Истражување на НоваТВ: Под сенката на кризата Мијалков ја таргетира нафтената индустрија

Со години важеше за најмоќниот човек во општеството. Неговото име се кажуваше со шепот, а малкумина се осмелуваа јавно да го критикуваат. Припаѓаше на малата моќна група составена и од неговиот братучед како премиер на државата, а со години ги следеа обвинувања за корупција и злоупотреби, како и лично богатење на сметка на државните интереси. Вака НоваТВ го започнува истражувањето во кое открива како доскорашниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, ја таргетира нафтената индустрија.

НоваТВ потсетува дека минатото лето го одбележа политичката криза и тензичните договори кои требаше да доведат до датум за избори. Тие месеци преставуваа турбулентни и немирни времиња не само за политичките, туку и за бизнис интересите. Раководството на најголемиот нафтен гигант во земјава „Макпетрол“ водеше битка за опстанок откако анонимна офшор компанија регистрирана пролетта 2016 во Лондон сакаше да го преземе мнозинскиот пакет акции. Раководството обвини дека овој напад е креиран од моќници во власта, додека политичката партија СДСМ беше уште подиректна, па тие ги посочија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот братучед Сашо Мијалков дека стојат зад обидите преку анонимна компанија со капитал од непознато потекло да се преземе најголемиот нафтен бизнис во земјава.

Додека „Макпетрол“ и адвокатот на офшор компанијата водат јавна војна за тоа кој од чии интереси е воден во борбата за преземање на акциите, на 4 август 2016 година се формира компанијата „Ом Петрол Оил“ со седиште во Ржаничино, Петровец. Нова открива дека оваа компанија понатаму е клучна за да ги идентификува интересите на Мијалков во бизнисот со нафта.