Истрагата е во тек, до кога?

by lali

JaniДодека во јавноста не стивнуваат реакциите за подмолниот напад врз граѓани на Република Македонија, кои беа на одбележувањето на двегодишнината од отвoрањето на канцеларијата на ЛГБТ заедницата, а дописот од градоначалникот на Центар само нѐ потсети дека истрагата за напаѓачите на општината сѐ уште е во тек, ни се случи нов напад. Овојпат, на мета беше Владата на Република Македонија, поточно нејзината фасада, на зградата мислам.

Изгледа виде народот дека не се гони никој во државата за напад, па си вика ај ќе пукам накај Владата со два проектила. Зошто? – Па, не ми се допаѓа.

Но, шегата настрана, се работи за зграда на владата во државата во која живеам, и тоа не е баш за смеа. Нападот на една влада никако не е за потценување, но? Сепак, тоа важи доколку има сериозен пристап од државните институции. По такво нешто, во секоја сериозна држава се имплементира план да се подигне заштитата и безбедноста на другите државни институции, на пример, некое возило пред Собрание, министерства, Народна банка.

За Хорхе не мора да се трошат ресурси, тој и така никој не знае каде е, кога нема некоја – ијада. Потребно е некој со изјава да го смири народот, но како што молчеше Груевски за претходните напади, молчи и за овој. Ниту, пак, гледам дека ја прекинал посетата низ Европа и загрижен итно се вратил дома. И додека заминува полноќ и почнува новиот ден и ги пишувам овие редови, сѐ уште нема ништо конкретно, ниту некој презема одговорност за нападот, ниту власта даде кредибилна анализа. Затоа мислите нѐ враќаат во летото 2007-та, кога и тогаш со два проектила беше нападната Владата, но и за тоа истрагата е во тек. Истрагата е во тек и за кршењето со токмаци на споменик во Скопје. Се наталожија истраги кои се во тек.

Секако, за да има тема за муабет плус и загриженост меѓу граѓаните, без разлика што нема никаква официјална државна информација, „некои” експерти новинари веднаш напишаа дека проектилите доаѓале од Кале со јасна асоцијација. Затоа премиерот има обврска плус да ја смири јавноста, секако доколку нема план да почне повторно „напаѓачка“ реторика кон ДУИ, а потоа како и досега, тоа да заврши со предвремени избори. Впрочем и за кршењето на црквата на Кале истрагата сѐ уште е во тек.

Загрижен сум дека ваквата ситуација со истраги кои се во тек и никако не завршуваат, ќе охрабри многу незадоволници од нешто да удрат по она што не им се допаѓа. Замислете држава во која се напаѓаат граѓани на Република Македонија поради тоа што на некои не им се допаѓа како се облечени, каква музика слушаат, за кого навиваат или, пак, гласаат? Затоа, не само изјава од премиерот со осуда на сите инциденти, ни треба власт во која „Истрагата е уште во тек“ нема да биде најчеста реченица и алиби.

Се разбира, двата проектила кон Владата ќе ја дефокусираат јавноста од вистинските проблеми и од суровата сиромашна реалност. Реалност во која власта се фали со минимална плата од 8.800 денари, а синдикатот нѐ убедува дека минималната плата расте побрзо од потрошувачката кошничка. кажа првиот синдикалец и остана претседател. Да биде лицемерието поголемо, во исто време бомбардирани сме од спотови за здрава храна. Можеби се за здрава храна, ама нѐ третираат како сите да сме нездрави. Во земја каде што според надворешни анализи 180.000 граѓани живеат со 40 денари на ден, преку прескапи спотови, продукциски одлични, снимени уште летово, ни нудат рецепти со исклучиво ладно цедено маслиново масло (800 денари литар), вргањ (600 денари), бадеми и сл. Или 3.720 денари за еден ручек, односни 42 отсто од минималната плата, ама за здрав ручек.

Кога зборуваме за минимална плата, и без двата проектила еден закон не доби доволно внимание што го заслужува, а тоа е Законот за ТИРЗ (технолошко развојни индустриски зони). Законот го промовираше Пешевски како еден од промоторите на здрава храна.

Имено, владата на грбот на сите граѓани и на штета на буџетот (без разлика што владата не ја зборува вистината, а пратениците на власта не читаат) воведува одредби со кои некои од сегашните корисници, со едноставно пререгистрирање на дејноста дефинирана како „Продуктивни почетни инвестиции“, ќе може и во следните 10 години да не плаќа данок на добивка од 10 отсто и да не плаќа придонеси за вработените и секако само минималец за вработените. Ако не знаат пратениците од власта, и едното и другото се прилив во буџетот, а втората ставка се и извор за финансирање на општините.

Значи, откако на некои од сегашните странски компании ќе им заврши медениот месец од неколку години, ќе си регистрираат нова фирма и уште 10 години ќе прават профит без да платат ништо, освен платата од 8.800, која, според насоките на премиерот, работникот ќе ја потроши за 2,5 оброци, ама здрави. Потоа ќе му остане само нездравиот воздух да го дише.

Покрај тоа на фирмите им се нуди и да си го купат земјиштето. Цена? – „Ало Бинг, овде брат, цена, права ситница“.

Да потсетам, се работи за државно земјиште со комплетна инфраструктура изградена од пари на граѓаните. Тука доаѓаме до еден предлог што во континуитет го давал СДСМ, а тоа е овие услови да важат и за домашните компании. Зошто, на пример, една ИТ-фирма од Македонија, 10 години да нема исти услови како некоја ноу нејм англиска (под услов навистина да е англиска) ИТ компанија?!

Одговорно тврдам имаме десетина фирми кои под такви услови би исплаќале далеку поголема плата од минималецот на синдикалецот и на премиерот. Секако, не само од таа област. И на крај, овие законски измени и можноста на странските компании да купуваат земјиште во ТИРЗ се почетен предуслов за слободните финансиски зони кои се под лупа на Брисел и на Европската комисија и за кои Венецијанската комисија стави јасни забелешки. Некој од „инвеститорите“ ќе си отвори нова фирма со друга дејност и уште нови 10 години има, не само поволности и помош од државата, туку и земјиште за багателна цена. Ова е само уште еден трик на владата да ја прикрие од Европа активноста околу трансферот на Белизе во Македонија.

Дали ова вреди за два лажни проектили, со истрага која трае, хм? Јавноста бара брзо откривање и на сторителите и на мотивите.

Поврзани новости