Јелена Жугиќ, директорката што на крвавиот четврток беше во Собранието е член на повеќе управни одбори и комисии

by Fokus

Јелена Жугиќ, актуелната директорка на Театар Комедија беше една од многумината која можеше да се види во толпата народ што влезе во Законодавниот дом, на 27 април, односно на крвавиот четврток.

Таа веќе години наназад редовно ги брани политиките на ДПМНЕ, а тоа посебно дојде до израз на 24 декември, познат како црниот понеделник. Жугиќ беше предводник на контра-протестите за да се донесе буџетот, тврдејќи дека ако тоа не се случи, ќе отидат, ќе клекнат пред СДСМ и ќе ги молат да не ги остават без плати!?

Таа во меѓувреме им се закануваше на „шарените револуционери“ со гумени куршуми, а упати критики и на сметка на мајката на осумгодишната Тамара Димовска, која почина чекајќи да замине на операција во странство, тврдејќи дека детето починало поради неодговорност на родителите.

Но, што во меѓувреме доби Жугиќ како еден од најголемите поддржувачи на тогашната власт?

Според податоците што се објавени на страниците на Службен весник, таа не била само директор во театарот, туку и член на неколку комисии и одбори. Познатата актерка во јули 2008 година станува член на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, каде што членува две години. Во јули 2009 година, Жугиќ станува член на Управниот одбор на Филмскиот фонд, а само една година подоцна е разрешена од функцијата. Но, затоа, пак, во 2016 година таа добива нова функција и тоа како член на Делегацијата на Македонија во парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) со потпис од екс собранискиот спикер Трајко Вељаноски.

И.М.

Поврзани новости