ВМРО-НП: Ставрески, Чавков, Јанкулоска, Мијалков три месеци пред избори да се заменат со експерти

by Фокус

ВМРО-Народна партија се огласи за политичката криза во земјава, загрижени за се позачестените сигнали кои доаѓаат од седиштето на Европската Унија за одземање на препораката за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

Од таму излегоа со предлог за излез од политичката криза, при што бараат три месеци пред денот на изборите, актуелните министри за внатрешни работи, за правда и за финансии и директорите на Управата за безбедност и контраразузнување и Бирото за јавна безбедност да се заменат со експерти, кои не се членови на политички партии, со мандат до завршување на изборите.

-Бидејќи е во тек расправа за уставните промени, предлагаме дополнителен амандман во  Уставот кој се однесува на изборниот процес и со кој трајно ќе биде озаконета оваа постапка. Цениме дека во наредниве неколку денови можат да се донесат политички одлуки кои ќе имаат пресудно значење за севкупните процеси кои директно ќе влијаат на иднината на Македонија. Како главна причина за негативниот извештај се наведува немањето на политички дијалог помеѓу власта и опозицијата, што произлегува од различните ставови за техничка влада. Ги повикуваме владеачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ заради сериозноста на проблемот, веднаш да го почнат политичкиот дијалог и да направат чекор кон разрешување на ова внатрешно политичко прашање, зацртано од ЕУ – се наведува во соопштението од ВМРО-НП.

ВМРО-Народна партија апелира до сите македонски политичари, сериозно да размислат што значи одземањето на препораката и какви последици ќе има по политичко безбедносната ситуација, социјално економската состојба на граѓаните, меѓуетничките односи, демографските процеси и меѓународниот кредибилитет на земјата. Според нив, до колку ова  се случи, со децении ќе се чека нова препорака, а можеби и никогаш повеќе нема да се добие.

 

Поврзани новости