Иванов: Ќе го доделам мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието

by fokus

Во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, ќе го доделам мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, очекувам во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

„Со овие избори, Република Македонија исполни еден од клучните услови на кои се обврзаа лидерите со Пржинскиот договор. Очекувам, како што Република Македонија уште еднаш покажа исполнителност, Европската Унија да покаже доследност и принципиелност кон нас. Ја повикувам Европската Унија да изнајде начин и да овозможи напредок на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат. Како што сметав дека Република Македонија има капацитет да ги одржи овие значајни избори онака како што поминаа, верувам дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза и ќе претставуваат почеток на национално помирување во Република Македонија“, рече Иванов.

Пред сè, рече Иванов, им честитам на граѓаните, што покажаа одговорност и излегоа во масовен број да го остварат своето право на глас.

„Годинава, кога одбележуваме 25 години од нашата независност, покажавме демократска зрелост и го потврдивме нашиот капацитет за спроведување на фер, слободни, мирни и демократски избори. Сакам да им честитам на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори – на победниците, и да им честитам на сите партии кои беа вклучени во изборниот процес. Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи – рече тој.

Според него, релевантните домашни и меѓународни институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава. Иванов им честита на сите институции кои, како што рече, одговорно ја завршија својата работа и овозможија регуларност и кредибилитет на изборите.

Поврзани новости