот на смртта на Младенов – 26 март!

И да, за сето ова, поткрепено со изјави на мои колеги и уредници од случувањата во таа 1993 година, ќе ги информирам сите „странски служби“ … пардон, меѓународни организации.

П.С. Чисто информативно, „жртвата“ од моето „кодошење“ без проблеми ги пласира своите бугарски тези во неделникот Фокус!

Поврзани новости