Иванов смета дека Извештајот дава реална слика за Македонија

by Фокус

Претседателот Ѓорѓе Иванов на денешната средба со евроамбасадорот Аиво Орав, на која му беше врачен Извештајот за напредокот на Македонија, рече дека и годинешниот извештај на Европската комисија дава објективна слика на актуелните состојби во повеќе области во Република Македонија.

-Имајќи ја предвид огромната поддршка која интегративниот процес ја има од граѓаните на Република Македонија, политичкиот, меѓуетничкиот, социјалниот, и всушност целокупниот општествен консензус за  интеграцијата во ЕУ, трансформативната моќ која ја има самиот процес, недвосмислено упатува на неопходноста со максимална сериозност сите општествени и политички фактори во земјата својата енергија да ја насочат кон надминување на забелешките од Извештајот, рече Иванов.

Тој додаде дека е неопходно да се промени „status quo“ состојбата во контекст на отворањето на пристапните преговори за членство.

-Крајно време е Република Македонија да ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија. Треба објективно да се согледаат последиците од предолгото чекање. Политичките кризи се повторуваат и за жал секоја следна криза е со посилен интензитет и поопсежни последици, истакна претседателот Иванов на средбата.

Поврзани новости