Јоце Панов: Овој Бадник ме боли до срж

by fokus

Поп пејачот Јоце Панов денес ќе ја промовира новата песна и спот „Кога те нема’’ посветена на неговата мајка Василка.

Вели дека се решил за промоција на големиот верски празник Бадник, бидејќи токму празниците се време кога најмногу му недостигала мајката без која ова бил неговиот прв Бадник и Божиќ. Раскажува дека сеуште се учи како да живее со болката и вистината дека никогаш повеќе нема да ја види својата мајка, која ненадејно починала во април, минатата година, од срцев удар, и како празниците кога сите семејства се собираат и радуваат заедно, многу го погодуваат и му навраќаат спомени.

-Ова е мојот прв Бадник без мајка ми. Каде и да бев, какви обврски и да имав, секогаш се трудев да си дојдам дома, во родниот Штип, и да ја минам Бадниковата вечер со неа. Трпезата подготвена со љубов, лепчето со паричка, посните сармички, гравче, оревите и сушеното овошје, но и топлината која се ширеше околу неа, тоа е нешто што знам дека нема никогаш повеќе да го почувствувам, нема да се врати тоа време. Токму затоа празниците ми се тежок период, ми се навраќаат спомените… Една тажна ноќ, седејќи дома сам, бев во голема тага и очај, и на клавир започнав да компонирам песна. Идејата беше прекрасна, па веднаш му ја пренесов на Блаже Темелков, и тој според мојата идеја заедно со Дарко Тасев направија совршената песна. Се заблагодарувам на целиот тим кој работеше на песната и спотот, на Блаже Темелков, на Дарко Тасев, Љупчо Павловски и Дарио Јанковиќ, кои со огромна љубов ми го подарија нивниот труд како поклон – раскажува Панов за песната посветена на мајка му, која вечерва ќе биде промовирана на интернет каналот Јутјуб и во емисија на ТВ Ирис.

Тој се присетува на своето детство, на тешките моменти, на мачната судбина на неговата мајка, која се борела како лавица за да ги изведе на прав пат него, неговиот брат и сестра.

-Татко ми почина кога имав 11 години. Во тоа време, брат ми имаше осум, а сестра ми само една година. Мајка ми работеше како дактилограф, потоа во администарција во една фирма. Во времето на приватизацијата, таа остана без работа. Тешки времиња беа, јас бев на факултет, таа одвојуваше од уста за да ме исшколува. Кога остана без работа, знаејќи колку му е потребна финансиската помош на нашето семејство, и беше претешко. Тоа ја уби, ја срози… Чистеше станови, работеше се, само за нас. И успеа во тоа, не одгледа, станавме зрели и одговорни луѓе, но инфарктот минатиот април не пресече сите. Ненадејно ја изгубивме – вели Јоце.

Само еден месец пред да почине мајка му, тој си купил стан во Скопје, каде сега живее сам. Раскажува дека мајка му била горда поради него, но успеала само неколку пати да го посети во неговиот нов дом, пред да почине. Вели дека поголемиот дел од времето е сам, повремено доаѓала и неговата девојка, за која вели дека ја гледа како своја идна сопруга.

-Животот не ме галеше многу, и ме научи дека семејството е нешто свето. Дека треба да се живеее во љубов, да се трудиме што повеќе време да минуваме со блиските. Кога доаѓаат големи празници, да најдеме начин да бидеме со тие што најмногу ги сакаме, оти не можеме да знаеме кога ќе го имаме последниот Божиќ со некого кој ни значи. Се надевам дека песната ќе допре до душата на мајка ми, дека таа, иако не е покрај нас, горда е на мене и знае колку ми недостасува- раскажа за „Фокус’’ Панов.

Тој е присутен на сцената од 2004 година и зад себе има многу хитови. Чест гостин е во Црна Гора, и има освоено повеќе награди во Будва, на фестивалот „Песна на медитеранот’’ но и во Загреб – Хрватска, Варна – Бугарија и во Белорусија на разни музички фестивали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости