Како баџанакот Јован Илиевски стана универзитетски професор

by fokus

arhiva

Текстот е објавен на 18 септември, 2015 година во неделникот „Фокус“ – број 1041

 

КАТЕДРА КАКО НАГРАДА ЗА ПОСЛУШНИТЕ

Последните години нема како порано дебати за тоа дали државни функционери со одговорна општествена работа може да се избираат и на други позиции, како на пример професорски. И додека во јавноста се молчи за изборот на професорски кадар на купишта факултети, создадени со дисперзираното образование, некои користат можност да се вработат, а тоа да го забележи јавноста. Еден таков случај е со обвинителот, шефот на одделот против организиран криминал и корупција, Јован Илиевски. Други, пак, примери покажуваат како ВМРО-ДПМНЕ си избира професори од свои истакнати кадри или, пак, брачни другари на промотерите на нејзините дела

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Македонија има пет државни универзитети и стотици факултети. Ако се мери според бројот на жителите во државата, тогаш навистина има премногу. Дополнително, владата отвори дисперзирани студии на повеќе факултети низ многу градови. Под превезот дека на студентите ќе им биде полесен пристапот до високото образование и со помалку пари ќе завршат факултет, власта си ги користи образовните институции, прво, за да си вработи свои партиски членови или соработници, а потоа, преку таквата постапка, да си ги заштити своите зашто утре може сѐ да биде.

Фрапантните податоци откриваат дека во Македонија има околу 40 факултети по право и економија. Иако е познато дека тие две науки се привлечни за новите студенти, пред сѐ, затоа што може да се вработат во државната администрација, похрабрите да почнат бизнис, посреќните да заминат во странство, сепак, што е многу – многу е. Несомнено дека аргументите кои одат во прилог на тезата дека со дисперзираните студии опадна квалитетот на образованието се побројни од спротивните.

Своја улога во осиромашувањето на образовниот процес имаат и наставниците поради нивната неподготвеност да одговорат на предизвиците на модерното образование, како и слабата посветеност редовно да држат настава. Но, исто така, улога игра и (не)владеењето на правото во Македонија, односно лабилната економска состојба и погрешните политики на власта. Но, колку професорите што се избираат да им предаваат на студентите се во ситуација да ја согледаат вистинската слика за Македонија? Како да им објаснат на младите зошто државата тоне и правно и економски кога зад нивниот избор за професор на факултет стојат врските со власта? Како да бидат посветени целосно на наставата и на едукацијата кога голем дел од нив имаат други поприоритетни, општествено поодговорни и посложени работни функции?

Ако се прочитаат официјалните универзитетски билтени и реферати, на пример од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, лесно се заклучува дека со професорски позиции се „наградени“ функционери, партиски истакнати поединци, а многу често и несоодветни кадри. Анализата на податоците остава впечаток дека владејачката партија си ги искористила факултетите за да си ги вработи своите невработени членови или, пак, и тие што имаат добра и одговорна работна позиција да им даде дополнителни функции и места, како награда за минатиот труд. Секако, труд кој ѝ одел во полза на владеењето.

КОЈ И ЗОШТО ГО ИЗБРАЛ ИЛИЕВСКИ?

Еден од професорите чие име го прочитавме дека завршил да предава на Универзитетот „Гоце Делчев“ е јавниот обвинител Јован Илиевски, веќе цели пет години главен обвинител на специјалното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со оглед дека неговата задача како обвинител е обемна, одговорна и значајна за одржување на правниот поредок, несфатливо е, иако тој има свои причини, како се нафатил да биде доцент по предметот казнено право. Дали тоа е негова желба или, пак, е ангажиран поради завршените обвинителски работи?

Во случајот на Илиевски забележавме дека постои судир на интереси, особено ако се знае фактот дека претседател на комисијата за негов избор е Тодор Витларов, виш обвинител од Штип, поранешен член на Советот на јавни обвинители. Едноставно кажано  – колега си избира колега за професор. Колку таквата комисија можела да оценува објективно и дали во вакви услови можело да се изгласа поинаку и да се предложи друг кандидат наместо колегата, а во случајов познаникот и пријателот? Извори од обвинителството коментираат дека тие двајцата се познаваат, имаат комуникација, а сега освен колеги обвинители се и колеги професори затоа што и Витларов е вонреден професор на истиот универзитет.

Пред да посветиме внимание на огласот за доцент по казнено право на штипскиот универзитет, да потсетиме каква улога има Илиевски во правниот систем, односно во процесот на владеење на правото во Македонија. Неговата позиција како главен обвинител против организиран криминал и корупција е суштински важна за почитување на човековите права во судските и истражните постапки (обвинителите се главни истражители во кривичните дела, тие предлагаат мерки како што е притворот, покренуваат обвинителни акти, го квалификуваат кривичното дело, на судот му предлагаат висина на казните…), но и значајна од политички аспект – дали институцијата ќе остане независна, односно нема да се претвори во потписник на полициските истраги, а во име на законот ќе се спротивстави на некои досиеја кои полицијата сака да ги исфорсира со политички мотиви? Едноставно, колку обвинителството ќе остане самостојно?

Низ кабинетот на Илиевски поминуваат буквално сите големи корупциско – финансиски скандали кои се класифицираат како организиран криминал или корупција. Со оглед дека постои само едно такво обвинителство во државата сите афери се отвораат во Скопје, а потоа се судат во Кривичниот суд. Значи, улогата на Илиевски во борбата против криминалот е голема и значајна за државата. Од друга страна, неговата важност се огледа и во фактот дека ова специјализирано обвинителство се наметна како главно, не само во пишувањата обвинителни акти за милионските афери, туку има ингеренции при приведување и при одредување притвор. И едното и другото се изразени во последните години на ниво на медиумска атракција, јавно жигосување и однапред осудување на осомничените. Несомнено дека обвинителството во моментов има далеку поодговорна позиција од кога било, со оглед дека од правната завршница на актуелните скандали од прислушувањето, кои кријат милионски криминал, зависи и политичката стабилност на државата.

Но, со „мекото“ однесување на обвинителството се остава впечаток во јавноста дека тоа работи како продолжена рака на полицијата чиј министер е секогаш политичко-партиска фигура, за разлика од обвинителите кои би требало да се самостојни и независни. Македонската практика секогаш е поинаква. Блискоста, роднинските врски, партиската припадност станаа далеку попризнати критериуми од професионалноста, објективноста, па дури и човечноста. Како жртва на таквата контролирана спрега полиција – обвинителство – судство, правниот систем е на колена.

Многу ретко, а поверојатно е дека никогаш ова обвинителство не се спротивставило на обидите на власта да конструира случај, да наметне погрешни тези, да пласира неверодостојни докази само со цел да елиминира политички конкурент, да замолкне гласен медиум, да затвори неподобен противник? Со оглед дека Законот за кривична постапка го прави обвинителството главно во истрагите, односно Илиевски како шеф на сите обвинители во одделот за организиран криминал и корупција ги има конците во рака, сепак не го користи многу просторот за поинакви одлуки од оние промислени од власта.

Многупати во коментарите и во анализите на правниците, пред сѐ на адвокатите што се ангажирани во вакви кривични дела, ќе слушнеме дека обвинителството речиси без да измени збор ја препишува кривичната пријава на МВР кога го подготвува обвинителниот акт, а потоа истите тези завршуваат и во судската пресуда. Тоа значи дека уставните принципи за независност и самостојност што му се доверени на обвинителството не се почитуваат.

Но, дали Илиевски е во ситуација да ги почитува таквите постулати и да го издигне јавното обвинителство над партиско- политичките влијанија, над тесните интереси на поединци, едноставно над политиката и блискоста со претставници на власта? Јован Илиевски е семејно поврзан со Сашо Мијалков. Иако е поранешен директор на УБК, тој неколку години беше посочуван како човекот кој стои зад големите акции и спектакуларни приведувања. Неговиот глас, според опозицискиот СДСМ, на една од прислушуваните аудиоснимки, се слуша како со огромно задоволство зборува како му организирале апсење на Љубе Бошкоски и како акробатски го легнале на патос за да му се смее народот, а власта да го понижи.

Имено, Илиевски и Мијалков имаат две сестри за сопруги, а тоа секако дека влијае врз нивниот однос колку и да сакаат да го претстават за коректен, објективен и професионален. Може ли во таква ситуација да не се пресудни семејните релации? Кога обвинителството објави дека е покренат акт против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, партијата излезе со став дека актот е подготвен и нарачан токму од Илиевски затоа што е во релација со Мијалков, и од државниот обвинител Марко Зврлевски, кого го нарекоа извршител на Никола Груевски затоа што и тие одржуваат приватни релации.

И секако дека во македонската практика, кога некој застанува зад замислите на власта, односно се приклонува кон таквиот начин на владеење или практицирање на правото, тогаш несомнено може да се позиционира и на друго место. Не е непознато дека власта своите функционери или соработниците високо позиционирани во општествената хиерархија си ги поставува на неколку позиции, односно им дава можност да примаат неколку плати. Така, на некои им ги затвора устите, некои ги прави полојални, некои ги става под контрола за спроведување на своите политики.

КОНФЛИКТОТ НА ИНТЕРЕСИ КАКО ДА НЕ ПОСТОИ?

Ако се погледне биографијата на Илиевски и неговото искуство и достигнувања, може и не е спорно дека тој ги исполнува условите да предава казнено право на факултет. Тоа што е интересно за приказнава е дека извршува одговорна функција, која не би требало да му остава простор да патува и да предава, но поважно е дека неговиот избор за наставник може да се толкува како неетички, со судир на интереси. Покрај Илиевски, за работното место конкурирал и врховниот судија Џемаили Саити. Уште од старт било извесно кој е фаворит, особено ако се прочита универзитетскиот билтен, во кој на едниот кандидат му се посветуваат осум страници пофални зборови, додека на другиот само половина страница пригодни. Откако комисијата направила увид во биографските податоци, па го анализирала научниот развој, ги избројала објавените научни и стручни трудови, за победник го прогласила Илиевски.

Но, и да ги оставиме релациите на Илиевски со Мијалков и со власта, за кои можеме само да претпоставувавме каква улога одиграле, сепак неговиот избор за доцент е затоа што во комисијата членуваат Тодор Витларов, како претседател, и членовите Стеван Алексовски и Лазар Нанев. Според етичките правила, вонредни професори, каков што е Витларов не би требало да бидат во комисија која избира, што е случај во овој пример. Тоа се должи на фактот дека таквите професори немаат засновано никаков работен однос со институцијата, туку само се ангажирани да предаваат. Дури во незавидна позиција се доведува и изборот на Витларов за професор со оглед дека и тој извршува одговорна обвинителска функција.

Дали е ова случај за Антикорупциската комисија – да провери кој кого избрал за професор и да постапи согласно законот? Дури законските правила налагаат секој кандидат кога се пријавува на оглас за друга државна функција да мора да обезбеди документ дали споивоста на двете функции не е конфликт на интереси. Но, тука е важно и да се расчисти дилемата како обвинители меѓусебно се избираат за професори.

– Порано имаше дебата дали Витларов како обвинител може да стане професор, а потоа се појави и случајот со судијата Нанев (член на истата комисија за избор, н.з.) и имаше многу негодувања кај правниците дека не смее да се дозволи на обвинители и на судии да им се даваат професорски звања. Сепак, како што одминува времето, Антикорупциската комисија, научена да неинтервенира, ги остава ваквите случаи во практиката, иако претходно имаше случај кога на уставниот судија Зоран Сулејманов не му се дозволи да стане професор. Сега имаме ситуација во која ретко кој од кандидатите се обраќа до комисијата за да праша за двојството на функции. Но, она што е далеку поважно е како се формираат тие комисии за избор на наставници и колку во нив има наука, односно колку се претворени во приватни кланови – прашува Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел“, според која очигледен е конфликтот на интереси.

Практично, сите кандидати на конкурсот, но и тие од комисијата се од иста фела. Така се формираат лоби групите. Станува збор за луѓе што се познаваат, соработуваат, а некои од нив имаат и поблиски релации. Затоа голем дел од коментарите се дека обвинителите и судиите почнале меѓусебно да се избираат за професори, но некој им го дозволува тоа.

Друга ситуција би настанала ако противкандидатот Саити се пожалел на изборот на неговиот противкандидат за професор. Прва можност тој имал кај органите на самиот универзитет кои одлучуваат по жалби, но и да отвори случај пред Антикорупциската комисија за да се испитаат наводите за конфликт на интереси. Но, дали Саити од морални причини би реагирал некаде ако се знае дека член на комисијата за избор е судијата Нанев од Кавадарци? Па, така и неговиот избор би ги имал истите симптоми. Значи, овој оглас однапред бил осуден на неуспех, ако се знае дека се пријавиле само двајца кандидати, едниот обвинител, другиот судија во ситуација кога комисијата е составена од обвинител и судија.

Со некои од овие размисли не се согласува Илиевски. Тој за „Фокус“ вели дека не побарал мислење од Антикорупциска околу втората работна позиција и дека не препознава конфликт на интереси во неговиот избор од страна на колегата Витларов.

– Побарав мислење од Советот на јавни обвинители кои го одобрија мојот избор. Притоа не го злоупотребувам работното време како обвинител и предавањата ги држам во други термини. Ова го правам затоа што сметам дека можам да ги едуцирам студентите, а институцијата обвинителство може да се гордее што јас и мои колеги сме професори. Искрено, сакам да се знае, дека платата е околу 30 илјади денари по семестар. Тоа што зад мојот избор стои колега не е конфликт на интерес, а зошто и би било кога огласите се јавни, а комисијата ја формира универзитетот – вели Илиевски.

Инаку, сумата од 30 илјади денари е за еден предмет, а професорите- обвинители предаваат по неколку.

ОСТВАРУВАМЕ: ВРАБОТУВАМЕ

Читајќи низ универзитетските билтени уште еден интересен случај за анализа е името на Мимоза Серафимова. Таа е истакната партиска активистка на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Последните две години дури е и претседателка на партиската Унија на жените. Иако е доктор по економски науки, сепак на двапати не успеала (толку барем прочитавме) да ги помине филтрите за избор на професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ и на Факултетот за информатички науки во Скопје. Но тоа и успеало на Факултетот за туризам и бизнис во Гевгелија кој е под штипскиот универзитет.

Дали при вработувањето на истакнатата партиска активистка имала влијание матичната партија чија препорака е посилна од квалитетите за професор? Кој и помогнал на Серафимова наеднаш да ги поседува неопходните квалификации кои потоа и недостасувале на другите конкурси? За на крајот повторно да и се валоризираат за прием на втор факултет. Ако направиме споредба со друга кандидатка, на пример Смилка Јаневска Саркањац со која заедно конкурирале на огласот на Факултетот за информатички науки, после евалуацијата резултатите биле 119 наспрема 34 поени во полза на Саркањац. Тие 34 поени на Серафимова ни одблиску не се доволни за некој да биде вработен на универзитет. На еден друг оглас на Економскиот факултет при штипскиот универзитет Серафимова немала доставено ниту документација за степенот на образованието, ниту за резултатите во научно-истражувачката дејност.

Овој пример е своевидна потврда дека со напредување во политичко- партиската кариера очигледно се напредува и во образовно-научната. Ако сега го погледнете списокот со професори на Универзитетот „Гоце Делчев“ таа е со звањето доцент доктор. Нејзиниот случај е потврда на тезата дека власта си ги користи факултетите да вработува свои кадри кои образуваат студенти по важни предмети во кои е неопходно да се обработува и анализира македонскиот пример. Серафимова предава неколку предмети на два факултета, за туризам и бизнис логистика и на економскиот во Штип. Што значи дека таа е ангажирана на уште еден факултет после недоволните поени доделени од комисијата кога претходно се пријавувала на огласите. Главни теми и се економијата, менаџментот, претприемаштвото – значајни области за кои би морала да има став, анализа, коментари – во многу случаи критички кон власта, оти на студентите треба да им се посочат позитивните економски примери, но и да им се укажат недостатоците на погрешните системи и начини на менаџирање на економијата. Македонија е сигурно во втората група.

СЕ НАТПРЕВАРУВААТ И МЕЃУСЕБНО

На едниот оглас Мимоза Серафимова била послаб кандидат од Смилка Милевска Саркањац, чија богата и важна биографија (според комисијата) била доволна да биде избрана за професорка сопругата на професорот Бранислав Саркањац, дел од тимот на претседателот на државата Иванов. На Универзитетот „Гоце Делчев“ е вработена и Александра Жежова, сопруга на идејниот креатор на музејот на ВМРО. Подоцна или порано за сите што заслужиле, власта отвора простор за вработување.

 

И МВР ИМА СВОИ ПРИМЕРИ

Помошник на министерот во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, Анета Станчевска беше избрана за професорка на правниот факултет при Славјанскиот универзитет. И таа извршува одговорна функција во МВР, но има време и за предавања. Некои професори и студенти имаат испратено мејлови до медиумите дека таа таму се појавува во работно време, а понекогаш користи службено возило на полицијата. Инаку Станчевска беше избрана за член на Поткомитетот за превенција од тортура на Обединети нации. Ама кога се сака – сѐ се може.

ВИТЛАРОВ: ИЗБИРАВМЕ ЛЕГИТИМНО, НЕМАМЕ КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ

Јавниот обвинител Тодор Витларов, во изјава за „Фокус“ објаснува дека Илиевски, пред сѐ, според научните трудови, бил подобар кандидат од врховниот судија Саити.

– Ние сме тројца во комисијата и одлучуваме независно. Избравме кандидат кој ги исполнува условите, а не затоа што ми е колега. Тоа што јас сум во рецензентската комисија се должи на моето искуство и стажот на Универзитетот што го имам од неговото отворање. Затоа тука нема предмет за Антикорупциска. Примери со меѓусебен избор на колеги има на многу факултети, па дури и на Правниот факултет во Скопје – коментира Витларов.

АНТИКОРУПЦИСКА МОЛЧИ ЗА ВАКВИТЕ СЛУЧАИ

Во обид да дознаеме кој е ставот на Антикорупциската комисија конкретно за Илиевски, но и за другите државни функционери кои се пријавуваат на огласи за професори, а и да прашаме дали при изборот на професори постои конфликт на интерес се обративме до комисијата. На мобилниот телефон е дури неверојатно да остварите повик со портпаролката, а на прашањата кои ги оставивме на претставник од комисијата преку фиксниот телефон и по една недела не ни одговорија. Веќе подолго време сме научени на молкот на комисијата, особено за случаи во кои се споменуваат лица со кои изгледа е подобро да не се „чепкаат“.

Поврзани новости