Иванов во Бразил ќе отвора македонска амбасада

by fokus

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска ќе престојува во официјална посета на Федеративна Република Бразил. Во рамки на посетата, Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка.

Како што соопшти неговиот кабинет, претседателот утре во Бразилија со највисоки државни почести ќе биде примен од претседателот на Федеративна Република Бразил, Мишел Темер.

За време на официјалната посета на Федеративна Република Бразил, предвидено е претседателот Иванов да оствари средби со Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло и Едуардо Виера, претседател на Федерацијата на индустрии на Рио де Жанеиро.

Македонскиот претседател ќе одржи предавање на тема „Европската бегалска криза – научени лекции” во Бразилскиот центар за меѓународни односи.

Ова е прва официјална посета на претседател на Република Македонија на Федеративна Република Бразил и на Латинска Америка.

Поврзани новости