Јавноста гледа широко распространета корупција во полицијата, но сепак и верува

by fokus

Граѓаните веруваат дека политиката игра важна улога во полициската работа, почнувајќи од практиките на вработување кои се сметаат за зависни од политичките врски на кандидатот, покажало истражувањето на јавно мислење на Регионалната мрежа на граѓански организации ПОИНТПУЛС и Аналитика Тинк Тенк.

Анкетираните граѓани воглавно одговориле дека ја сметаат полицијата како средство за заштита на интересите на политичките партии или други конкретни групи. Поради тоа, велат невладините, Министерството за внатрешни работи треба да направи значајни напори за да ја деполитизира полицијата и да се осигура во имплементацијата на професионални стандарди на сите нивоа во оваа институција.

Најмалку доверба во полицијата имаат невработените и младите лица.

„Нивото на доверба во полицијата меѓу етничките Албанци се зголемило во 2017, што е позитивен тренд со оглед на тоа што процентот во минатото беше многу помал од оној на етничките Македонци. Во моментов, нема значајни разлики меѓу двете етнички групи“, стои во истражувањето.

Сепак полицијата е втората институција во која граѓаните имаат најмногу доверба, веднаш после образовниот систем. Повеќе од половина од населението (55%) покажуваат доверба во полицијата, но речиси една четвртина (23%) сѐ уште нема доверба.

Но иако јавната доверба во полицијата е релативно висока, има перцепција за широко распространета корупција. Таквите податоци, според анализата, покажуваат висока толеранција за корупцијата во македонското општество.

Поврзани новости